Нè очекува светла иднина – новиот сателит е толку голем, што речиси секој ќе може да го види и препознае на ноќното небо – ете, толку е огромен и светол. Но, токму тука лежи и еден огромен проблем за астрономите – светлосниот отсјај од комуникацискиот сателит се очекува да биде толку светол што може да ги засени сите ѕвезди и планети.
Викендов што измина, ракетата Фалкон 9 на SpaceX лансираше џиновски сателит во вселената, тоа е BlueWalker 3 на американската компанија AST SpaceMobile (конкурентот на SpaceX), и негова задача е да обезбеди орбитална широкопојасна мобилна мрежа за проектот SpaceMobile. Ова е само еден од повеќето сателити што се планирани како дел од сателитската констелација SpaceMobile, а некои од нив ќе бидат дури и поголеми од BlueWalker 3.
„Причината зошто нашиот сателит е голем е затоа што кога комуницирате со телефон со мала моќност и мала внатрешна јачина, она што ви е потребно е голема моќна антена од другата страна, и токму таа е критичен дел од нашата инфраструктура“, изјави за space.com Скот Вишњевски, главен директор за стратешко планирање во AST. Како што тој откри оваа констелација сателити треба на нивните корисници да им овозможи нормална непречена комуникација со технологијата /телефонот што во моментот го поседуваат.
Уметничка визија на целосно отворениот сателит BlueWalker 3 во земјината орбита
Иако сево ова е потенцијално возбудливо за оние што имаат потреба од постојана поврзаност, постојаното присуството на голем и светол објект во орбитата на Земјата е причина за голема загриженост во астрономската заедница. А ова особено станува оправдано ако се има предвид писанието во New Scientist коешто укажува дека сјајот од сателитот „може да ги засени сите ѕвезди и планети на ноќното небо“.
А тоа е затоа што сателитот е навистина огромен и неговата рефлективна површина ќе обезбеди постојан блесок на небото. Имено, откако сателитот ќе се отвори во целост, што треба да се случи во следните неколку недели, вкупната површина на антенската низа ќе изнесува 64 m2, односно тоа е квадрат со страни од 8 метри – што претставува најголема антена во орбита околу Земјата.
Целосно распосланата антена на BlueWalker 3 во лабораториите на Земјата
Имајќи ги предвид плановите за поставување на поголем број вакви огромни сателити во орбитата, иднината на космички набљудувања со земски оптички телескопи е навистина загрозена со оглед на светлосното загадување што новите објекти ќе го предизвикаат на ноќното небо. Но, ова е само продолжение на проблемите што се јавија од пред неколку години кога сателитската констелација Starlink на SpaceX почна да влијае врз работата на астрономите.
Ракетата Фалкон 9 во својот товар викендов носеше и нова ‘тура’ Starlink сателити, со што нивната бројка порасна на преку 2200 активни сателити во орбитата, а како што најавија SpaceX ова е едвај половина од сите сателити што тие сакаат да ги постават како дел од нивниот проект за супербрз интернет достапен до секоја точка на земјината топка. Како куриозитет треба да се спомене и тоа дека околу половина од сите сателити што во моментов се во орбита околу Земјата се сателити на Starlink.
Сателонот Ехо 1 на НАСА за време на тестирањата
Ваквиот ‘калабалак’ во земјината орбита ги засега и радиоастрономите. Како што неодамна Алан Дафи изјави за ScienceAlert „комплетираната констелација на сателити Starlink најверојатно ќе значи крај на микробрановите радиотелескопски набљудувања од површината на Земјата со коишто небото се скенира во потрага по бледи радиообјекти“.
Во моментов, астрономите се организираат во група којашто треба да се фати во костец со овој проблем. Групата наречена „IAU центар за заштита на темното и тивко небо од пречките на сателитските констелации“. Се работи за огромен напор, што освен технолошки интервенции, ќе значи и тешки разговори (и преговори) со водечките технолошки гиганти во потрага по решение што ќе биде прифатливо за сите. Но, за среќа, ниту астрономите ниту пак научниците не бегаат од тешки проблеми.