Познатиот астроном и ветеран во доменот на потрага по вонземска интелигенција, Френк Дрејк почина на 2 септември оваа година, во неговиот дом во Аптос, Калифорнија, на возраст од 92 години. Веста за неговата смрт ја објавија неговата ќерка Надја Дрејк, научна новинарка, и Универзитетот во Калифорнија Санта Круз, каде што тој беше почесен професор и поранешен декан за природни науки.
Френк Доналд Дрејк е роден во Чикаго на 28 мај 1930 година, како најстар од три деца. Неговиот татко Ричард бил хемиски инженер, а неговата мајка Винифред била професорка по музика.
Отсекогаш бил заинтересиран за хемијата и електрониката, како и за астрономијата. Се запишал на Универзитетот Корнел како стипендист од Корпусот за обука на резервни офицери на американската морнарицата. Во 1952 година се стекнува со диплома по инженерска физика. По три години поминати како офицер за електроника на крстосувачот на американската морнарица, У.С. Олбани, д-р Дрејк се запишал на постдипломски студии на Харвард, каде успешно магистрира, а потоа во 1958 година, се стекнува и со титулата доктор по астрономија.
Негово прво работно место по Харвард е во американската Национална радиоастрономска опсерваторија во Грин Бенкс.
Френк Дрејк беше вклучен во СЕТИ од самите почетоци
Во 1960 година Френк Дрејк го насочи радиотелескопот во Грин Бенкс кон еден ѕвезден пар (Тау Цети и Епсилон Еридани), надевајќи се дека ќе открие сигнали од вонземски цивилизации. При првата потрага, во рамките на Проектот Озма, тој и неговиот тим го “ослушнуваат небото” во траење од два месеци, трагајќи по радиобранови со комплексна, уредна шема, за коишто би можело да се претпостави дека претставуваат пораки од некоја вонземска цивилизација. Овој проект на некој начин го поттикна и следниот проект, СЕТИ – потрагата по вонземска интелигенција којашто е сè уште во тек.
Колку вонземски цивилизации би требало да постојат во моментов во нашата сопствена галаксија? Одговорот на ова прашање, уште во далечната 1961 година, се обиде да го даде астрофизичарот Френк Дрејк. Неговиот одговор беше во вид на равенка со повеќе променливи параметри, равенка што влезе во легендите на потрагата по вонземска цивилизација и што денес го носи неговото име – Дрејкова равенка.
Со ова тој стана член на ексклузивниот клуб на физичарите кои опишале некоја состојба преку равенство што подоцна го добило нивното име – како што се, на пример, Алберт Ајнштајн, Џејмс Максвел и Ервин Шредингер, да споменеме барем неколку од нив. Но, за разлика од споменатите физичари, Дрејковата равенка не дава дефиниција за некоја природна појава или состојба, туку обединува неколку емпириски познати со помалку или повеќе познати веројатности за да даде проценка за одредена состојба – вонземски цивилизации што го делат ова парче од космосот во исто време со нас.
Френк Дрејк ја испишува неговата равенка за проценка на бројот на технолошки напредни цивилизации кои е можно да постојат во рамките на нашата галаксија
Со користење на повеќе веројатни проценки како параметри во равенката, Дрејк ќе дојде до заклучок дека веројатно едвај 10 планети во нашата галаксија се во можност да емитуваат сигнали што би биле доказ за постоење на интелигентен живот а коишто ние би можеле да ги детектираме.
Карл Саган и Френк Дрејк ќе ги дизајнираат и златните дискови кои се сместени на леталата Пионир 10 и Пионир 11, чијашто единствена намена е испраќање на поздрав и информирање на вонземјаните за постоењето на човештвото, под претпоставка дека овие сонди можеби евентуално ќе бидат пресретнати и “собрани” некаде во меѓуѕвездениот простор.
Дрејковата равенка и што е што во неа
Д-р Дрејк беше самото олицетворение на космичкиот оптимизам. Тој никогаш не се поколеба во своето верување дека ако луѓето чекаат доволно долго и ако упорно бараат, дека ќе можат да ги премостат огромните меѓуѕвездени простори со помош на радиобрановите. Во својата книга „Интелигентен живот во вселената“, објавена во 1962 година, тој напиша:
„Во овој момент, со речиси апсолутна сигурност, на Земјата пристигаат радиобранови испратени од други интелигентни цивилизации. Може да се изгради телескоп кој, насочен кон вистинското место и нагоден [за ослушување] на вистинската фреквенција, би можел да ги открие овие бранови. Еден ден, од некаде меѓу ѕвездите, ќе дојдат одговорите на многу од најстарите, најважните и највозбудливите прашања што ги постави човештвото.”
Но, досега тоа не се случило.
Повеќе за работата на Френк Дрејк и СЕТИ во списанието и на порталот на ЕМИТЕР може да најдете тука и тука