Рубрика: Астрономија и астронаутика
Прва блиска средба со Сонцето за сондата Паркер
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 14.12.2018 - 11:15

Сондата Паркер, наменета за поблиско истражување на Сонцето, ја преживеа својата прва блиска средба со Сонцето.

Сондата Паркер беше лансирана на 12 август (за што јавивме тука) и веќе се закити со статусот на најбрзо вселенско летало и најблиску направен прелет до Сонцето, споредено со сите претходни вселенски мисии. Во наредните седум години, планирано е таа да направи 24 блиски прелети крај Сонцето, за на крајот да се спушти на само 6 милиони километри над површината на Сонцето.

При нејзиниот прв прелет, сондата се најде најблиску до Сонцето на 6 ноември, кога беше на висина од околу 24 милиони километри над неговата површина. Оддалеченоста е за двапати поблиска од онаа постигната од страна на сондата Хелиос, исто така наменета за проучување на Сонцето, а којашто беше лансирана во седумдесеттите години од минатиот век. Сондата Паркер се движи со брзина од 375 000 километри на час, и како што претходно истакнавме, ова е најголемата брзина којашто досега ја постигнало едно вселенско летало.

Видеото, направено од вселенската опсерваторија на Сонцето STEREO-A, го прикажува прелетот на сондата Паркер низ Сончевата корона. Ваквите снимки се очекува да им дадат контекст на податоците добиени од сондата Паркер.

Во периодот од 31 октомври до 11 ноември, сондата ја заврши фазата на прва средба со Сонцето, поминувајќи низ неговата надворешна атмосфера, короната, и користејќи четири различни сетови од инструменти, собра низа податоци за нашата матична ѕвезда. Но, бидејќи за време на прелетот сондата се наоѓала на страната на Сонцето спротивна од Земјата (што би се рекло, зад него, гледано од наша страна), таа не започнала со емитување на собраните податоци сè до 7 декември. Веднаш откако сондата Паркер се појавила од зад Сонцето, тимот Паркер ги добил резултатите од првиот поглед во Сончевата корона, направен одблиску. Па така, како што беше објавено на 12 декември, на состанокот на Американската унија на геофизичарите во Вашингтон, податоците конечно стигнаа во рацете на научниците.

Моментот беше долгоочекуван за голем дел од научниците што работат на ова поле. Се очекува овие податоци да дадат нов увид во физиката на Сонцето. Како што истакнал физичарот Нур Рауафи од Лабораторијата за применета физика при Универзитетот Џонс Хопкинс во Лорел, добиените податоци се нешто сосема ново, нешто што никој претходно не бил во состојба да го погледне.

Една од првите фотографии од камерата на сондата Паркер покажува невидени детали на сончевите протоци, коишто претставуваат филаменти од плазма во короната. Тимот се надева дека податоците од сондата ќе помогнат да се добие одговор на прашањето зошто Сончевата корона е околу 300 пати пожешка од неговата површина.

При првата емисија, до научниците ќе стигнат само околу една петтина од податоците снимени за време на првиот прелет на Паркер. Потоа, Сонцето повторно ќе се испречи на патот помеѓу Земјата и вселенското летало. Останатите податоци се очекува да бидат проследени следната година, некаде во периодот од март до мај. Научниците се надеваат дека откако ова еднаш ќе се случи, тие ќе можат веднаш да започнат со објавување на добиените резултати.

Засега не се знае што сè ќе донесат новите податоци од сондата, но она што сите научници го очекуваат е дека со сигурност ќе следуваат нови откритија.

Клучни зборови:
Видеото, направено од вселенската сончева опсерваторија STEREO-A, го прикажува прелетот на сондата Паркер низ сончевата корона. Ваквите снимки се очекува да им дадат контекст на податоците добиени од сондата Паркер

Видеото, направено од вселенската опсерваторија на Сонцето STEREO-A, го прикажува прелетот на сондата Паркер низ Сончевата корона. Ваквите снимки се очекува да им дадат контекст на податоците добиени од сондата Паркер.