Во 1969 година човештвото направи голем подвиг – двајца астронаути од Мисијата Аполо 11 се спуштија на Месечината на 20 јули и зачекорија по неа на 21 јули 1969 година! Тој триумф на науката и човечкото херојство малку подоцна иницираше една неочекувана и чудна појава – теорија на заговор дека астронаутите не се спуштиле на Месечината и дека тоа е една голема измама на НАСА!? Во оваа серија статии анализираме (и демантираме) повеќе поединечни теми од оваа теорија на заговор, за да може заинтересираните полесно правилно да се информираат, а и да им овозможиме пофокусирано да дискутираат на нашата фејсбук страница за конкретната тема. Во овој седми дел од серијата зборуваме за темата: „Отисокот од чизмата на Олдрин врз месечевото тло“.
7. Отисокот од чизмата на Олдрин врз месечевото тло
Една од најпознатите фотографии кои ги снимија американските астронаути на Месечината секако е отисокот од чизмата од Едвин „Баз“ Олдрин врз прашината (песокот) на Месечината – слика 1. Отисокот ќе биде вечен – на Месечината нема воздух и вода, па нема ни ерозија. Ако некои вонземјани дојдат на Месечината после неколку стотини милиони години, тој отисок сè уште немо, но гордо ќе сведочи: „Ние бевме тука!“.
Слика 1: Отисок од чизмата на Едвин ‘Баз’ Олдрин врз месечевото тло.
Само што сè уште има некои глупави тврдења дека астронаутите не стапнале на Месечината – тоа се истите оние „верници“ кои веруваат дека Земјата е рамна плоча, дека хелиоцентричниот систем е погрешен, дека Теоријата на релативност е само недокажана (или погрешна) теорија, дека вакцините се штетни, дека авионите испуштаат отровни „кемтрејлови“, дека ракетите не можат да минат низ земјината термосфера или низ Ван Аленовиот појас, дека на фотографиите направени од Месечината мора да има ѕвезди на небото, итн. Можеби има некои од тие „верници“ кои не веруваат во сите тие работи заедно, но и да е само една од нив – тоа е доволно да се стекне јасна претстава за нивните „знаења“ и „памет“. Истите тие луѓе веруваат дека познатата фотографија од отисокот на чизмата од Олдрин врз месечевото тло е „доказ“ дека тоа е снимено на Земјата, во студио!? Размислувањето (ако тоа може да се нарече така!) на тие верници е дека таков отисок е можен само ако песокот бил влажен, а бидејќи на Месечината владее вакуум и нема влага, тоа е „доказ“ дека е снимен тука, на Земјата!? На прв поглед навистина изгледа логично, бидеќи во сув песок отисок на чизма нема јасни линии затоа што после кревањето на ногата зрнцата песок ќе се стркалаат од рабовите и се добива нејасен отисок. А во влажен песок зрнцата остануваат слепени (заради влагата) и по кревањето на ногата, па останува јасен отисок со остри рабови, исто како на сликата 1. И тука мозокот на тие „верници“ триумфално запира со размислувањето, останувајќи во голема заблуда. Штета, бидејќи со само малку поголем интелектуален напор (кој за нив најверојатно е невозможен), ќе се сетат дека на Земјата постојаното движење на честичките од тлото под дејство на ветерот и водата резултира во ерозија и заоблување на острите рабови на зрнцата и честичките на песокот и прашината. Затоа на Земјата отисоците на чевлите (чизмите) во сув песок се нејасни, бидејќи зрнцата се заоблени и веднаш се лизгаат и слегнуваат надолу. Отисоците во влажен песок се со јасни и остри рабови, затоа што влажните зрнца се лепат едно на друго и го зачувуваат отпечатокот. Од друга страна, на Месечината нема воздух и вода, па затоа не постои ни ерозија на тлото, така што зрнцата од Месечевиот песок (прашина) имаат остри, назабени рабови кои остануваат такви со милијарди години. Со згазнување на таков материјал, зрнцата се закачуваат едно со друго со острите рабови и остануваат така "залепени" меѓусебно, па така отисокот останува со остро дефинирани рабови.
Слика 2: Микрофотографија од зрнце од месечевото тло.
Слика 3: Стаклени топченца во месечевиот реголит.
Материјалот од површината на Месечината, покрај цврстите карпи и помали камења, составен е од ситна прашина и песок, во сооднос: 10% зрнца помали од 10 µm (микрометри, „микрони“), 40% зрнца меѓу 10 и 100 µm, 40% зрнца меѓу 100 µm и 1 mm и 10% зрнца поголеми од 1 mm. Тој материјал е наречен реголит (regolith) и се разликува од реголитот на Земјата и по својот физичко-хемиски состав, и по морфолошкиот изглед. На сликата 2 може да се види микрофотографија на типично зрнце од месечевиот реголит – остри делови на сите страни! Староста на месечевиот реголит е меѓу 3,1 и 4 милијарди години, што е многу постаро од земјиниот. Уште една важна уникатна карактеристика на месечевиот реголит е што содржи стаклени сферули добиени као резултат на огромните температури добиени како резултат на метеоритското бомбардирање врз месечевата површина – слика 3.
Слика 4: Вселенското одело кое го носел Нил Армстронг на Месечината.
Недостатокот на интелектуален капацитет, внимание, знаење и логика кај „верниците“ во теориите на заговор може да се види и од вториот нивни широко цитиран „доказ“ дека е направено лажирање на слетувањето на Месечината – на сликата 4 е вселенското одело кое го носел Армстронг на Месечината (се гледа дека е „нечисто“ – прекриено е со месечевата прашина!). „Верниците“ хистерично укажуваат на фактот дека ѓонот на чизмите е рамен, а на сликата 1 се гледа дека отисокот има јасно изразени ребра од ѓонот! Ама таа хистерија веднаш ќе исчезне под фактот дека сите астронаути што чекореле по Месечината носеле дополнителни „каљачи“ (overshoe, калоши – навлаки за чевли/чизми) кои ги навлекувале врз чизмите од вселенското одело – слика 5. Долниот дел од тие каљачи имале крупни ребра изработени од силиконска пластика, за да нема ни теоретска шанса да се случи пролизгување на чизмите на месечевата површина. На сликата 6 може убаво да се види долниот наребрен дел од каљачите од Олдрин, додека се симнува надолу од месечевиот модул.
Слика 5: Каљачи за чизмите од астронаутите.
Слика 6: Олдрин се симнува од Месечевиот модул.
Повеќе за мисиите Аполо и за теориите на заговор околу нив можете да прочитате во претходните броеви на ЕМИТЕР: 4-6/2019, 7-8/2009 и 9/2004.
Линк за дискусија
https://www.facebook.com/EmiterSpisanie/posts/pfbid0b4NokYrWQuR91imwriAV...