По 57 години работа опсерваторијата Аресибо веќе не постои. Како што јавува магазинот Science, 900 тони тешката платформа со инструменти, којашто висеше над чинијата сместена во карстните брегови на Порторико, колабираше вчера утро, во 8 часот наутро по локално време
Како што веќе пишувавме во август, радиотелескопот претрпе голема штета по пукање на една од помошните сајлите додадени во 90-тите години на минатиот век. При пукањето сајлата повлекла една од антените која при ударот во чинијата направила дупка широка 30 метри. На 9 ноември дојде до пукање на уште една сајла која при падот направи уште една дупка во чинијата.
По овие две несреќи, на 19 ноември, веќе беше решено да се премине на контролирано рушење на антената, со оглед на тоа што платформата се наоѓаше на работ од колапс и веќе беше небезбедна за употреба. Но, се чини дека Аресибо не можеше пасивно да чека “да замине тивко во ноќта”, па сам си се погрижи за својата конечна судбина.
Како што јавил Рамон Луго, директор на Вселенскиот институт на Флорида при Универзитетот на Централна Флорида (UCF), кој управува со опсерваторијата во име на Националната фондација за наука (НСФ), во време на колапсот на платформата, за среќа, немало присутни во близина на чинијата. Се претпоставува дека до падот дошло поради попуштање на една од преостанатите сајли што ја поврзуваат платформата со една од трите кули за поддршка. Сајлите, кои веќе покажуваа знаци на оштетувања, а поради веќе споменатите хаварии трпеа и дополнително оптоварување. Како што изјавил Луго, последнава недела од ноември жиците од преостанатите сајли почнале забрзано да попуштаат и да се кинат и НСФ веќе биле известени дека платформата веројатно ќе се сруши најдоцна за две недели.
Инженерите ќе ја прегледаат состојбата на трите помошни кули и ќе се обидат да дознаат како точно дошло до колапсот на платформата.
Речиси 60 години, Аресибо беше еден од главните инструменти користени за радиоастрономски набљудувања, за атмосферски истражувања и во планетарната наука. Со децении, тој беше главниот телескоп кој СЕТИ го ползуваше во неговата потрага по вонземска интелигенција. Грандиозната појава му обезбеди на овој телескоп повеќе “споредни улоги” на филмското платно – од блокбастерите со Џејмс Бонд и високобуџетните научно-фантастични филмови како Контакт, до некои хорори од втора класа. Сè до 2016 и пуштањето на кинескиот 500-метарски сферен радиотелескоп, Аресибо беше најголемиот радиотелескоп во светот.
4.12.2020 – Новости во врска со крајот на Аресибо:
Само ден по веста дека платформата со инструменти се урна врз чинијата од радиотелескопот на интернет веќе се појавија и видеоснимки направени од контролната соба на радиотелескопот и од дрон, коишто го прикажуваат точниот момент на падот. Снимките даваат појасен увид за тоа како точно дошло до колапсот.