Во 1969 година човештвото направи голем подвиг – двајца астронаути од Мисијата Аполо 11 се спуштија на Месечината на 20 јули и зачекорија по неа на 21 јули 1969 година! Тој триумф на науката и човечкото херојство малку подоцна иницираше една неочекувана и чудна појава – теорија на заговор дека астронаутите не се спуштиле на Месечината и дека тоа е една голема измама на НАСА!? Во оваа серија статии анализираме (и демантираме) повеќе поединечни теми од оваа теорија на заговор, за да може заинтересираните полесно правилно да се информираат, а и да им овозможиме пофокусирано да диксутираат на нашата фејсбук страница за конкретната тема.
Во овој прв дел од серијата зборуваме општо за теоријата на заговор дека астронаутите од мисијата Аполо не се спуштиле на Месечината.
1. Теорија на заговор за мисиите Аполо
Првите чекори на Нил Армстронг и Едвин Олдрин на Месечината беа овековечени со видео и фотографски снимки кои го обиколија светот и станаа едни од најпрепознатливите обележја на дострелите на науката и техниката во историјата на човештвото, воопшто. Тој триумф на науката и човечкото херојство малку подоцна иницираше една неочекувана и речиси необјаснива појава – и покрај несоборливите докази, меѓу некои луѓе се рашири глупава теорија на заговор дека астронаутите не се спуштиле на Месечината: дека тоа е една голема измама на НАСА, која го ангажирала славниот режисер Стенли Кјубрик да го лажира боравењето на астронаутите на Месечината преку вешто снимени сцени во студио, тука на Земјата!?
Дали Стенли Кјубрик го режирал лажното спуштање на луѓе на Месечината?
Теориите на заговор заслужуваат посебна анализа, што ќе биде тема на некоја следна статија, а овде само ќе напомнам дека оваа област детално е проучена од страна на психолозите и психијатрите. Накусо кажано, најголемиот дел од луѓето кои веруваат во разноразни терории на заговор (во областа на науката и техниката) имаат сериозни психички проблеми, поткрепени и поттикнати од нискиот квалитет на стекнатото школско образование (дури и факултетското!), отсуството на интерес за понатамошна наобразба (при секому достапен интернет!?), неосновано високото мислење за големината на сопствените знаења (Dunning-Kruger ефект) и наивната верба во точноста на содржините на Фејсбук и YouTube поставени од страна на анонимни или непознати индивидуи. Еден добар дел од тие „верници“, покрај претходно наброените хендикепи, едноставно го немаат потребниот интелектуален капацитет да ги сфатат комплицираните научно-технички информации што ги објаснуваат појавите што не им се јасни. Заедничко за сите овие „верници“ е што се „изгубен случај“ – тие толку длабоко загазиле во тој имагинарен свет на теориите на заговор, што потполно ги раскинале врските со реалниот свет („одлепиле“) и понатаму никаква количина на докази во спротивното нема да ги премисли во нивната слепа верба. Како поинаку да се објасни релативно големиот број на оние кои, и покрај бројните и силни контра-докази, длабоко веруваат во постоењето на авионските „кемтрејлови“ (chemtrails) или во намерно смислените штетни последици на вакцините, или на 5G технологијата, кои се спровeдуваат со некои мрачни цели?! Па така ни преостанува само напорна и честопати залудна работа да се обидеме да ги едуцираме.
Бил Кејсинг и неговиот памфлет 'Никогаш не отидовме на Месечината'
Од друга страна, останатиот дел од луѓето кои веруваат во теориите на заговор или само мислат дека „тука можеби има нешто“, се сосема нормални луѓе, со нормален коефициент на интелигенција и солидно образувани, но кои едноставно немале ниту време ниту интерес да продрат малку подлабоко во одредени области, па лековерно поверувале на симплифицираните „објаснувања“ кои изобилно ги шират верниците во теориите на заговор, главно преку интернет. Оваа серија статии за теориите за заговор поврзани со мисиите на астронаутите на Месечината се наменети токму за овие луѓе, а и за оние кои сè уште немаат изградено свој став по ова прашање.
Илуминативно е да се знае кога и како настанала теоријата на заговор дека астронаутите од мисијата Аполо не се спуштиле на Месечината. Ако сте помислиле дека е тоа дело на некој добронамерен и високоморален „свиркач“ (whistler, укажувач), кој благодарение на своите научно-инженерски знаења бил непосредно вклучен во („лажирањето на“) мисиите Аполо – сте се излажале! Тоа е дело на американецот Бил Кејсинг (Bill Kaysing, 1922 - 2005) кој никогаш не работел во НАСА, ниту бил вклучен во програмата Аполо на каков било начин. Тој дипломирал англиска литература и работел од 1956 до 1963 година како уредник на публикациите на компанијата Рокитдајн (Rocketdyne) – која произведувала ракетни мотори. Тој дал отказ во 1963 година, ја продал својата куќа, купил камп-приколка и талкал бесцелно низ цела Америка. По 11 години, во 1974 година тој го напишал памфлетот „Никогаш не отидовме на Месечината“ (We Never Went to the Moon), кој самостојно го издал во 1976 година – тоа е изворот на срамната теорија на заговор за Аполо мисиите.
Интересно е како воопшто Кејсинг се осмелил да пишува за Аполо програмата, кога немал никаков контакт, па макар и посреден, со областа на астронаутиката уште од 1963 година!? Првиот лет на ракетата Saturn V од програмата Аполо, со ознака Apollo 4, се случил четири години подоцна, на 9 ноември 1967 година. Летот бил без човечки екипаж и бил предвиден за тестирање на трите степени на ракетата и особено на топлотниот штит на командниот модул. По само три комплетирани орбити околу Земјата, командниот модул бил насочен кон Земјата и слетал безбедно во Тихиот океан во близината на островот Мидвеј.
Првиот лет на ракетата Saturn V со човечки екипаж бил со ознака Apollo 7, лансиран на 11 октомври 1968 година, при што екипажот составен од Walter Schirra, Donn Eisele и Walter Cunningam направил 163 орбити околу Земјата и безбедно се спуштил на 22 октомври 1968 година во водите на Атлантскиот океан, во близина на Бермуда.
Од претходно изнесеното е јасно е дека Бил Кејсинг не знаел ама баш ништо за мисиите Аполо, ниту го имал потребното инженерско-техничко знаење (и образование) за да може да ги сфати аспектите на технологијата потребна за праќање на луѓе во орбита околу Земјата, а камо ли за праќање на луѓе на Месечината. А и оние негови следбеници – „верници“ кои веруваат дека астронаутите не се спуштиле на Месечината исто така не знаат ништо за астронаутиката, физиката, па и за работите кои би требало да ги знаат од „општа култура“.
Повеќе за мисијата Аполо и за теориите на заговор околу нив можете да прочитате во претходните броеви на ЕМИТЕР: 4-6/2019, 7-8/2009 и 9/2004.
Линк за дискусија:
https://www.facebook.com/EmiterSpisanie/posts/pfbid029icpgEw8GqtZzNm5gJr...
Во следното, второ продолжение од ова серија статии ќе зборуваме за темата: Зошто на фотографиите направени од астронаутите нема ѕвезди на „небото“ над месечевиот хоризонт? Ги повикуваме читателите да дадат предлози и за други теми за кои мислат дека се „докази“ дека луѓето не се спуштиле на Месечината.