Рубрика: Медицина
Ефикасноста на Фајзер против Делта сојот
Автор: Дејан Трајковски
Објавено на 10.07.2021 - 20:00

Дали и колку вакцините се ефикасни против Делта сојот на корона вирусот? Ова прашање е важно за да видиме дали вакциналниот сертификат би давал доволна сигурност за патување во странство. Минатата недела имавме анализа за тоа каква е ефикасноста на вакцината Синовак, а сега ќе анализираме каква е ефикасноста на вакцината Фајзер против Делта сојот.

Последниве денови започнав да добивам чудни пораки на Фејсбук, но исто така и неоправдано да ме тролаат некои медиуми за наводно минирање на вакциналната кампања и за емитување дезинформации. Тие што ме следат од порано знаат дека сум најголемиот приврзаник и промотор на вакцинацијата, но недоразбирањето - претпоставувам - го предизвика моето предвидување на ефикасноста на вакцината Синовак во однос на Делта сојот врз основа на математичкиот модел на австралиските научници, објавен во најцитираното списание за претклиничка медицина Nature Medicine. Трудот се вика: „Неутрализирачките антитела се високопредвидливи кај имуната заштита од симптоматска SARS Cov2 инфекција“. Чудно е од каде извира толкавиот презир кон науката и склоноста се да се изполитизира. Да се надеваме дека сето тоа се должи само на неразбирање на работите. Од моја страна, толку сум убеден во сите бројки (за што деновиве добив и потврда), што денеска ќе видиме слична анализа за вакцината на Фајзер.

Инаку, анализата ја направив како доказ дека сертификатот за вакцинација е несигурен инструмент за контрола на патниците и спречување на внесувањето на Делта сојот во земјава. Потврда на тврдењето стигна и од страна на меѓународните здравствени организации завчера, кога ги повикаа државите да не се потпираат многу на вакциналните сертификати. На ова сигнализираа од порано и докторот Илчо Ефкоски и професорот Драган Даниловски, кој тврди дека само PCR сертификатот и карантинот се ефикасни мерки за контрола на границата. Докторката Сузана Камберова оди и чекор понатаму и тврди дека само карантинот е сигурна мерка. За жал, нашите власти непромислено ја испуштија таа можност и сега Делта сојот веќе неконтролирано се шири низ државата, но тоа е веќе друга приказна.

Вчера Емитер и повеќе медиуми пренесоа вест дека е неопходна вакцинација со трета доза на вакцината на Фајзер, исто како што треба и за Синовак. Значи, дојдовме на мојот муабет од пред две недели, само што луѓето помалку им веруваат на графиконите, туку на официјалните соопштенија. На Македонското радио – Радио Скопје имаше невообичаено долг и поучен прилог, базиран на соопштението на компанијата Фајзер, кое пак е напишано на разбирлив народен јазик, граѓаните можат многу да научат за намалувањето на антителата и потребата од трета доза. Браво за Валентина Базерко и Наташа Андрееска за објективното и навремено информирање.

За да бидам до крај чесен и непристрасен во анализите, сега ќе видиме колкаво е намалувањето на титарот на антителата кај вакцините на Фајзер, според моделот на австралиските научници. Како појдовна вредност ќе ја земеме стапката на ефикасност против симптоматски ковид од 64%, колку што измериле израелските научници по избувнувањето на сегашниот бран на Делта сојот. Ова намалување претставува резултат на вкупното намалување на титарот на антителата под влијание на два фактори: прво – изминатото време од имунизацијата и второ – намалувањето поради новиот, изменет сој. на вирусот. Од наведениот научен труд ги користиме дијаграмите на сликите 2 а,c, прикажани на подолу.

Бидејќи во Израел вакцинацијата главно е завршена уште во март, ќе земеме средно време од вакцинацијата од 108 дена, односно поради едноставност еден временски интервал на полураспад на антителата. Од 64% процентната ефикасност денеска, 108 дена по вакцинацијата, од првиот дијаграм графоаналитички ја определуваме иницијалната ефикасност на вакцината на Фајзер против Делта сојот, која важела непосредно по имунизацијата (поточно две недели по втората доза), која одговара на линијата на 78% ефикасност. Ова би била ефикасноста на вакцината на Фајзер против Делта сојот, пред да започне нејзиното слабеење со текот на времето.

Од вториот дијаграм, пак, со оваа почетна ефикасност против Делта сојот и почетната ефикасност против „дивиот“, вухански сој го определуваме намалувањето на титарот на антителата поради промената на сојот. Пресекот се наоѓа на црвената линија, која одговара на намалување на неутрализацискиот титар од 3 до 3,5 пати, односно практично исто како и во случајот на вакцината на Синовак. Да се потсетиме, нивниот портпарол изјави дека намалувањето кај нивната вакцина изнесува 3 пати.

Во случајот на вакцината на Фајзер, којашто дава 12 – 15 пати повеќе неутрализирачки антитела отколку вакцината на Синовак (дијаграмот на слика 1 во трудот и во нашата претходна статија), иако падот е голем, имало што и да остане. Да се потсетиме, кај дивите соеви Фајзер дава 2 – 2,5 пати повеќе неутрализациски антитела отколку кај конвалесцентите, додека Синовак дава 5 пати помалку отколку кај конвалесцентите, што дава ефикасност одвај над прагот, а во случајот на Делта сојот, а особено со текот на времето прилично под него.

Така доаѓаме до барањето на компанијата Фајзер за давање на трета доза, која треба да послужи како засилувач („бустер“) на антителата. Истото решение ќе се користи и кај Синовак и останатите вакцини, но ова ќе го разгледаме во посебен напис. Идејата е дека во телесните течности мора да има во секое време доволно неутрализирачки антитела коишто би биле спремни да спречат инфекција и симптоми. Ако дозволиме антителата да опаднат под нивото за заштита, тогаш зависиме само од Б-лимфоцитите (мемориските клетки), на кои што им требаат неколку дена да доведат до пораст на антителата. Тоа ќе спречи развивање на тешки симптоми, но нема време да спречи инфекција, па и послаби симптоми – едноставно нема спремни антитела, за што треба повеќе време. Но и тоа време (под 7 дена) е пократко отколку кај невакцинираните и непрележаните лица, каде се потребни 7 – 21 (средно 15) дена за развивање на антитела, а во меѓувреме болеста може да направи страотни оштетувања. Значи, се работи за трка со времето. Вакцинираното лице ем побргу, ем многу повеќе (за стотина пати) развива неутрализирачки антитела отколку невакцинираното.

Да заклучиме, дури и со постоечките вакцини решението е она што го понудиле Фајзер и Синовак, давање трета доза. Ова би било и објаснување до антиваксерите дека не се работи за тоа дека некој „измислува и пушта вируси“ само за да „се трошеле вакцините“, туку е потребно повремено поткревање на количеството на антитела во телесните течности, за да биде организмот имун и на заразување, освен на тешка форма на болеста.

Клучни зборови:
Намалување на ефикасноста на вакцината Фајзер кон Делта сојот со текот на времето.

Намалување на ефикасноста на вакцината Фајзер кон Делта сојот со текот на времето.

Намалување на ефикасноста на вакцината Фајзер кон Делта сојот со текот на времето.

Намалување на ефикасноста на вакцината Фајзер кон Делта сојот со текот на времето.