Една година откако вселенскиот телескоп Хабл ја детектираше најоддалечената ѕвезда во универзумот, Еарендел, телескопот Џејмс Веб ја презеде фугуративната палка за од поблиску да ја проучи и да ги истражи нејзините карактеристики.
Нешто повеќе од една година по набљудувањето на Хабл најоддалечената ѕвезда што некогаш била забележана (барем досега), со име коешто на староанлиски значи Утринска ѕвезда,таа се најде во фокусот на набљудувањата на телескопот Џејмс Веб, со помош на кој беа направени серија софистицирани слики од објектот, што, како во временска машина, нè носат назад во времето кога ѕвездата била стара „само“ милијарда години.
А гравитациска леќа + телескоп Џејмс Веб значи... дека може да се проучи оваа ѕвезда, сместена во галаксијата Лак на изгрејсонцето (Sunrise Arc) – всушност, најзголемената галаксија досега која настанала во првите милијарда години од Универзумот. Имено, високата технологија на телескопот беше потпомогната од природниот феномен познат како гравитациска леќа, кој накрактко кажано, овозможува природно зголемување на многу (ама навистина многу) далечните објекти чијашто светлина се меша со објект со голема маса, како што се една или повеќе галаксии.
Ефектот “гравитациска леќа” може да се манифестира во неколку различни форми, во зависност од хомогеноста на масата од објектот во улога на леќа, па наблудувач од Земјата може да го види светлинскиот извор или во форма на прстен, или во форма на светли лакови (сегменти од прстен), или како мултиплицирана слика во вид на неколку светлински извори. Сите тие облици носат заедничко име “Ајнштајнови облици. За овој феномен подетално објаснување може да прочитате во написот Гравитациски леќи во ЕМИТЕР 9/2021
Обата вселенски телескопа, и Хабл и Веб, беа во моќност да го откријат и потоа набљудуваат Еарендел благодарение на порамнувањето на ѕвездата со галаксичкото јато WHL0137-08. Ова јато, сместено помеѓу нас и ѕвездата, е толку масивно што го деформира време-просторот, со што овозможува набљудување на објектите “зад него”, делувајќи како вселенска лупа. Според направените анализи, ѕвездата Еaрендел претрпува зголемување од најмалку 4000 пати.
Инструментот на Веб со блиска инфрацрвена камера (NIRCam) открива дека ѕвездата Еарендел е „масивна ѕвезда од типот Б“, повеќе од двапати потопла од нашето Сонце и околу милион пати посветла од него. Честопати ѕвездите со оваа маса имаат и придружни ѕвезди. Астрономите секако не очекуваа Веб да ги открие придружниците на Еарендел, бидејќи ако ѕвездата имаше придружници тие ќе беа толку блиску што нема да биде возможно да се разликуваат. Но, врз основа на боите на Еарендел што ги детектираа инструментите од телескопот Веб, астрономите претпоставуваат дека може да добијат „навестувања“ за присуство на постудена придружна ѕвезда.