Галаксиите имаат главно по едно единствено јадро, но сликата дадена во прилог наликува на галаксија со дури 5 јадра, распоредени во облик на лист од детелина!? Меѓутоа, тоа не се јадра од галаксија, туку фатаморгана; всушност светлинска слика од еден единствен светлински извор, мултиплициран под дејство на феноменот наречен “гравитациска леќа”, кој се базира на искривување на светлинските зраци кога тие поминуваат покрај некој многу масивен објект (види во ЕМИТЕР 9/12 – “Гравитациски леќи”).
Светлинскиот извор на сликата е квазар со каталошки број Q2237+0305, тој се наоѓа далеку зад една масивна спирална галаксија, која игра улога на гравитациска леќа. Двата објекта лежат на права линија со Земјата, која се наоѓа во фокусот на леќата. Да се потсетиме, квазари се најдалечни познати објекти во универзумот, лоцирани на самиот негов раб, всушност јадра на загадочни галаксии, карактеристични по својата хиперлуминисценција во видливото подрачје и во радиоподрачјето (ЕМИТЕР 1/2003 – “Енигмата на квазарите”).
Ефектот “гравитациска леќа” може да се манифестира во неколку различни форми, во зависност од хомогеноста на масата од објектот во улога на леќа, па наблудувач од Земјата може да го види светлинскиот извор или во форма на прстен, или во форма на светли лакови (сегменти од прстен), или како мултиплицирана слика во вид на неколку светлински извори. Сите тие облици носат заедничко име “Ајнштајнови облици” во чест на Алберт Ајнштајн, кој го предвидел овој ефект во својата Теорија за релативитетот, пред феноменот да биде практично детектиран.
Обликот на сликата во прилог е наречен Ајнштајнов крст (Einstein cross). Светлинскиот објект во центарот на сликата е далечната галаксија, главната гравитациска леќа, а четирите светли објекти коишто ја опкружуваат неа се мултиплицирана слика од светлинскиот извор, квазарот, лоциран далеку зад галаксијата. Многубројните светли точки на сликата се дополнителни мултипликанти од дополнителен ефект т.н. “микрогравитациска леќа”, предизвикан од поединечни ѕвезди од галаксијата.
Феноменот “гравитациска леќа” за научниците претставува важна алатка, која им помага во откривањето на тајните на универзумот.