Рубрика: Астрономија и астронаутика
Соларната сонда Паркер – прво вселенско летало што го допре Сонцето
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 15.12.2021 - 13:45

Астрофизичарите штотуку објавија дека соларната сонда Паркер на НАСА го направи она што некогаш се сметаше за невозможно – да се допре Сонцето. На 28 април 2021 година, леталото стана првиот објект направен од човек што влезе во надворешната атмосфера на Сонцето, короната. За да појасниме, се работи за онаа "аура" од исклучително врела плазма којашто е видлива од Земјата за време на целосно затемнување на Сонцето, и којашто се протега со милиони километри од површината на самото Сонце кон надвор. Оваа екстремна средина, со силни магнетни полиња и температури повисоки од еден милион степени Целзиусови е, мистериозно, многу потопла од самата површината на Сонцето чијашто температура е “едвај” од 5500 °C. Сондата помина пет часа потопена директно во плазмата на короната. Мерењата што таа ги направи се очекува да доведат до нови сознанија за физиката на короната и за формирањето на сончевиот ветер.

Трудот во кој се известува за успехот на сондата, беше објавен вчера во Physical Review Letters, а тој беше најавен и на есенскиот состанок на Американската геофизичка унија за 2021 година.

Уметничка визија на сондата Паркер пред да нурне во сончевата корона (фото: NASA)

Соларната сонда Паркер беше лансирана во 2018 година.  Движејќи се кон Сонцето со брзина до 700 000 km/h, таа стана досега најбрзиот објект направен од човек. За да се забави сондата сврте неколку круга околу Венера, а потоа влезе во орбита околу Сонцето. Оттогаш таа неколкупати се приближуваше до него (види тука и тука). Сега, за време на својата осма блиска средба со Сонцето, леталото се спушти доволно блиску за да го “допре“.

Надворешната атмосфера на Сонцето, всушност, започнува со критичната површина Алфвен. Во короната, силните магнетни полиња ја врзуваат плазмата и го спречуваат сончевиот ветер да избега, но во точката Алфвен сончевите ветрови можат да ја надминат критичната брзина и експлозивно да се ослободат минувајќи низ Сончевиот систем кон меѓуѕвездениот простор.

Фотографија на сончевата корона направена од Мадрас, Орегон, за време на целосното затемнување на Сонцето од 21 август 2017 година. Црвената светлина ја емитуваат наелектризираните честички железо на температура од 1 милион Целзиусови степени, а зелената оние на температура од 2 милиони Целзиусови степени. (фото: M. Druckmulluer)

Според истражувачите вклучени во проектот Паркер, во моментов е “многу тешко да се прецени” значењето на она што го постигна соларната сонда Паркер. Имено, се работи за настан за којшто досега многу хелиофизичари само сонувале.

Повеќе од 50 години, од почетокот на вселенската ера, хелиосферската заедница расправа за загатката на сончевата корона, поточно како таа успева да се загрее до температура од над милион степени целзиусови којашто го поттикнува сончевиот ветер. Првите мерења на субалфвенскиот сончев ветер можеби ќе претставуваат огромен чекор напред во разбирање на физиката што стои зад забрзувањето на сончевиот ветер.

Со секое сè подлабоко навлегување во внатрешноста на Сонцето сондата Паркер носи нови откритија за нашата матична ѕвезда.

Во текот на петте часа што Паркер ги помина под критичната површина Алфвен, сондата направи неколку интересни откритија. На изненадување на истражувачите, беше откриено дека критичната површина е “збрчкана”. Притоа најголемата “бразда” била создадена од псевдостример – голема магнетна структура што ја турка критичната површина Алфвен подалеку од Сонцето, нешто што истражувачите во моментов не знаат да објаснат зошто се случува.

Сондата откри и помало “превртување” – ненадејна промена во магнетното поле на Сонцето – под критичната површина Алфвен, што може да значи дека овие пресврти не излегуваат надвор од короната. Исто така, имало знаци на “засилување на моќноста” во короната што би можело да ги забрза сончевите ветрови.

Откако беше постигнат овој прв значаен момент во мисијата на Паркер, сондата во наредните прелети ќе се спушта сè подлабоко понатаму во атмосферата на Сонцето и притоа ќе поминува сè подолго време во неа.

Решавање на мистеријата на Сонцето
Клучни зборови:
Уметничка визија на сондата Паркер пред да нурне во сончевата корона

Уметничка визија на сондата Паркер пред да нурне во сончевата корона (фото: NASA)

Уметничка визија на сондата Паркер пред да нурне во сончевата корона (фото: NASA)

Уметничка визија на сондата Паркер пред да нурне во сончевата корона (фото: NASA)

Фотографија од сончевата корона направена од Мадрас, Орегон, за време на целосното затемнување на Сонцето на 21 август 2017 година.

Фотографија од сончевата корона направена од Мадрас, Орегон, за време на целосното затемнување на Сонцето на 21 август 2017 година. Црвената светлина ја емитуваат наелектризираните честички железо на температура од 1 милион Целзиусови степени, а зелената оние на температура од 2 милиони Целзиусови степени. (фото: M. Druckmulluer)

Со секое сè подлабоко навлегување во внатрешноста на Сонцето сондата Паркер носи нови откритија за нашата матична ѕвезда.

Со секое сè подлабоко навлегување во внатрешноста на Сонцето сондата Паркер носи нови откритија за нашата матична ѕвезда.