Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 11.5.2020
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 11.05.2020 - 19:15

За да се разбере сегашноста и за да може да се прогнозира иднината, мора да се познава минатото. Во следните редови ги одбележуваме настаните од науката и техниката што се случиле на денешен ден. Изборот на настаните и коментарите се на нашите стручни соработници.

 

11.5.1918  – Роден е Ричард Фајнман

Ричард Филипс Фајнман (Richard Phillips Feynman, 1918 – 1988) е еден од највлијателните американски физичари на 20 век, особено на полето на квантната електродинамика, нобеловец, познат и како најголемиот ум по Ајнштајн. Покрај тоа Фајнман бил особено креативен предавач и музичар-аматер. Бил дел од американскиот тим за изработка на атомската бомба, а во осумдесетите години бил дел од Роџеровата комисија којашто ја истражуваше несреќата на спејс-шатлот Челинџер. Нобеловата награда за физика за 1965 година ја дели заедно со Џулиан Швингер и Шинчиро Томонага на нивната работа во доменот на квантната електродинамика.

Покрај неговата работа на полето на теориската физика,Фајнман се смета за предвесник на квантниот компјутер и основоположник на квантната информатика, а заслужен е и за воведување на концептот на нанотехнологијата. Бил професор по теориска физика на Калифорнискиот институт за технологија.

Познат е по неговата лекција во1959, на темата нанотехнологија “Има доволно простор на дното“ (There's Plenty of Room at the Bottom). Фајнман го напишал 3-томното издание на “Лекции по физика“, универзитетски курс којшто и ден денес се употребува. Во доменот на квантната теорија на полето го открил дијаграмот на интеракции на елементарните честички, којшто дава визуелно-графичко решение како замена за комплицирани математички пресметки. 

Фејнман бил жесток поборник за популаризирање на физиката преку книги и предавања. Но колкушто бил возбудлив неговиот научен придонес подедначво возбудлив бил и неговиот приватен живот. Па така Фејнман ќе стане познат и по многубројните авантури опишани во полубиографските книги “Сигурно се шегувате г.Фејнман” (Surely You're Joking, Mr. Feynman!), “Што ви е гајле што мислат другите”( What Do You Care What Other People Think?) и “Тува или смрт” (Tuva or Bust!). (Н. С.)

 

11.5.1997 – Каспаров ја изгуби партијата од Дип Блу

Во последната партија од мечот којшто се состоеше од шест шаховски партии, суперкомпјутерот Длабоко Синило (Deep Blue) на IBM го победи шаховскиот светски првак Гари Каспаров. Конечниот резултат од мечот, по две победи и три реми резултати, беше 3,5 за компјутерот наспроти 2,5 за Каспаров. Ова беше прв случај актуелниот светски шампион да изгуби меч од компјутер според турнирски правила. (Н. С.)

 

11.5.1979 – Претставен VisiCalc

На саемот “Вест Коуст компјутер“ Даниел Бриклин и Роберт Франкстон, прават демонстрација на VisiCalc, првиот оригинален софтвер за табеларни пресметки. Во почетокот создаден и прилагоден за користење на Apple II, VisiCalc од персоналниот компјутер направил деловна машина. VisiCalc постигнал огромен успех, продавајќи се во повеќе од 100 000 примероци само во првата година, а вкупно во над 1 милион примерици. Софтверот ја поттикнал продажбата на Apple II, бидејќи луѓето го купувале Apple II само за да работат со VisiCalc. Подоцна софтверот е прилагоден и за другите модели.

Севкупно, софтверот ја потврдил корисноста на персоналниот компјутер и веројатно бил голем фактор за IBM да го забрза развојот на овој сегмент. (И. З. / Н. С.)

 

11.5.2001 – Почина Даглас Адамс

Даглас Адамс е веројатно најпознат по неговото култно научно-фантастично дело “Автостоперски водич низ галаксијата”. Освен како писател, тој работел и како сценарист и уредник во ББЦ, каде, меѓу другото, бил вклучен и во продукцијата на култната научно-фантастична ТВ-серија “Д-р Ху”, а покрај ова се појавува и во еден од серијалите на “Летечкиот циркус на Монти Пајтон”. Повеќе за Адамс пишувавме по повод обележувањето на датумот на неговото раѓање тука и по повод одбележувањето на емитувањето на првата епизода од Автостоперскиот водич (тука). (Н. С.)

 

11.5.868 – Најстарата печатена книга што опстанала до денес

“Дајмонд сутра” е еден од најзначајните текстови на махајана будизмот во Источна Азија, книга преведена на голем број јазици. Датираниот примерок од оваа печатена книга којшто денес се чува во Британската библиотека во Лондон е кинеска верзија којашто била пронајдена меѓу ракописите на таоистичкиот свештеник Ванг Јанлу во 1900 година. (Н. С.)