Секој последен четврток во месецот, завршените инженери од ФЕИТ се среќаваат на неформална тематска дружба во аулата на факултетот во Скопје. На дружбите се “разглабаат” популарни и горливи теми од областа на електротехниката, телекомуникациите, роботиката, се разгледува нашето место во општиот напредок, се дискутира за приемот на новите технологии, проблемите врзани со нив, а понекогаш, како на последнава средба, и за лажните вести и квазинаучни истражувања кои ги стигматизираат.
Последната ваква дружба, во услови на пандемија со Ковид-19, се одржа онлајн, преку платформата Зум. Темата на дискусијата "5G и вирусот“ беше директно поттикната од разноразните шпекулативни вести и дезинформации во врска со 5Г технологијата, кои го преплавија интернет просторот и ги запалија социјалните мрежи.
Во двоиполчасовната дискусија под модераторство на Тони Манџуковски –Манџук учествуваа 42 инженери, меѓу кои и експерти од областа на телекомуникациите, Петар Поповски, професор на Универзитетот Алборг во Данска; Владимир Атанасовски, Валентин Раковиќ и Томислав Шумоноски, професори на ФЕИТ, Институт за телекомуникации; Сашо Димитријоски, директор на АЕК (Агенција за електронски комуникации на Македонија), коишто дадоа вовед во дискусијата на тема 5Г технологии.
Воведот во дискусијата содржеше 5 точки, коишто всушност претставуваат сублимат од дискусиите што во последниов месец се забележливи на социјалните мрежи, медиумите и во разговорите меѓу луѓето на тема 5G:
1. Злоупотребата на 5G, човековите права, слободата и приватноста;
2. Здравствениот момент, зрачењето, фреквенции, број на антени и предаватели;
3. Светски сооднос на САД, Европа, Русија и Кина во однос на повеќе аспекти од употребата на 5G;
4. Совпаѓањето на имплементацијата на 5G и актуелната светска пандемија со Ковид-19; и
5. Работата што ги обединува сите, a е врв на сè – лажните вести.
Во првиот час, секој од воведните говорници даде свој осврт и видување на 5G, од секој аспект и агол, а особено од својот, оној за кој се експерти. Овие излагања се во првото видео:
Во следниот час и половина следеше дискусија во која учествуваа повеќе инженери (Снежана Живчевска-Сталперс, Слободан Таневски, Нусрет Халити, Миле Кокотов, Влатко Стоилков, Гоце Арсов и воведните говорници: Петар Поповски, Сашо Димитријоски, Владимир Атанасовски, Валентин Раковиќ и Томае Еденски). Овој дел од дискусијата е во второто видео:
Како заклучоци од дискусијата се наметнуваат следниве работи:
1. 5G се анализираше од повеќе аспекти (технички, здравствени, безбедносни, социолошки и социјални);
2. Потребен е институционален настап (како АЕК) на МИОА, МЗ, МЗЖСПП и ФЕИТ со стратегија за објаснување и демистифицирање на 5G;
3. Самата 5G-технологија содржи многу други придобивки кои со текот на времето ќе се користат;
4. Односот на операторите и нивното (не)учество во целава состојба со 5G; и
5. Наједноставно кажано, знаеме дека и тука ќе победи доброто во вечната борба на доброто и злото!