Рубрика: Астрономија и астронаутика
Вчерашното затемнување на Месечината
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 27.05.2021 - 12:30

Затемнувањата на Месечината се случуваат во периодот кога таа поминува во сенката која ја фрла Земјата. Гледано од Сонцето, при целосното затемнување Месечината се наоѓа зад Земјата. Во тие моменти Сонцето, Земјата и Месечината се подредени во (приближно) права линија.

На прв поглед изненадувачки, Месечината иако целосно се наоѓа во Земјината сенка сепак е видлива, но не во својата вообичаена светла бело-сива варијанта, туку во некоја многу темна нијанса на црвена боја. Причината за тоа е Земјината атмосфера. Имено, земјината атмосфера повеќе го расејува синиот делот од спектарот на сончевата светлина, а црвената боја проаѓа низ земјината атмосфера и паѓа на Месечината, осветлувајќи ја малку. Од истите причини небото на зајдисонце и изгрејсонце е со црвена боја. Дополнително за нијансите на црвената боја зависи и количеството прав во атмосферата – колку е поправливо, толку поизразита црвена боја ќе има Месечината. Доколку Земјата би немала атмосфера, Месечината при целосното затемнување сосема би ја снемало.

За разлика од набљудувањето на затемнувањето на Сонцето, набљудувањето на затемнетата Месечина е целосно безопасно. Може да се набљудува директно со голо око и со некој оптички инструменти како двоглед или телескоп.

За жал, вчерашното целосно затемнување на Месечината, коешто се случи додека нашиот природен сателит беше во точка најблиску до Земјата, нè одмина, односно не можеше да се следи од кај нас. Овојпат тоа можеше да се види од областите на источниот дел од Азија, Пацификот и западниот брег на Америка.

Многумина аматери кои беа во тој регион ја искористиле приликата да ја усликаат црвената, “крвава” Месечина, а тука ви презентираме некои од овие фотографии за кои сметавме дека се меѓу најдобрите.

Фотографиите и дел од текстот се преземени од Скопско астрономско друштво

Клучни зборови: