Дали и колку вакцината Синовак? Коронавак е ефикасна против Делта сојот на корона вирусот? Ова прашање е важно за да видиме дали вакциналниот сертификат би давал доволна сигурност за патување во странство, а одговорот ќе го видиме на крајот...
Во отсуство на рецензирани трудови за ефикасноста, какви што има за западните вакцини, ни преостанува да се послужиме со моделско испитување. Како појдовна основа ќе ни послужи трудот „Нивото на наутрализирачки антитела е високопредиктивен показател за имуната заштита од SARS Cov2 инфекција“, објавен во светски најцитираното научно списание за претклиничка медицина Nature Medicine, со импакт фактор 36.130. Колку повеќе го читам, толку повеќе се восхитувам на едноставноста и генијалноста на ова ремек-дело од десетте австралиски научници. Авторите одлично ги воспоставиле врските помеѓу видот на вакцината, титарот на неутрализирачките антитела (нормализирани во однос на титарот кај конвалесцентите) и ефикасноста на вакцината, како против симптоматски ковид, така и кон тешка форма на болеста (втората ефикасност уште се нарекува ефективност на вакцината). Употребиле, сосема правилно, логистичка регресија помеѓу титарот на антитела и ефикасноста на вакцината. Логистичката крива добро ја „избаждариле“ со реални податоци. Тоа е слика 1 во трудот (прикажана подолу), каде убаво можат да се видат разните видови вакцини, титрите и ефикасностите. Добиени се две многу значајни вредности, прво за титарот на антитела којшто обезбедува заштита од симптоматски ковид кај 50% испитаници (20,3% од титарот кај конвалесцентите) и второ за титарот којшто обезбедува заштита од тешка форма на болеста (3% од титарот кај конвалесцентите).
Слика 1: Анализа на заштитата што ја даваат неколку од вакцините против ковид.
Знаејќи ги овие реперни големини, понатаму може да се пресметува опаѓањето на заштитата во случај на разни варијанти на вирусот, како и поради „бледеење“ на имунитетот со текот на времето. Иако самите автори велат дека не е земено влијанието на клеточниот имунитет, моделот дава совршено точни резултати за кинеските вакцини со инактивиран вирус, бидејќи овој тип не дава (односно дава занемарлив) клеточен имунитет, па сета заштита доаѓа од антителата.
За појдовна основа ќе ја земеме ефикасноста на вакцината Коронавак/Синовак измерена во Чиле и Индонезија (65% и 67%). Ефикасноста во Бразил била пониска (одвај 50,3%) бидејќи ефикасноста на вакцината била помала во случајот на бразилскиот сој P1, за разлика од постарите соеви врз чија основа била развиена вакцината. Значи, воопшто не ги „закинуваме“, туку користиме сосема фер и разумни вредности. Вториот параметар којшто ни е важен го добиваме од изјавата на портпаролот на Синовак дадена за Ројтерс изјавил дека прелиминарните резултати базирани на примероци од крв од вакцинираните со нивните вакцини (Коронавак) покажале трикратно намалување на неутрализирачкиот ефект против Делта сојот.
Врз основа на ефикасноста од 66% кон „дивите“ соеви и трикратното намалување, од првиот приложен дијаграм на слика 2 (инаку сл. 2с во трудот), наоѓаме дека иницијалната ефикасност, две недели по втората доза, изнесува 40% кон Делта сојот.
Слика 2: Намалување на ефикасноста на вакцината Синовак кон Делта сојот со текот на времето.
Но, тоа не е сé. Знаејќи ја динамиката на губење на антителата, со просечно време на полураспад од 108 дена, на вториот дијаграм на слика 2 (сл. 2а во трудот), добиваме дека после 90 дена (3 месеци) почетната ефикасност кон Делта опаѓа на само 26%.
Уште еднаш да подвлечеме дека тука ја разгледуваме само ефикасноста кон симптоматски ковид (важна заради пренесување на инфекцијата на други луѓе, односно неможноста за обезбедување колективен вакцинален имунитет). Почетната ефективност против тешка форма изнесува околу 80%-85% непосредно по вакцинацијата, која после 3 месеци опаѓа на околу 70%-75%.
Иако Коронавак обезбедува задоволителна заштита против тешка форма на болеста, ефикасноста против симптоматски ковид е помала од 40% и дополнително се намалува со текот на времето. Тоа значи дека од 100 лица коишто би примиле инфективна доза вируси, најмалку 60 би развиле симптоми. Асимптоматски би имало уште повеќе, а истите не се за потценување, затоа што исто така можат да ја пренесуват заразата.
Да заклучиме. Доколку комисијата донесе одлука да се бара уверение за вакцинација на излез или влез во земјата , таквото уверение не смее да важи за Коронавак/Синовак. Не смее да важи дури ни за Ваксзеврија (АстраЗенека), која што има ефикасност против симптоматски ковид од 60% во случајот на Делта сојот, како што веќе утврдиле британските научници.
Тогаш, кои се опциите? Прво, уверение за вакцинација со вакцините на Фајзер, Модерна или Спутњик В. Второ, уверение за прележан ковид-19, односно доказ за антителата во крвта, не постаро од 180 дена. Трето, ПЦР или барем брз антигенски тест на Делта сојот. Четврто, во отсуство на едно од претходните уверенија, задолжителен 10 дневен карантин по враќањето во земјата.
На крајот, после лошата вест, да кажеме една добра вест за кинеските вакцини. Трета доза Синофарм/Синовак го зголемува титарот на антителата за цели 10 пати во рок од една недела. Не се дадени други информации, но ќе претпоставиме дека третата доза би требало да се даде откако ќе опадне концентрацијата на антителата извесно време после втората доза, односно по изминато определено време.
Кога сме веќе кај дијаграмите, да кажеме дека во случајот на вакцината од Фајзер трикратното намалување на антителата против Делта сојот одговара на намалување на ефикасноста од 93% на 88% - точно колку што е измерено во Велика Британија.
Слика 1.Анализа на заштитата што ја даваат неколку од вакцините против ковид. а. Врската помеѓу нивото на неутрализација и заштита од инфекција со САРС-CoV-2. б Шематска илустрација на логистичкиот пристап за идентификување на заштитното ниво на неутрализација. в Предвидувања на анализата од типот занемарување-на-еден.