Рубрика: Астрономија и астронаутика
Први резултати од мисијата Паркер
Автор: Петар Лагудин
Објавено на 17.12.2019 - 12:45

Мисија којашто дојде најблиску до Сонцето, досега!

Вселенската сонда Паркер (Parker Solar Probe) е амбициозна мисија на американската вселенска агенција НАСА којашто има за цел да ја проучува загадочната надворешна атмосфера на Сонцето наречена “корона”.

Сончевата корона е досега  најнеистражениот дел од Сончевиот систем. Во таа насока во месец август  2018 година, беше лансирана сондата Паркер, којашто во моментов орбитира околу Сонцето по многу елипсеста траекторија – периодично приближувајќи се и оддалечувајќи се од површината на Сонцето. При секое приближување сондата има блиска средба со сончевата корона, во која, според астрономите, се наоѓаат одговорите на неколку енигматични прашања:

1. Зошто Сончевата корона со температура од 3 милиони °C е далеку потопла од површината на Сонцето чијашто температура изнесува едвај 6000 °C?

2. Зошто сончевиот ветар, којшто настанува од коронарната плазма, постојано забрзува како на него да делува некој непознат извор на енергија?

3. Како да се објасни исфрлувањето честички од коронарната маса при максимумите на Сончевата активност? Од лансирањето до сега, сондата има реализирано 3 приближувања кон Сонцето, сите на растојание помало од половината растојание од планетата Меркур до Сонцето, а најновите научни сознанија од тие приближувања се објавени во списанието Nature во 4 посебни написи кои укажуваат дека сончевата атмосфера е многу покомплексна отколку што научниците досега сметале.

Првото изненадување е сознанието дека сончевото магнетско поле е многу “попревртливо” отколку што досега се сметаше, што можеби влијае сончевиот ветар да ја менува неговата брзина, па таа периодично расте и опаѓа, а можеби полето делува и на короната за таа дополнително да се загрева. Исто така, е интересно и откритието дека плазмата има големи турбуленции (непостојаност), кои можеби се вториот начин на којшто енергијата од магнетското поле се пренесува во плазма и притоа таа дополнително да се загрева.

И на крај, најновите сознанија се однесуваат на опасните енергетски честички кои што се исфрлувани од коронарната маса, а кои штетно делуваат на комуникациските и електричните системи на Земјата, дури можат да бидат и потенцијално смртоносни за астронаутите. Овие честички според нивните димензии се премногу мали за да можат да бидат идентификувани од Земјата, додека сондата Паркер е способна нив да ги идентификува. Исто така е чудно дека дисперзијата на овие исфрлени честички не следи пат по права линија помеѓу Сонцето и детекторите во сондата Паркер, што според научниците веројатно е последица од наведената “превртливост” на магнетското поле.

Тоа се првите резултати од наведената мисија, која што е планирана да трае до 2024-та година, време за коешто таа ќе има периодични блиски средби со сончевата корона уште 21 пат, а при секоја средба сè повеќе ќе се приближува кон Сонцето, така што при последната обиколка таа ќе помине најблиску до Сонцето, сè на сè 5,4 милиони km. Научниците очекуваат и други нови сознанија за процесите во сончевата корона.

Клучни зборови:
Мисија којашто дојде најблиску до Сонцето, досега!

Мисија којашто дојде најблиску до Сонцето, досега! 

Мисијата Паркер (Parker Solar Probe).Траекторија на сондата.

Мисијата Паркер (Parker Solar Probe).Траекторија на сондата.