Рубрика: Астрономија и астронаутика
Сондата Паркер тргна да го допре Сонцето
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 14.08.2018 - 15:00

Сондата Паркер го допира Сонцето

По одложувањето од еден ден, поради технички причини, сондата Паркер на НАСА, чија цел е истражување на Сонцето, на 12 август тргна кон својата дестинација.

Сондата Паркер го носи името на 91-годишниот научник Јуџин Паркер, соларен физичар, којшто прв во 1958 година го предложил постоењето на Сончевиот ветер – поток од наелектризирани честички чијшто извор е Сонцето. Како куриозитет, сондата Паркер е прво вселенско летало на НАСА коешто носи име на жив научник.

Леталото во следните шест недели ќе биде на пат кон Венера и ќе ја употреби нејзината гравитација за да го забрза своето патување кон Сонцето. Шест недели по оваа средба, некаде на почетокот од месец ноември, се очекува сондата за првпат одблиску да го “запознае” и Сонцето.  Предвидено е да направи 24 орбити околу Сонцето, навлегувајќи при секоја од нив во Сончевата корона, каде што ќе помине по неколку дена, за потоа да се оддалечи во студенилото на вселената и да ги емитува добиените податоци кон Земјата.

Пристигнувањето на првите податоци од сондата за електромагнетското опкружување на Сонцето, наелектизираните честички и врелата плазма, научниците го очекуваат во декември. Од нив се очекува да се добие одговор на повеќе прашања од Сончевата физика, како што се механизмот на забрзувањето на Сончевиот ветер на неговиот пат кон вселената, како и зошто Сончевата корона е многу поврела од површината на Сонцето.

Лансирањето на сондата Паркер во неделата од Кејп Канаверал во Флорида
Клучни зборови:
Сондата Паркер го допира Сонцето

Сондата Паркер го 'допира' Сонцето – уметничка визија

Логото на мисијата Паркер

Логото на мисијата Паркер