Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 15/16.12.2020
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 15.12.2020 - 18:15

Во овој времеплов ги славиме родендените на двајца нобеловци – францускиот физичар Анри Бекерел и американскиот астрофизичар Адам Рис. Го славиме и роденденот на еден од најголемите писатели на научнофантастични романи во 20 век – Артур Кларк и одбележуваме 50 години од слетувањето на сондата Венера 7.

 

15.12.1970 – Сондата Венера 7 слета на Венера

Венера 7 е советска сонда, дел од серијата сонди Венера, коишто беа дизајнирани за слетување на површината од истоимената планета. Леталото Венера 7 беше лансирано од космодромот во Бајконур на 17 август 1974 година а до Венера ќе пристигне на 15 декември истата година. Сондата навлезе во атмосферата и успеа да стигне до површината планетата Венера од каде успеа да емитува податоци во траење од цели 20 минути. Оваа сонда стана  првото вселенско летало коешто успеало да слета и да емитува податоци од друга планета.

Добиените податоци покажаа дека надворешната температура на површината на Венера изнесувала 475 °C , додека атмосферскиот притисок е за 90 пати поголем од оној на површината на Земјата. (Н. С.)

 

15.12.1852 – Роден е Анри Бекерел

Анри Бекерел е француски физичар, добитник на Нобеловата награда за физика во 1903 година за откритието на радиоактивноста.

До откритието дошло сосема случајно. Чекајќи да се расчистат облаците и да се подобри времето за да може да експериментира со изложување на ураниумот на сончева светлина, тој примерокот го оставил во фиока заедно со фотографска плоча. Кога неколку дена подоцна ја развил фотографската плоча на неа забележал слика од ураниумската руда. Настанатата фотографија практично го докажала постоењето на радиоактивноста. (Н. С.)

 

16.12.1917 – Роден е Артур Кларк

Сер Артур Кларк е англиски писател на научно-фантастични романи, автор на научни трудови, футуролог, пронаоѓач, подморски истражувач и ТВ водител.

Иако писателскиот опус на Кларк е мошне обемен, најпознат е по неговиот научнофантастичен роман “2001 година: Вселенска одисеја”, за којшто напиша и сценарио за истоимениот филм што го режираше Стенли Кубрик. Филмот е прогласен за едно од најдобрите филмски остварувања во областа на научната фантастика, воопшто.

Артур Кларк, заедно со Роберт Хајнлајн и Исак Асимов, се вбројува во таканаречената “Големата тројка“ на научната фантастика на 20 век. Целокупниот негов опус брои над 100 книги за науката, вселената и иднината. Во голем дел од нив се претставени идеи коишто дадоа значителен придонес во развојот на некои современи технологии. Така, на пример, Артур Кларк меѓу првите ја предлага употребата на систем од геостационирни сателити за создавање на глобална телекомуникациска мрежа. Имено, уште во 1945 година тој во својот труд во списанието Wireless World ги разработува идеите на Циолковски и Поточник за сателити коишто ќе ја обиколуваат Земјата за 24 часа па гледани од Земјата тие ќе “стојат“ над одредена точка. Артур Кларк предлага тие геостационарни сателити да се искорстат како релеи за широка дистрибуција на радиски и телевизиски програми и дека се доволни само 3 такви сателити за да се “покрие“ целата Земја со радиосигнали и да се овозможи радиоврска помеѓу кои било две точки на Земјата. Геостационарните сателити кружат на висина од околу 36 000 километри над Земјата, затоа што на таа висина сателитот прави една обиколка околу Земјата за точно 24 часа.

Слично како и Жил Верн пред него, Кларк во неговите дела визионерски предвиде повеќе современи технологии и научни концепти, особено во доменот на вселенските истражувања, поради што честопати е нарекуван и “пророк на вселенското доба“. (Н. С.)

 

16.12.1954 – Создаден е првиот вештачки дијамант

Во истражувачката лабораторија на Г.Е. во Шенектади, Њујорк, д-р Трејси Хол и неговиот тим користеле моќна хидраулична преса со цел да го изложат јаглеродот на екстремно висок притисок и да создадат примерок од ситни октаедрални дијаманти. При процесот научниците го загреале јаглеродот на околу 2760ºC и ја реконфигурирале неговата молекуларна структура.

Добиениот резултат, кој подоцна успешно го повториле, е плод на претходното тригодишно експериментирање и повеќевековни шпекулации. Имено, уште во 19. век, повеќе научници, вклучително и британскиот инженер Сер Чарлс Парсонс, се обиделе и не успеале да ги репродуцираат огромните притисоци што владеат на големите длабочини во Земјината кора и на тој начин да го реструктуираат јаглеродот на молекуларно ниво за да добијат кристална дијамантска структура. Д-р Хол го подобрил начинот на компресија и работа на пресата, што овозможило успешност на проектот “Суперпритисок” (Superpressure). Интересно е што за овој успех Трејси Хол бил награден со обврзница од 10 американски долари. (Н. С.)

 

16.12.1969 – Роден е Адам Рис

Адам Рис (Adam Reiss) е американски атрофизичар, еден од тројцата добитици на Нобеловата награда за физика во 2011 година, покрај Сол Перлмутер и Брајан Шмит за обезбедувањето докази за стапката на забрзана експанзија на универзумот. Рис и Шмит дошле до откритието со набљудување на експлозиите на супернова и следење на нивното доплерово поместување.

Пред откритијата направени од страна на Рис и Шмит, во научните кругови преовладуваше мислење стапката на ширење на универзумот забавува. (Н. С.)

Клучни зборови:
Сондата Венера 7

Сондата Венера 7

Сондата Венера 7 сместена во вселенската капсула

Сондата Венера 7 сместена во вселенската капсула

Анри Бекерел

Анри Бекерел

Фотоплочата на којашто се гледа отисокот од друг предмет изложен на зрачење од радиоактивен елемент

Фотоплочата на којашто се гледа отисокот од друг предмет изложен на зрачење од радиоактивен елемент

Комеморативна марка којашто го одбележува слетувањето на Венера 7

Комеморативна марка којашто го одбележува слетувањето на Венера 7

Артур Кларк

Артур Кларк

Сцена од филмот 2001: Вселенска одисеја

Сцена од филмот 2001: Вселенска одисеја

Адам Рис

Адам Рис

Природните и синтетизираните дијаманти се речиси идентични

Природните и синтетизираните дијаманти се речиси идентични

Трејси Хол – човекот кој ни овозможи да штанцаме дијаманти а кој не се збогати од ова откритие

Трејси Хол – човекот кој ни овозможи да 'штанцаме' дијаманти а кој не се збогати од ова откритие