Штом се спомнува Аресибо, веднаш сите помислуваат на огромната чинија, потрагата по вонземска цивилизација и... па добро, и Џемс Бонд Огромната чинија на радиотелескопот секако е еден од објектите што се здоби со култен статус и надвор од научните кругови.
По оштетувањето и колапсот на чинијата од телескопот (за што веќе пишувавме во “Радиотелескопот Аресибо во мрак откако пукната сајла ја оштети ‘чинијата’” и “Дефинитивен крај за телескопот Аресибо”) мисијата на овој објект во доменот на директни радиотелескопски набљудувања се чинеше дека дефинитивно заврши. Но, изминативе месеци научниците ја разгледуваат можноста за нова намена на научните инструменти кои останаа неоштетени.
Како што се истакнува, флексибилното размислување беше една од клучните одлики на сите кои некогаш работеле во Аресибо. Имено, иако опсерваторијата првично била замислена како место од каде ќе се проучува јоносферата, таа нејзиниот главен придонес ќе го даде во доменот на радиоастрономијата и на планетарните науки. Како истражувачко место Аресибо низ децениите беше користен за широк опсег научни истражувања, добар дел од нив надвор од областа на радиотелескопијата.
Имајќи го ова предвид воопшто не чуди тоа што низ годините на ова место се акумулираа десетина научни инструменти кои немаат некоја непосредна врска со огромната чинија. Еден од нив е 12-метарската радиоантена, првично донесена со намера да се поедностави работата на главниот телескоп. Но сега се планира овој мал интереферометарски телескоп да работи самостојно, но и како дел од веќе постоечката виртуелна интерферометарска мрежа, која овозможува подобрување на резолуцијата на индивидуалните инструменти. Ако на ова се додаде и планираното криогено ладење на споменатиот антенски систем, тоа значи дека со овој телескоп ќе може да се врши навистина значајна научна работа.
Во Аресибо останаа и два системи за детекција на светлина и светлински опсег. Овој вид системи се користат за попрецизно утврдување на составот и структурата на атмосферата. Едниот од нив сè уште се опоравува од последиците од ураганот Марија, кој го погоди регионот минатата година, но се очекува до крајот на оваа година да стане оперативен.
Во нешто полоша состојба е системот за јоносферско загревање кој се користи, меѓу другото, и за создавање на таканаречени вештачки аурори во јоносферата. Инструментот овозможува проучување на начинот на којшто природните промени во горните атмосферски слоеви влијаат на навигацијата и комуникациските сателити. Системот се засноваше на антените поставени во централниот дел од чинијата на Аресибо, делот којшто всушност се сруши врз чинијата и кој претрпе поголеми оштетувања. Во моментов се бара начин како ќе може да се искористи она малку што остана здраво од шестте оригинално поставени антени. Пристапот до антените е сè уште небезбеден, но штом се укаже прилика тие ќе бидат отстранети и репарирани. Сепак, имајќи предвид дека овој антенски систем работеше во пар со некохерентниот расејувачки радар кој е целосно уништен, идната употреба и намена на деловите што ќе бидат ‘спасени’ е засега неизвесна.
Од колапсот на чинијата најмалку засегнат остана делот од опсерваторијата сместен речиси 30 километри подалеку од локацијата. Во Далечинскиот оддел за оптички набљудувања е сместена all-sky камера која работеше во пар со другата камера од овој тип сместена во седиштето на Аресибо. Камерите деноноќно набљудуваа сè што се случува над нашите глави во оптичкиот опсег. Еден од феномените што може да се ‘фатат’ со овој тип набљудувања е навлегувањето на метеор во Земјината атмосфера, на пример. Засега се планира надградба на овој систем поставен во месноста Кулебра со радарски систем, што ќе се изведува во соработка со Универзитетот во Илиноис. Надградбата доцни во овие пандемски услови, но се очекува таа да биде имплементирана и да стане целосно оперативна до крајот на оваа година. Во Кулебра се очекува да пристигне и уште еден уред за детекција на светлина и светлински опсег, кој ќе помогне во детекција и проучување на аеросолите во атмосферата, особено на правот од пустината Сахара и механизамот со којшто преку атмосферата тој успева да го ‘премости’ Атлантскиот Океан, пристигнувајќи од Африка до овој дел од планетата.
И конечно, тука е и задачата за складирање и обработка на сите податоци кои останаа како наследство од повеќедецениската интензивна работа. Откако, за некој месец, податоците ќе бидат безбедно архивирани во дигитален облак, научниците планираат да ги ‘прочешлаат’ во потрага по феномени што на почетокот на работата на телескопот биле сосема непознати, а кои денес се сметаат за нешто сосема нормално.
Научниот тим од опсерваторијата се надева дека со употреба на алгоритми ќе може да се врши уште една од претходните работи, проучување на формата на астероидите во што се наоѓаат во близина или минуваат во непосредна близина на Земјата. Засега тимот работи на алгоритам со којшто ќе се детектираат брзите радиосигнали од космосот, FRB (fast radio bursts). Последните набљудувања на FRB со Аресибо беа направени лани ова време, а добиените податоци од тие набљудувања се проучуваа во наредните девет месеци. Алгоритамот на којшто се работи се очекува да ја забрза обработката на податоците и да се направат нови набљудувања на местата од интерес што ќе бидат идентификувани во тој процес.
Постојат надежи дека со ваквата обработка во веќе постоечките податоци ќе можат да се идентификуваат голем број егзопланети.