На 10 август познатиот радиотелескоп Аресибо во Порторико беше оштетен при пукање на челично јаже / сајла што потоа удрила во една од антените која при падот направила 30-метри широка дупка во садот со пречник од 307 метри. Сите астрономски набудувањата се запрени на најмалку 2 недели, додека тече истрагата за овој инцидент.
Како што изјави Рамон Луго, директор на Вселенскиот институт на Флорида при Универзитетот на Централна Флорида (UCF), кој управува со опсерваторијата во име на Националната фондација за наука (НСФ), несреќата се случила во 2 часот и 45 минути по полноќ, што е среќа во несреќа. Имено, ако инцидентот се случел во текот на денот, кога се вообичаено присутни поголем број луѓе, голема е веројатноста дека ќе имало и повредени.
Речиси 60 години, Аресибо е еден од главните инструменти користени за радиоастрономски набљудувања, за атмосферски истражувања и во планетарната наука. Со децении, тој беше главниот телескоп кој СЕТИ го ползуваше во неговата потрага по вонземска интелигенција. Грандиозната појава му обезбеди на овој телескоп повеќе “споредни улоги” на филмското платно – од блокбастерите со Џејмс Бонд и високобуџетните научно-фантастични филмови како Контакт, до некои хорори од втора класа. Сè до 2016 и пуштањето на кинескиот 500-метарски сферен радиотелескоп, Аресибо беше најголемиот радиотелескоп во светот.
Сајлата што попушти и се скина не била дел од главните сајли за поддршка, туку една од неколкуте помошни сајли додадени во 90-тите години од минатиот век, со цел да се стабилизира платформата по поставувањето на новата антена, позната како грегоријанска купола. Сајлата пукнала на спојот со платформата. Напнатоста на сајлата ѝ овозможила голем кинетички потенцијал, и оваа енергија, по пукање на сајлата, се ослободила при нејзиното неконтролирано движење за време на кое биле оштетени Грегоријанската купола и главниот рефлектор на чинијата, додека самата платформа е извитоперена.
Како што изјавил Луго, овој тип сајла не би требало да откаже на ваков начин, па тој не ја исклучува можноста своја улога во отказот да имале и неодамнешните временски непогоди и сеизмичките настани во регионот. Иако уште во 2017 година телескопот претрпел штети од ураганот Марија, Луго смета дека тие не придонеле директно за несреќата па не ја исклучува ниту можноста дека се работи за производствен дефект. Ако се покаже дека се работи за ваков пропуст, тогаш е неизвесно колку долго Аресибо ќе биде затворен за работа, со оглед на тоа што ќе треба да се испитаат и другите сајли употребени во конструкцијата. Истрагата тогаш освен време, би одзела и големи парични средства.