Рубрика: Астрономија и астронаутика
Прва спектакуларна снимка на црна дупка што исфрла моќен енергетски млаз
Објавено на 28.04.2023 - 16:45

Виолетовата “мачканица” на сликата од блиската радиогалаксија нам можеби и не ни изгледа кизнае како, но за научниците таа е мошне возбудлив прв поглед во непознатото. Имено, сликата ја прикажува сенката на супермасивната црна дупка во центарот на галаксијата Месиер 87 (М87) заедно со моќниот енергетски млаз кој излегува од неа...

Како што забележува д-р Ру-Сен Лу од Шангајската астрономска опсерваторија во Кина, „Претходно, ги видовме и супермасивната црна дупка и млазот далеку од неа на одделни слики, но сега, со новата слика добивме панорамски поглед на црната дупка заедно со нејзиниот енергетски млаз во нов набљудувачки опсег“.

Црните дупки се познати по тоа што прават ги вшмукуваат околните објекти, но тие исто така можат да произведат и неверојатно моќни астрофизички енергетски млазеви коишто, всушност, претставуваат експлозивни емисии на јонизирана материја кои можат да патуваат со брзина блиска до брзината на светлината. Но, природата на овие изблици на материја е сè уште загадочна – научниците знаат дека млазевите потекнуваат од црните дупки, но механизмот што стои зад нивната појава воглавно сè уште претставува мистерија.

Комбинирана GMVA+ALMA слика на централниот регион на црната дупка во Месиер 87, добиена на 14-15 април 2018 година со набљудувања на бранова должина од 3,5 mm, којашто го прикажува млазот и централниот прстен со дијаметар од 64 микролачни секунди. Слика: R.-S. Lu (SHAO), E. Ros (MPIfR), S. Dagnello (NRAO/AUI/NSF)

Новата слика не може да објасни сè, но ја прикажува основата на енергетскиот млаз што се поврзува со материјата што се врти околу црната дупка, нешто што досега никогаш не било видено.

Оваа нова слика ја комплетира претходната, прикажувајќи го регионот околу црната дупка и млазот во исто време“, додава Џе-Јанг Ким од Националниот универзитет Кјунгпук во Јужна Кореја и Институтот за радиоастрономија Макс Планк во Германија.

Сликата е добиена во најголем дел со користење на Глобалната милиметарска VLBI низа (GMVA), како и фазната голема милиметарска/подмилиметарска низа Атакама и Гренландскиот телескоп за анализа на црната дупка во радиобранова должина од 3,5 mm.

Се работи за малку поинаков начин на набљудување од оној што беше изведен со телескопот Event Horizon пред некоја година кога беше добиена првата слика од црна дупка (види Прва слика од црната дупка во срцето на нашата галаксија, Претставени првите фотографии на црна дупка, Фотографиите од црната дупка откриваат како таа се менува, Жената што го создаде алгоритамот за фотографијата на црната дупка).

Уметнички приказ одблиску на акрецискиот проток и млазот што излегува од регионот на црната дупка во Месиер 87. Слика: Софија Дањело, NRAO/AUI/NSF

Тогаш беше користен 1,3 mm опсег, што овозможи приказ на прстенестата структура околу црната дупка. Но, сликата добиена со користење на радиоопсегот од 3,5 mm го покажува и густото јадро. Употребата на оваа различна бранова должина, исто така, покажа и дека сенката на црната дупка има поголем прстен од оној што беше откриен при набљудувањата со телескопот Event Horizon.

Со значително подобрените можности за сликање што ги поседува GMVA, добивме нова перспектива. Го гледаме реално трокракиот енергетски млаз кој знаевме дека постои од претходните набљудувања направено со VLBI“, вели д-р Томас Крихбаум од Макс Планк Институтот за радиоастрономија. “Сега можеме да видиме како млазот излегува од емисиониот прстен околу централната црна дупка и можеме да го измериме и дијаметарот на прстенот и во друга бранова должина“, додава тој.

Се разбира, ова не е крајот на приказната. Тимот се надева дека ќе продолжи уште подетално да го истражува механизмот на лансирање на енергетските млазеви од црната дупка. Имено, како што научниците најавуваат, следно на ред е проучување на радиобојата на млазот и сенката на црната дупка, како и мерења на поларизацијата, кои ќе го откријат магнетното поле.

Истражувањето е објавено неделава во Nature.

Клучни зборови:
Уметнички приказ одблиску на акрецискиот проток и млазот што излегува од регионот на црната дупка во Месиер 87.

Уметнички приказ одблиску на акрецискиот проток и млазот што излегува од регионот на црната дупка во Месиер 87. Слика: Софија Дањело, NRAO/AUI/NSF

Комбинирана GMVA+ALMA слика на централниот регион на црната дупка во Месиер 87, добиена на 14-15 април 2018 година со набљудувања на бранова должина од 3,5 mm

Комбинирана GMVA+ALMA слика на централниот регион на црната дупка во Месиер 87, добиена на 14-15 април 2018 година со набљудувања на бранова должина од 3,5 mm, којашто го прикажува млазот и централниот прстен со дијаметар од 64 микролачни секунди. Слика: R.-S. Lu (SHAO), E. Ros (MPIfR), S. Dagnello (NRAO/AUI/NSF)