Рубрика: На граница на науката
5G создава коронавирус во човековата кожа!?
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 08.08.2020 - 23:45

Ако како нас внимателно ги следите сите нешта во врска со тековната пандемија, како од научна така и од ненаучна провениенција, веројатно знаете за што зборувам. Пред две недели, којзнае како, еден крајно несериозен „труд“ кој се обидува да изгради врска меѓу 5G-технологијата – коронавирусот – пандемијата, се најде за момент и на сајтот на едно научно списание од областа на медицината, Journal of Biological Regulators and Homeostatic Agents.

„Трудот“ беше достапен и на повеќе сајтови за бесплатна објава на научни трудови (на пример, на PubMed), но многу брзо, речиси за еден ден по објавувањето беше повлечен од уредништвото на Journal of Biological Regulators and Homeostatic Agents. Зошто? Па, најмалку „за да се прикрие вистината“, како што би тврделе приврзаниците на теориите на заговор, а најмногу поради неколку повеќе од сериозни фалинки во размислувањето, фактите и во доказите. Но, да тргнеме со ред.

Наведениот труд (5G Technology and induction of coronavirus in skin cells), кој за сега сè уште може да го проследите тука, уште во старт тргнува со умисла дека 5G е „виновна“ за подемот на новата болест и ова е наведено уште во самиот апстракт, каде што се истакнува дека целта на трудот е јасно да ја покаже врската меѓу двете: „Со ова истражување покажуваме дека 5G-милиметарските бранови може да се апсорбираат од кожните клетки кои делуваат како антени, да се пренесат до другите клетки и да играат главна улога во создавањето на коронавируси во биолошките клетки” (!)

Иако и само набрзинка да ги побараме моменталните жаришта на Ковид-19 во светот и да ги споредиме на мапа со местата каде што веќе има имплементирано и се користи 5G ќе дојдеме до сосема „неверојатен“ заклучок, кој „за чудо“ сосема се коси со тезата од овој труд. Замислете, земјите со најголем број случаи на Ковид-19 и најголем број смртни случаи или ВООПШТО НЕМААТ или ИМААТ СЛАБА ПОКРИЕНОСТ со 5G мрежа! 

Најголем број заразени и смртни случаи секако има во градските средини. Но, ова се должи на сосема други фактори, кои немаат врска со новите технологии. Имено, и во минатото градовите секогаш го „влечеле подебелиот крај“ при епидемии од големи размери, така било и во римскиот период, при чумите, така било и подоцна во средниот век, при „црната смрт“, па така е и денес. Ако во историјата ова се должело на лошите хигиенски услови, тешкотиите врзани со организацијата на канализациските одводи, справувањето со болните и отстранувањето на телата на починатите подалеку од населението, денес ова се должи најмногу на густата населеност на популацијата на мал простор. Густо населените места овозможуваат брз пренос на вирусите и бактериите, и тоа е тоа. Нема некоја особена мистерија за тоа зошто и како, едноставно можноста да дојдете во контакт со заразен болен или заразена површина се мултиплицира дури и ако живеете во град со десетина илјади жители сместени на површина што зафаќа едно поголемо село.

Е сега, да го разгледаме и „научниот“ пристап кон анализата на 5G-зрачењето. „Научниот“ труд вели дека „5G-фреквенциите се над 24 GHz и достигнуваат до 72 GHz, што е над долните гранични вредности од екстремно високофреквентниот опсег." Хм...

Изборот на зборови намерно сака да го наведе читателот кој, се разбира, не секогаш e информиран и доволно добар познавач на работите, дека се наоѓа во некакваси опасност од „екстремно високите фреквенции“.  Ова е суптилна манипулација со зборовите, бидејќи зборот „екстремно“ може да има и негативно значење, но во овој случај тоа е само стандарден назив на еден дел од електромагнетниот спектар. Па така електромагнетниот спектар според науката е поделен на зрачења со: ниска фреквенција; средна фреквенција; висока фреквенција; многу висока; ултрависока; супервисока фреквенција; екстремно висока фреквенција; видлив светлински спектар; ултравиолетови зраци; x-зраци и гама-зраци (слика 1).

Слика 1: Поделба на електромагнетните бранови (зрачења). Опасни зрачења се оние од ултравиолетовата светлина нагоре.

Притоа, пак ќе повториме за оние што ги пропуштија написите Напредни техники за еволуција кон 5G ерата (Емитер 9-10/2016), Дали сте подготвени за 5G (Емитер 4-6/2019), Интернет-јасновидци, и онлајн-дискусијата на ФЕИТ алумни 5G и вирусот, дека сите електромагнетни зрачења што се штетни за човековото здравје се сместени над видливиот светлински спектар, односно нивната фреквенција е во рангот не на гигахерци (GHz), не на терахерци (THz), туку на петахерци (PHz)! Ова е докажано и потврдено со огромен број научни истражувања, а особено со мерењата и искуствата од секојдневната практика. Па така никој сè уште не развил рак од зрачењата од својата микробранова печка којашто (замислете!) зрачи микробранови со фреквенции од 300 MHz до 300 GHz (еве и со зборови: до ТРИСТА ГИГАХЕРЦИ, ееееј!). Ниту пак добил некоја болест од зрачењето на својата инфрацрвена кварцна греалка што зрачи во подрачјето од 300 GHz до 300 THz (терахерци!), што е далеку над опсегот на екстремно високите фреквенции (од 30 GHz до 300 GHz)!

Но квази-научниот труд, како и низа теории на заговор повторно со намера користи манипулативен говор, поткрепен со полувистини и безочни лаги, којшто го наведува читателот, особено оној што не располага со доволно информации, да помисли дека е во опасност. Во таа насока е и информацијата за фркевенцискиот опсег на 5G (24 до 72 GHz), каде што се наведени фреквенции што сè уште не се користат, никаде во светот, иако во квази-научниот труд се манипулира со тие фреквенции како да се во редовна употреба! Фреквенциите за 5G кои се користат денес се прикажани на слика 2.

Слика 2: Фреквенции за 5G кои се користат денес во различни држави.

Интересно е и повикувањето на други слични квази-научни трудови каде што авторите повикуваат на, внимавајте, исфрлање од употреба и уништување на сета безжична технологија поради наводниот огромен спектар на болести поврзан со неа. Во научните кругови овој тип на повик за деструктивно однесување е јасен показател дека некој зад ова крои сопствени планови или можеби крие некое длабоко психичко нарушување.

Особено интересна е една реченица од „трудот“ во која се тврди дека „5G предизвикува 720! (факториел) различни болести кај луѓето, и убива сè живо, освен некои форми на микроорганизми“. Каква колосална глупост! Тој што го напишал тоа, нема ни елементарни познавања од математиката, бидејќи 720! = 2,6x10^1748, е еден непоимливо голем број. За да добиете претстава колку е голем овој број, да го споредиме со бројот на сите атоми во целата наша вселена – само 1x10^82 атоми, според најоптимистичките проценки!

Тврдењето дека 5G-технологијата на некој начин магично го поттикнува вирусот да ги нападне човечките клетки е исто така чиста лудост и крајна ненаучна бесмислица. За оние што ги преспале часовите по биологија вирусот функционира на следниов начин: наоѓа отворен пат во телото (најчесто преку уста, нос или очи), по што го користи телото како место за размножување, некогаш потпомогнат и од самиот имун одговор на телото. Никаква безжична технологија не помага за негово реплицирање и колонизација на човечкото тело.

Ако сево ова не беше доволно за да ве убеди во погрешноста на тезата претставена во оваа глупост што некој се обидува да ја претстави како научен труд, тогаш можеби е крајно време да ја разгледаме и „стручноста“ на самите автори.

Професорот М. Фјоранели, главниот автор на трудот, е главен уредник на едно навидум научно списание каде што авторите плаќаат за да им бидат објавени трудовите, но истовремено има веќе утврдена практика на лоши или никакви рецензии на објавените трудови. Покрај ова, сопственикот на списанието е честопати критикуван за некоректна употреба на имињата на други научници без нивна согласност и знаење. Дури и американската администрација го повикала да престане со погрешните тврдења за неговата соработка со американската влада или нивните вработени. Универзитетот каде што предава самиот Фјоранели има сомнителна акредитација доделена од американската агенција ACICS, којашто била вмешана во неколку корупциски скандали, па во одреден период ѝ бил одземен авторитетот за акредитирање образовни институции.

Остатокот од авторите имаат по неколку квази-научни трудови зад себе, кои некогаш според насловот повеќе наликуваат на тема за добар хорор-филм отколку на сериозна научна студија. Повеќе за тоа може да најдете тука.

И сега, конечно, збор-два за самото онлајн научно списание каде што овој труд беше објавен, за кратко. Иако Journal of Biological Regulators and Homeostatic Agents е сосема валидно научно списание од областа на медицината, поради начинот на којшто функционира објавата на трудови повремено се случува да се протне објава и на вакви квази-научни бесмислици. За среќа, системот на кој функционира научната заедница е самокорективен, а и редакцијата коректно и брзо реагираше, па така и овојпат, квазинаучниот труд беше тргнат од нивната страница за многу кратко време.

 

Овој случај на обид за протнување глупост како научен факт треба да нè поттикне сите да ги проверуваме фактите од повеќе извори и во поголем континуитет, особено затоа што се покажа дека дури и во валидните научни списанија некогаш се протнуваат бесмислици, макар и за кратко.

Клучни зборови:
Поделба на електромагнетните бранови (зрачења). Опасни зрачења се оние од ултравиолетовата светлина нагоре.

Слика 1: Поделба на електромагнетните бранови (зрачења). Опасни зрачења се оние од ултравиолетовата светлина нагоре.

Фреквенции за 5G кои се користат денес во различни држави.

Слика 2: Фреквенции за 5G кои се користат денес во различни држави.