Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 28.5.2021
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 28.05.2021 - 13:30

Во денешниот роденден го славиме 91-виот роденден на Френк Дрејк, познат по равенката за пресметка на вонземски цивилизации достапни за контакт. Исто така одбележуваме 85 години откако Алан Тјуринг го поднесе за објава неговиот труд “За пресметливоста на броевите”, и 84 години од основањето на фабриката на Фолксваген.

 

28.5.1936 – Алан Тјуринг го поднесува за објава неговиот труд “За пресметливоста на броевите”

Во 1928 година, германскиот математичар Давид Хилберт го привлече вниманието на кон проблемот на решливост (Entscheidungsproblem). Имено, според теоријата на пресметливоста и теоријата на комплексноста, проблемот на решливост (одлука) е прашање во некој формален систем кадешто треба да се даде ДА или НЕ одговор. На пример, проблемот “дадени се два броја, x и y. Дали x е делив со y?” претставува проблем на решливост (одлука). Одговорот може да биде или ДА или НЕ во зависност од вредноста на x и y.

Во трудот на Алан Тјуринг, насловен како “За пресметливоста на броевите со примена на проблемот на нерешливост " (On Computable Numbers, with an Application to the Entscheidungsproblem), Тјуринг ги преформулирал резултатите на Курт Гедел од 1931 во делот ограниченоста на доказот и пресметливоста, заменувајќи геделовиот универзален формален јазик заснован врз аритметика со формален и едноставни хипотетички уреди коишто набрзо ќе станат познати како Тјурингови машини.

Трудот на Тјуринг 'За пресметливоста на броевите' објавен во Зборникот на Лондонското друштво на математичари

Тјуринг докажал дека неговата “универзална машина за пресметки” би била способна да ја изврши која било математичка пресметка ако таа биде прикажана како алгоритам. Тој започна со доказот дека не постои решение на “проблемот на решливост”, на тој начин што најнапред докажал дека самиот таканаречен проблем на стопирање кај Тјуринговата машина е нерешлив – имено, невозможно е алгоритамски да се докаже дали одредена Тјурингова машина некогаш би запрела. Додека неговиот доказ бил објавен после Аланзовиот еквивалентен доказ за ламбда калкулус,Тјуринг не бил свесен за работата на Алонзо во тоа време.

Иако Тјуринговиот доказ беше објавен непосредно по еквивалентниот доказ на Алонзо Чрч (Alonzo Church) којшто користи ламбда калкулус, пристапот на Тјуринг бил значително подостапен и интуитивен споредено со оној на Чрч. Исто така, во доказот на Тјуринг е вклучен и поимот за "Универзална (Тјурингова) машина”, so идеја дека таквата машина ќе може извршува задачите на која било друга пресметковна машина (исто како и калкулусот на Чрч). Според Чрч-Тјуринговата теза, Тјуринговата машина и ламбда калкулусот имаат можност да пресметааат сè што е пресметливо. Всушност, овој научен труд на Тјуринг ги постави основите на современиот компјутер, како што подоцна ќе потврди и Џон фон Нојман. (Н. С.)

 

28.5.1937 – Основана е фабриката Фолксваген

Фолксваген (Volkswagen) всушност е основана како дел од популистичката политика на тогашната Германската нацистичка влада. Главна цел била производство на автомобил достапен за широките народни маси. И токму ваков автомобил беше популарната “буба”, марка којашто Фолксваген ќе ја произведува до средината на седумдесетите години.

По поствоениот период на несигурост, фирмата застанува на здрави нозе и дене е еден од гигантите на светската автомобилска индустрија. Денес Групацијата Фолксваген поседува вкупно 119 производствени погони во 20 земји во Европа и во 11 земји во Северна Америка, Јужна Америка, Азија и Африка, со над половина милион вработени. (Н. С.)

 

28.5.1930Роден е Френк Дрејк

Френк Доналд Дрејк (Frank Donald Drake) е американски астроном, познат по формулацијата на равенката чијашто цел е проценка на бројот на технолошки напредни цивилизации кои е можно да постојат во рамките на нашата галаксија, Млечниот Пат.

Со користење на повеќе веројатни проценки како параметри во равенката, Дрејк ќе дојде до заклучок дека можеби едвај 10 планети во нашата галаксија можеби се во можност да емитуваат сигнали за постоење на интелигентен живот коишто ние би можеле да ги детектираме. Во 1960 година, Дрејк ја предводел првата потрага, Проектот Озма којшто го ослушнувал неботово траење од два месеци, трагајќи по радиобранови со комплексна, уредна шема за коишто би можело да се прептостави дека претставуваат пораки од некоја вонземска цивилизација.

 

Дрејковата равенка и што е што во неа

Карл Саган и Френк Дрејк ќе ги дизајнираат и златните дискови кои се сместени на леталата Пионир 10 и Пионир 11, чијашто единствена намена е испраќање на поздрав и информирање на вонземјаните за постоењето на човештвото, под претпоставка дека овие сонди можеби евентуално ќе бидат пресретнати и собрани некаде во меѓуѕвездениот простор.

Повеќе за дрејковата равенка и потрагата по вонземски живот може да прочитате во Вонземјани – според дрејковата и сиџеровата равенка, Дали сме сами во вселената? (ЕМИТЕР 5/2012), Историја на SETI (1) Раѓањето на идејата за контакт (ЕМИТЕР 11/2005), Историја на SETI (2): Влијанието на Френк Дрејк (ЕМИТЕР 12/2005), Историја на SETI (3): Врвните достигнувања на SETI (ЕМИТЕР 1/2006), Историја на SETI (4): SETI, од своето реформирање до денес (ЕМИТЕР 2/2006), SETI@home (ЕМИТЕР 3/2003).

Интересно е што една форма на дрејковата равенка беше употребена и од Џин Роденбери при лансирањето на неговата нова серија Ѕвездени Патеки во 1964 година. Роденбери се обидувал да го оправда големиот број на населени планети коишто се претставени во овој денес култен научно-фантастичен серијал. Но, Роденбери немал во моментот пристап до оригиналната дрејкова равенка па тој создал сопствена варијанта од неа

F f2 (MgE) – C1R1 • M  =  L/So

без објаснување на вклучените параметри. Легендата вели дека кога подоцна Френк Дрејк се сретнал со Џин Роденбери на филмскиот сет при снимањето на една од епизодите на Ѕвездени Патеки , тој му посочил на Роденбери дека направил грешка во неговата интерпретација на равенката, односно дека вредноста зголемена на први степен претставува иста вредност :)

Клучни зборови:
Алан Тјуринг

Алан Тјуринг

Алан Тјуринг на 16 годишна возраст

Алан Тјуринг на 16 годишна возраст

Трудот на Тјуринг објавен во Зборникот на Лондонското друштво на математичари

Трудот на Тјуринг 'За пресметливоста на броевите' објавен во Зборникот на Лондонското друштво на математичари

Френк Дрејк ја испишува неговата равенка за проценка на бројот на технолошки напредни цивилизации кои е можно да постојат во рамките на нашата галаксија

Френк Дрејк ја испишува неговата равенка за проценка на бројот на технолошки напредни цивилизации кои е можно да постојат во рамките на нашата галаксија

Френк Дрејк беше вклучен во СЕТИ од самите почетоци

Френк Дрејк беше вклучен во СЕТИ од самите почетоци

Френк Дрек во разговор со Карл Саган

Френк Дрек во разговор со Карл Саган 

Френк Дрејк со копија од златната плоча сместена во леталата Пионир, а којашто ја дизајнираше заедно со Карл Саган

Френк Дрејк со копија од златната плоча сместена во леталата Пионир, а којашто ја дизајнираше заедно со Карл Саган

Дрејковата равенка и што е што во неа

Дрејковата равенка и што е што во неа