Моментот што го чекавме пристигна. Како што беше планирано, на посебен настан во Белата куќа, американскиот претседател Џо Бајден ја презентираше првата научна слика во боја од вселенскиот телескоп Џејмс Веб – најмоќната опсерваторија досега лансирана во вселената.
Фотографијата, именувана како Првото длабоко поле на JWST, го прикажува галактичкото јато SMACS 0723 во досега невидени детали. Се работи за фотографија на инфрацрвениот спектар со досега највисока резолуција. Сликата што се фокусира во една точка на небото открива илјадници галаксии, вклучувајќи ги и најбледите објекти.
Кластерот SMACS 0723 беше избран меѓу првите објекти за набљудување со JWST бидејќи е речиси совршена цел за проучување на раниот универзум, што една од целите поради кои беше создаден овој досега најмоќен телескоп.
Имено, за окото на JWST да погледне подлабоко во универзумот од која било опсерваторија пред него, а со тоа и најдалеку во минатото. и да може да ги види првите галаксии и ѕвезди, тој се служи со феноменот на гравитациски леќи – масивни космички објекти што ја закривуваат светлината од далечните галаксии овозможувајќи нивно полесно проучување (за овој феномен поподробно во текстовите тука и тука). Една таква гравитациска леќа е и галактичкото јато SMACS 0723, познато по својата неверојатна маса – само нејзината централна галаксија има 358 милијарди пати поголема маса од онаа на нашето Сонце.
Објектот се наоѓа на оддалеченост од 4,2 милијарди светлосни години и претствува совршена леќа за проучување на галаксиите што постоеле пред 13,5 милијарди години, коишто се видливи на фотографијата како лакови или мултиплицирани слики од истата галаксија. Со помош на вселенскиот телескоп Хабл веќе беа проучувани повеќе такви системи, а сега со телескопот JWST тие ќе можат да бидат набљудувани од уште "поблиску".
На прес конференцијата на НАСА, закажана за денес, ќе бидат објавени уште четири слики од вселенскиот телескоп Џејмс Веб што ќе го покријат секој аспект од научните теми на опсерваторијата.
Овие првични набљудувања се само предвесник на она што може да го очекуваме во иднина од JWST. Астрономите и научните институти ширум светот од него ќе добиваат податоци што ќе го прошират нашето знаење за раниот универзум како никогаш досега, а возбудата во научната заедница е опиплива.