Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 23.2.2021
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 23.02.2021 - 17:30

Во денешниот времеплов ги славиме родендените на британскиот визионер и инжебер од областа на аудиотехниката Колин Сандерс, и на полскиот биохемичар Казимјеж Функ, првиот кој го употреби поимот витамин. Покрај ова одбележуваме 34 години од кога на јужното ноќно небо заблеска суперновата SN 1987A ...

 

23.2.1947 — Роден е Колин Сандерс иноватор и аудиоинженер

Колин Сандерс (Colin Sanders) е британски визионер и инженер којшто го пренесе духот на техничка и креативна иновативност во областа на аудиотехниката, специфично снимањето и аудиозаписот. Тој во 1969 година, на 22 годишна возраст ја основа компанијата Solid State Logic, којашто прво започна да се занимава со изработка на електричните контролни системи за инструментот органа којшто редовно е присутен во англиските цркви. Малку подоцна Solid State Logic се пренасочи кон производство на големи студиски конзоли (миксети). Кога во 1977 година SSL ja претставува конзолата SL4000 овој хардвер ќе донесе револуција во музичката индустрија.

Конзолата е првиот квалитетен спој на инлајн аудиоконзола со компјутер којшто го автоматизира начинот на којшто таа работи.

Се проценува дека конзолите SSL учествувале во правењето на две третини од популарната музика во последниве 30 години, независно дали се работело за снимање, миксирање, наснимување, преснимување или синхронизација за филм или телевизија. (Н. С.)

 

23.2. 1987 – Светлината од суперновата SN 1987A пристига до Земјата

SN 1987A е првата супернова експлозија која беше забележана по онаа од 1604 година. Суперновата беше забележана следниот ден, од страна на двајца астрономи – Јан Шелтон и Оскар Духалде. Обајцата независно еден од друг го детектирале новото ‘светло’ во маглината Тарантула во Големиот Магеланов облак, галаксија што е видлива единствено од јужната земјина хемисфера.

Експлозијата се случила приближно 168 000 години пред таа да стане видлива од Земјата.

Во месец мај истата година SN 1987A имаше максимална магнитуда и беше доволно сјајна за да може да се види со голо око на небото, по што почна да станува сè побледа и побледа. Повеќе за овој настан може да прочитате во ЕМИТЕР 7-8/2007 во написот “Смртта на една ѕвезда”. (Н. С.)

 

23.2. 1884 – Роден е Казимјеж Функ

Казимјеж Функ (Kazimierz Funk) е полски биохемичар познат по тоа што прв го употребил поимот ‘витамин(е)’. Буквата ‘е’ од првичниот назив подоцна била отстранета, кога се открило дека не сите витамини во својот состав вклучуваат и амини.

Функ бил инспириран од трудот на Холанѓанецот Кристијан Ајкман, во кој се посочува дека лицата што јадат кафеав ориз се помалку ранливи на бери-бери од оние кои јадат целосно бланширан производ. Функ се обидел да ја изолира супстанцијата што ова го овозможувала и успеал во тоа, изолирајќи го витаминот Б3 односно ниацин. Бидејќи супстанцијата содржела аминска група, тој ја нарекол “витамин(е)“. Тој се надевал дека ќе го изолира тиаминот (витаминот Б1), којшто најмногу го има во житариците и млекото, којшто го опишал како “анти-бери-бери-фактор“.

Во 1911 година го објавил својот прв труд на англиски јазик, за дихидроксифенилаланинот. Функ бил сигурен дека постојат повеќе супстанции слични на витаминот Б1, и во својот труд од 1912 година тој предложил постоење на уште најмалку четири витамина – еден којшто ја спречува болеста бери-бери (“антиберибери“), втор којшто го спречува скорбутот (“антискорбутичен“), трет којшто ја спречува болеста пелагра (“антипелагрик“), и четврт којшто ја спречува појавата на рахитис (“антирахитичен“). Функ го претпоставил и постоењето на други есенцијални хранливи материи – витамините Б1, Б2, Ц и Д. Истата 1912 година Функ ќе ја објави книгата “Витамини“, а ќе добие и средстава за да го продолжи истражувањето.

Во 1936 година тој ја утврдил молекуларната структура на тиаминот, иако не бил и првиот што ја изолирал.

Подоцна Функ ќе спроведе и истражувања за хормоните, дијабетесот, пептичките улкуси и биохемијата на ракот. Последните години од животот ги поминал проучувајќи ги причините за појавата на неоплазми (“карциноми“). (Н. С.)

Клучни зборови:
Колин Сандерс

Колин Сандерс 

Миксерот SSL Duality SE 6000 во тетовското студио ProSound Recording studio

Миксерот SSL Duality SE 6000 во тетовското студио ProSound Recording studio

Фотографија на маглината Тарантула во Големиот Магеланов Облак. Суперновата SN1987A јасно може да се забележи во централниот десен дел од фотографијата

Фотографија на маглината Тарантула во Големиот Магеланов Облак. Суперновата SN1987A јасно може да се забележи во централниот десен дел од фотографијата. (фото: ESO / Schmidt Telescope)

Остатоците од суперновата SN1987A

Остатоците од суперновата SN1987A (фото: NASA Goddard Space Flight Center / Hubble)

Остатоците од суперновата набљудувани во различни бранови опсези

Остатоците од суперновата набљудувани во различни бранови опсези. Фотографијата е комбинација од фотографија направена во видливото подрачје (NASA/ESA Hubble Space Telescope) и фотографија направена во x-зрачното подрачје (NASA Chandra X-Ray Observatory) (извор: Википедија / ALMA (ESO/NAOJ/NRAO)/A. Angelich)

Казимјеж Функ

Казимјеж Функ 

Казимјеж Функ

Казимјеж Функ