Кинeскиот државен журнал Science and Technology Daily објави дека кинескиот џиновски телескоп Sky Eye можеби забележал знаци на вонземски цивилизации. Но, во контроверзен пресврт сензационалната вест и извештајот со објавите за откритието мошне бргу беа отстранети од сајтот. Дали Кина крие дека стапила во контакт со вонземјаните или можеби кинеските научници забележале грешка во наодите?
Во јуни 2020 година беше најавено дека Кина наскоро ќе пренесе голем дел од процесорската моќ на својот радиотелескоп со дијаметар на чинијата од петстотини метри (FAST) во потрага по вонземски сигнал. Сега се чини дека телескопот можеби открил нешто.
Електромагнетните сигнали со тесен опсег, откриени од Sky Eye (најголемиот радиотелескоп во светот) се разликуваат од претходните забележани сигнали и тимот дополнително ги истражува, се вели во извештајот објавен на сајтот на Science and Technology Daily, цитирајќи го Жанг Тонџи, главен научник во тимот за потрага по вонземска цивилизација. Извештајот набргу беше избришан, но во него се шпекулираше дека џиновскиот телескоп Sky Eye можеби детектирал навестувања за постоењето вонземски цивилизации. Засега не се знае зошто извештајот е избришан, но тој беше доволно долго достапен онлајн за да може го преземат и пренесат други извори на вести.
Огромниот радиотелескоп по пет години градба беше завршен и пуштен во употреба во 2016 година (види ЕМИТЕР 9-10/2016, “Кина го пушти во работа најголемиот радиотелескоп во светот”). Иако “чинијата” има пречник од 500 метри, вообичаено радиотелескопот истовремено користи само еден дел од 300 метри за да се фокусира на небото, бидејќи чинијата на радиотелескопот е неподвижна.
Во сега веќе избришаниот извештај го цитираше Жанг Тонџи тврдеше дека неговиот тим во 2020 година забележал две групи сомнителни сигнали додека ги испитувале податоците собрани во 2019 година, а потоа откриле уште еден сомнителен сигнал во 2022 година од податоците добиени од егзопланети.
Во 2020 година, Жанг откри дека неговиот тим ќе се фокусира на некои „интересни теснопојасни кандидатски сигнали за ЕТ“ кои проектот SETI дополнително ќе ги испита со помош на FAST. Сепак, тој во тоа време прецизираше дека сигналите на кандидатот веројатно не потекнуваат од интелигентен живот. Тој понатаму советуваше дека, во потрагата по вонземска интелигенција, многу мала е веројатноста дека проектот успешно ќе обезбеди опипливи резултати во првите обиди.
Астрономите постојано снимаат карактеристични радиосигнали од најдалечните делови на универзумот. Всушност, на овој начин за првпат беа откриени и пулсарите, што го поттикна интересот на научниците кон нови откритија со помош на радиоастрономски набљудувања.
Парадоксот на Ферми вели дека со оглед на бројот на планети погодни за живот кои се предвидува дека постојат само во рамки на Млечниот Пат (види “Вонземјани – според дрејковата и сиџеровата равенка”), досега веќе требаше да откриеме знаци од други цивилизации во космосот. А, сепак, барем официјално, досега нема ништо од тоа. Како е ова можно? Па, како прво универзумот е голем – ама навистина многу голем – така што патот на евентуалните сигнали од вонземјаните до нас на Земјата е исполнет со неизвесности и потешкотии. А второ, можеби засега немаме доволно напредни алатки што ќе овозможат детекција на постоечките испратени сигнали.
Дали кинескиот телескоп FAST може да го реши овој проблем? Дали радиотелескопот навистина открил нешто, и ако е така, зошто сега откритието би го чувале во тајност?
Во меѓувреме додека очекуваме конечен демант или потврда за откритието, не е на одмет да се потсетите за тоа “Како да препознаете вонземско ѓубре на небото”