Рубрика: Астрономија и астронаутика
Делумно затемнување на Месечината 19.11.2021
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 19.11.2021 - 16:00

Денес, во утринските часови се случи најдолгото затемнување на Месечината во изминатите 500 години... за жал ние го пропуштивме. Не, не беше тоа поради некоја друга преокупација, едноставно тоа не беше видливо од нашиот регион.

Врвот на делумното затемнување се случи денес во раните утрински часови. Притоа 97 % од Месечината беше затемнета од сенката на Земјата, попримајќи ја карактеристичната црвеникава боја на цигла. Целиот настан траеше неколку часа.

Затемнувањето беше видливо од целата територија на САД, Канада, Мексико, како и од делови од Јужна Америка, Полинезија, Австралија и Кина, соопшти НАСА. Целосно или делумно видливо беше во северните делови на Европа, а нешто пократко од западните делови на нашиот континент, додека од Македонија и регионот не беше воопшто видливо.

Целиот настан започна во 6 часот и 2 минути по Гринич (GMT), и од тој момент набљудувачите од споменатите региони, се разбира оние кои имаа непречен поглед без облаци кон небото, можеа да го набљудуваат навлегувањето на Месечината во земјината полусенка. Во 7 часот и 18 минути (GMT) Месечината почна да навлегува во сенката на Земјата. Карактеристичната боја на рѓа или цигла, веќе беше видлива некаде од 8 часот и 50 минути, за при максимумот на ова делумно затемнување на Месечината, кое се случи нешто пред 9 часот и 23 минути по Гринич, таа да ја добие својата најживописна нијанса.

Месечината излезе од земјината сенка во 10 часот и 47 минути, а целиот настан официјално заврши во 12 часот 3 минути и 40 секунди по Гринич, кога нашиот сателит ја напуши зоната на полусенка.

Зенитот на денешното затемнување на Месечината снимен до100 mm f/9 refractor снимен од Старквил, Мисисипи, САД (фото: Дејвид Випф / Википедија)

За потсетување, карактеристичната црвена боја на Месечината во моментите на затемнување се должи на феноменот познат како Рејлиово расејување. Причината за обојувањето е Земјината атмосфера. Имено, земјината атмосфера повеќе го расејува синиот делот од спектарот на сончевата светлина, а црвената боја проаѓа низ земјината атмосфера и паѓа на Месечината, осветлувајќи ја малку. Од истите причини небото на зајдисонце и изгрејсонце е со портокалова боја. Дополнително за нијансите на црвената боја зависи и количеството прав во атмосферата – колку е поправливо, толку поизразита црвена боја ќе има Месечината. Доколку Земјата би немала атмосфера, Месечината при целосното затемнување сосема би ја снемало.

Денешното делумно затемнување на Месечината траеше повеќе од 6 часа. Последен пат делумно затемнување на Месечината траело толку долго во 1440 година, кога Инките го граделе Мачу Пикчу. (Фото: Бабак Факхамзаде / Unsplash).

За време на ова затемнување, Месечината се наоѓаше во најоддалечената точка од Земјата, што го забави нејзиното привидно движење по небескиот свод, па така ова затемнување траеше навистина долго, вкупно 6 часа и 2 минути.

Претходното најдолго затемнување на Месечината се случи во 2018 година и траеше два часа и 58 минути (фотографии тука) , а последното видливо од кај нас се случи во мај оваа година.

Ова делумно затемнување на Месечината му претходи на целосното затемнување на Сонцето кое на 4 декември оваа година ќе биде видливо од регионот на Антарктикот. Следното затемнување на Месечината е “најавено” за мај 2022 година.

Повеќе интересни податоци за затемнувањата на Месечината и Сонцето може да прочитете во “10 факти за... ЗАТЕМНУВАЊАТА

Клучни зборови:
Зенитот на денешното затемнување на Месечината снимен до100 mm f/9 refractor снимен од Старквил, Мисисипи, САД

Зенитот на денешното затемнување на Месечината снимен до100 mm f/9 refractor снимен од Старквил, Мисисипи, САД (фото: Дејвид Випф / Википедија)

Денешното делумно затемнување на Месечината траеше повеќе од 6 часа. Последен пат делумно затемнување на Месечината траело толку долго во 1440 година, кога Инките го граделе Мачу Пикчу.

Денешното делумно затемнување на Месечината траеше повеќе од 6 часа. Последен пат делумно затемнување на Месечината траело толку долго во 1440 година, кога Инките го граделе Мачу Пикчу. (Фото: Бабак Факхамзаде / Unsplash).