Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 21.4.2020
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 21.04.2020 - 17:45

За да се разбере сегашноста и за да може да се прогнозира иднината, мора да се познава минатото. Во следните редови ги одбележуваме настаните од науката и техниката што се случиле на денешен ден. Изборот на настаните и коментарите се на нашите стручни соработници.

 

21.4.1949 – Роден е Горазд Росоклија, познат македонски невропсихијатар

На денешен ден во Скопје, во 1949 година е роден светски познатиот македонски невропсихијатар Горазд Росоклија. Вонреден професор е на Универзитетот Колумбија во Њујорк (САД) од 2006 година. Дипломирал на Медицинскиот факултет во Скопје во 1976 година. Се вработил на Клиниката за невропсихијатрија при Медицинскиот факултет во Скопје и станал специјалист – невропсихијатар. Го одбранил докторатот по медицински науки (невропсихијатрија) во 1990 година, на Медицинскиот факултет во Скопје. За доцент при Катедрата за невропсихијатрија бил избран во 1990 година. Се усовршувал по невропатологија во Париз во периодот 1985 – 1986 година. Од 1992 година работи како истражувач во одделот за неврологија и психијатрија на College of Physicians and Surgeons of Columbia University, каде што го истражува нервниот систем. Покажал дека настанувањето на дијабетичната невропатија е потпомогната со активацијата на комплементот, што овозможило успешно лекување со интравенозно давање имуноглобулини, како и дека постои голема загуба на дентритични шилци во субикулумот кај болните од шизофренија. Овие морфолошки наоди може да се користат при евентуална невропатолошка класификација на главните психијатриски нарушувања. Развил метод за импрегнација на мозочното ткиво, што ги олеснува иследувањата во невропатологијата. Со колегите од Македонија создал банка на мозочно ткиво. Соработува со колегите во Македонија во усовршувањето кадри од земјава, со публикација на трудови и реализација на научно-истражувачки проекти. Своите многубројни истражувања ги отпечатил во познати светски списанија. Вљубеник е во планинарството, ги совладал највисоките планински врвови во светот, вклучувајќи го и Монт Еверест на Хималаите, за што добил највисоки признанија. Избран е за надворешен член на МАНУ на 10 јуни 2006 година. (Т. С.)

 

21.4.1843 – Роден е Валтер Флеминг

Валтер Флеминг (Walther Flemming) е германски биолог, познат по тоа што ја основа научната гранка за истражувања на цитогенетиката, односно на хромозомите во клетката.

Флеминг прв го опишал однесувањето на хромозомите за време на клеточната делба. Тој процесот го нарекол митоза, според грчкиот збор за влакно, коешто приближно го доловува изгледот на хромозомите набљудувани под микроскоп. (Н. С.)

 

21.4.1882 – Роден е Перси Бриџмен

Перси Вилијамс Бриџмен е американски физичар, познат по неговата работа во доменот на физиката на високи притисоци. При една поправка на опремата, на Бриџмен му текнало како да го подобри заптивањето околу одделот за примероци. Неговата идеја многу ја подобрила ефикасноста на уредот, па така можел да ги компримира примероците до величини над 10 гига паскали.

Остварувањето вакви притисоци овозможило сосема нови текови во истражувањата. Тој ги каталогизирал физичките својства како потисливоста, топлоспроводноста, еластичноста и вискозноста на преку 100 различни соединенија. Исто така, Бриџмен открил дека при протокот на струја низ кристали, на местата со различна ориентација на кристалот доаѓа до загревање, појава позната како Бриџманов ефект. Откритието на овој ефект и неговиот изум за подобрена преса во 1946 година ќе му ја донесат Нобеловата награда за физика.

Во компанијата Генерал електрик се заинтересирале за неговата работа и го најмиле како советник за нивниот проект за создавање вештачки дијаманти. Рецептот за создавање дијаманти вклучува изложување на материјалот на топлина и високи притисоци, нешто што Бриџмен и тоа како добро го владеел. Првичните обиди не дале резултати, па компанијата вклучила уште еден физичар во проектот, младиот Трејси Хол. Хол целосно ја редизајнирал пресата на Бриџмен и ја зголемил границата за остварување високи притисоци. Ова на крајот резултирало со создавањето на првиот вештачки дијамант на 16 декември 1954 година. Првите дијаманти биле мали и немале некоја јувелирска вредност, но нашле примена како индустриски абразиви. Компанијата го патентирала процесот и заработила многу пари, додека Хол за своите заслуги во проектот бил награден со бонус во вид на штедни обврзници во вредност од 10 американски долари.

Бриџмен ги продолжил истражувањата сè до моментот кога му бил дијагностициран метастазен рак на коските. Како што неговото здравје станувало сè полошо и полошо, тој решил да го заврши животот под свои услови, извршувајќи самоубиство со огнено оружје. Во својата порака, меѓу другото запишал: “Непристојно е едно општество да го тера човека самиот да го направи ова. Ова е можеби последниот ден кога ќе бидам способен да го изведам овој чин самиот.” Пораката честопати се цитира во расправите за потпомогнато самоубиство и евтаназија. (Н. С.)

Клучни зборови:
Горазд Росоклија

Горазд Росоклија

Валтер Флеминг

Валтер Флеминг

Перси Бриџмен

Перси Бриџмен

Трејси Хол

Трејси Хол

Преса за добивање на вештачки дијаманти

Преса за добивање на вештачки дијаманти