Во денешниот времеплов одбележуваме 2 години од првата направена фотографија на црна дупка, 70 години од преземањето на Радио Скопје од страна на Германците, и 35 годни од нашата последна средба со Халеевата комета. Покрај ова го славиме роденденот на основоположникот на македонската алгебра, Ѓорѓи Чупона...
10.4.2019 – Претставени првите фотографии на црна дупка
На симултаната светска презентација пред пошироката јавност беа претставени првите резултати од меѓународната соработка Event Horizon Telescope (EHT) . Прес-конференциите се одржуваа истовремено во Брисел и Вашингтон (на англиски јазик), Лингби (на дански јазик), Сантјаго (на шпански јазик), Шангај и Тајпеј (на мандарински јазик) и во Токио (на јапонски јазик)
Објектот Messier 87 низ окото на Чандра и црната дупка во неговиот центар видена од EHT (фото: НАСА)
Откритието беше најавено во серија од шест научни труда објавени во специјалното издание на The Astrophysical Journal Letters. Сликата ја открива црната дупка, односно светлината од нејзиниот хоризонт на настани, сместена во центарот на објектот Messier 87, огромна галаксија во близина на галактичкото јато Девица (Virgo). Црната дупка е оддалечена 55 милиони светлосни години од нас и нејзината маса е за 6,5 милиони пати поголема од онаа на Сонцето.
Проектот EHT, Event Horizon Telescope поврза повеќе телескопи ширум светот за формирање на виртуелен телескоп со големина на Земјата, со огромна чувствителност и резолуција. EHT е резултат на повеќегодишна меѓународна соработка. Проектот им овозможува на научниците нов начин за проучување на најекстремните објекти во космосот чиешто постоење беше предвидено уште пред цел век, од страна на Ајнштајн во неговата Општа теорија на релетивитетот.
Повеќе за овој настан од огромно значење за науката тука, тука и тука (Н. С.)
10.4.1941 – Радио Скопје преземено од Германците
Непосредно пред нападот врз Кралството Југославија од страна на Оската (6 април 1941), во Скопје била пуштена во работа четвртата радиостаница на средни бранови во Кралството, а тоа е Радио Скопје (27 јануари 1941). Предавателот бил во Маџари, со моќност од 20 KW, и работел на фреквенцијата од 631,5 KHz. Зградата имала и студиски простории како режија од 15 m2, спикерна од 12 m2 и студио од 38 m2 кое не било довршено. Во почетокот работела како релејна радиостаница на Радио Белград.
Зградата на Радио Скопје во 1941 непосредно по преземањето од германските окупациони сили, пред да биде надградена со уште спратови по ослободувањето
На 8 април, откако по тешки борби 9-тата тенковска дивизија на германската армија го зазела Скопје, радио-аташето (службеник на Министерството за надворешни работи на Германија) г. Лане (Lane) добил налог да замине за Скопје во придружба на двајца техничари и еден спикер, со задача да ја оспособи радиостаницата за работа. На 10 април изутрината, по изведувањето на потребните технички работи, Радио Скопје било преземено од радио-аташето. Од негова страна веднаш бил назначен и раководител, а тоа бил д-р Хартман (Hartmann) од пропагандната служба на Германија, претходно прекомандуван на работно место во Радио Софија. Со цел да ги избегне саботажните акции, кои секојдневно биле изведувани во Скопје, радио-аташето издал наредба за удвоена стражарска екипа и добро ја обезбедил зградата.
Било договорено за Радио Скопје исклучиво да биде надлежен радио-аташето при Германското пратеништво во Софија. Секојдневно преку телефонски упатства требало да ја одредува програмата на Радио Скопје, преку кое требало да се емитуваат емисии на германски јазик од Радио Софија и емисии на германското радио примани на кратки бранови.
Во рамките на предавањето на Македонија на Бугарија, требало да биде отстапено и Радио Скопје. Колку тоа било значајно за германската пропаганда зборува и податокот што веднаш по заземањето, Бугарската Влада требало да ѝ плати на фирмата Телефункен 250 000 рајх марки за техничко опремување на Радио Скопје. (Д. М.)
10.4.1930 – Роден е Ѓорѓи Чупона, македонски математичар
На денешен ден е роден најпознатиот македонски математичар Ѓорѓи Чупона. Во македонската математика тој е основоположник на алгебрата, како и на дисциплините тесно поврзани со неа, од сите нејзини аспекти.
Роден е во село Маловиште, Битолско. Редовен професор е на Природноматематичкиот факултет во Скопје од 1972 година, дописен член на МАНУ е од 1979, а редовен член на МАНУ од 1983 година. Дипломирал во 1953 година на Филозофскиот факултет во Скопје, група математика, каде што во 1955 година бил избран за асистент. Докторирал во 1959 година на Природно математичкиот факултет, со темата “Прилог кон теоријата на алгебарските структури“. Во текот на 1964 година престојувал на специјализација на Универзитетот во Манчестер, Велика Британија. Неговиот научен интерес е од областа на алгебрата, особено делот од универзалната алгебра што ги изучува n-арните алгебарски, векторско-вредносните и сличните структури. Објавил стотина научни трудови. Соработката остварена со низа математичари од поранешните југословенски простори, како и големиот број објавени заеднички трудови, го истакнале како еден од водечките алгебристи во СФРЈ. Во 1980 г. во Скопје ја организирал првата Алгебарска конференција во Југославија, од која подоцна произлегоа познатите југословенски алгебарски конференции што се одржуваа во сите позначајни математички центри.
Чупона е првиот македонски математичар кој објавил научни трудови од областа на алгебрата, а под негово суштинско раководство се изградени сите научни кадри од областа на алгебрата во нашата држава. Прв автор е на универзитетски учебници од оваа дисциплина. Учебниците по алгебра и учебниците наменети за техничките факултети на коишто е автор или коавтор, одиграа незаменлива улога во издигнувањето на математичката култура во земјава.
Почина на 16 декември 2009 година во Скопје. (Т. С.)
10.4.1986 – Халеевата комета го досегна перигејот при нејзиното најскорешно поминување крај нас
Во 1705 година, англискиот астроном Едмонд Халеј го издаде првиот каталог на орбитите од 24 комети. Неговите пресметки покажале дека кометите забележани во 1531, 1607 и 1682 година имале многу слични орбити. Халеј правилно претпоставил дека вусшност се работи за една иста комета којашто се враќала приближно на секои 76 години, притоа тој правилно го предвидел следниото вражање на кометата во 1758 година. За жал, Халеј не доживеал да го посведочи овој настан, но кометата точно како што тој предвидел се појавила на небото кон крајот на 1758 година, а поминала низ перихелот во март 1759 година. Кометата оттогаш го носи името на Халеј. Периодични навраќања на оваа комета покажале дека таа се наоѓа во орбита околу Сонцето и дека барем некои комети се дел од Сончевиот систем.
Последното навраќање на Халеевата комета во 1986 година беше долго очекуван настан. Астрономите првпат ја фотографираа кометата со 200-инчниот телескоп Хале од опсерваторијата Паломар во Калифорнија на 16 октомври 1982 година, кога таа сè уште се наоѓаше подалеку од орбитата на Сатурн. Кометата достигна перихел на 9 февруари 1986 година на оддалеченост од 0,587 АЕ од Сонцето, а најблиску до до Земјата се доближи на 10 април, на растојание од 0,417 AЕ.
Халеевата комета видена низ окото на Kuiper Airborne Observatory на 8 и 9 април 1986 (фото НАСА)
Патот на кометата беше следен и од пет меѓупланетарни летала кои поминаа крај неа во март 1986 година – две јапонски летала (Сакигаке и Суисеи), две советски вселенски летала (Вега 1 и Вега 2) и едно вселенско летало на Европската вселенска агенција (Џото), коешто помина на оддалеченост од 596 km од јадрото на кометата. Зголемените слики од јадрото добиени од Џото покажаа темен објект во форма на компир, со димензии од околу 15 x 8 km. Како што и се очекуваше, се потврди дека јадрото на кометата претставува мешавина од вода и други нестабилни замрзнати делови, но и карпеста/силикатна (органска) прашина богата со јаглерод. (Н. С.)