Фајзер ќе побара од американската Администрација за храна и лекови одобрување за примена на трета бустер доза од нивната вакцина против ковид-19. Како што пренесуваат повеќе научно-популарни портали и новински агенции, фармацевтската компанија вчера објавила дека примената на уште една доза од нивната вакцина, пред истекот на 12 месеци од ревакцинацијата, може значително да го зголеми имунитетот а можеби и да се справи најновата мутација на коронавирусот којашто сите нè загрижува – делта сојот.
Истражувањата спроведени во повеќе држави укажуваат дека вакцината од Фајзер, но и оние од другите производители, нудат јака заштита од високозаразниот делта-сој на вирусот којшто забрзано се шири низ светот.
Две примени дози од повеќето вакцини се критични за развој на високи нивоа на антитела кои би можеле да се справат со сите соеви на коронавирусот, не само со делта варијантата, но поголем дел од светското население сè уште чека на можноста допрва да ја прими првата заштитна доза од која и да е вакцина во услови кога пандемијата продолжува да беснее. Антителата со тек на време природно опаѓаат, па во тек се голем број истражувања за да се одреди дали и кога треба да се примени нова бустер доза од вакцините.
Вчера, д-р Микаел Долстен од Фајзер изјави за Асошиејтед Прес дека податоците од истражувањето спроведено од компанијата во врска со бустер дозата укажуваат на тоа дека нивоата на антитела скокнале од 5 до 10 пати по примена на трета доза, споредено со антителата кои се формирале по примената втора доза неколку месеци претходно. Како што соопштил тој, во Фајзер планираат во август да поднесат барање до американската ФДА за итна примена на трета доза од нивната вакцина.
Зошто е ова битно при справувањето со делта сојот? Долстен укажал дека податоците добиени од Велика Британија и од Израел покажуваат дека вакцината на Фајзер “многу добро го неутрализира делта сојот”. Претпоставката е, како што тој истакнува, дека при доволно значителен пад на антителата делта вирусот сепак може да овозможи послаба инфекција пред да се активира имуниот одговор на телото.
Според други доктори примената на трета доза може да се покаже навистина голем предизвик, со оглед на тоа што голем дел од светското население сè уште нема примено ниту една доза од која било вакцина. Во оваа насока американските здравствени власти излегоа со свое соопштение неколку часа по Фајзер во кое укажуваат дека целосно вакцинираните лица (со две дози) сè уште немаат потреба да се вакцинираат со трета бустер доза и дека за ова треба да се добијат податоци од повеќе други извори и истражувања.
Во моментов американците имаат целосно вакцинирано помалку од половина од населението (48%), но притоа разликите се огромни од регион до регион.
Во лабораториските тестови била тестирана крвта од повеќе луѓе кои ја примиле само првата доза од вакцините на Фајзер или на Астра Зенека, при што се покажало дека таа имала едвај ограничен одговор на делта сојот, како што беше објавено неодамна во Nature. Но, веќе неколку недели по приемот на втората бустер доза речиси кај сите испитаници било забележано поттикнување на имуниот одговор, кое било сосема доволно да го неутрализира делта сојот, дури и ако поттикот бил помалку ефикасен при справувањето со претходните варијанти на вирусот.
Група француски истражувачи тестирале и невакцинирани лица кои прележале и преживеале потешки облици на ковид. Притоа откриле дека нивните антитела биле четирипати послаби во справувањето со новата мутација. Но по приемот на само една доза вакцина нивото на антитела кај нив се зголемило повеќекратно, поттикнувајќи вкрстена заштита од делта сојот но и од уште две други мутации. Ова откритие оди во прилог на здравствените препораки за потреба од вакцинирање на прележаните од ковид-19, поради тоа што нивниот природен стекнат имунитет на болеста може да се покаже недоволен.
Лабораториските експерименти се надоврзуваат на податоците добиени од реалниот свет кои укажуваат дека мутациите на делта сојот не успеваат сосема да ја пробијат заштитата која ја даваат вакцините кои се применуваат во поголемиот дел од западниот свет, но истовремено ја истакнуваат и итната потреба за имунизација на целото светско население пред вирусот да еволуира на повисоко ниво.
Истражувачите во Британија откриле дека две дози од вакцината на Фајзер, на пример, покажале 96% заштита од хоспитализација при заразување со делта сојот и 88% ефективност против симптоматска инфекција. Наодите се слични на тие од канадските истражувачи кои беа објавени минатата недела, иако извешајот од израел укажува на тоа дека заштитата од развој на поблага инфекција со делта сојот можеби е падната на дури 64%.
Дали целосно вакцинираните лица сè уште треба да носат маски во региони каде се региструраат нови случаи на заболени од делта сојот е нешто за што сè уште се дебатира. Во САД, нивниот Центар за следење на заразни болести (CDC) опстојува на препораката дека заштитата со маска не е неопходна за целосно вакцинираните лица.
И пред појавата на делта сојот имаше показатели дека заштитата од вакцините не е совршена, но она во што сите се сложуваа и за што постојат мноштво докази е дека оние целосно вакцинирани лица кои сепак некако заболеле, поминуваат со развој на поблага форма од ковид.