За да се разбере сегашноста и за да може да се прогнозира иднината, мора да се познава минатото. Во следните редови ги одбележуваме настаните од науката и техниката што се случиле на денешен ден. Изборот на настаните и коментарите се на нашите стручни соработници.
8.3.1955 – BIG BANG за оперативните системи
Во лабораторијата за сервомеханизми на МИТ се одржа првиот симпозиум за дигитална контрола врз пожарите, каде што беше претставен Whirlwind, компјутер со вакуумски цевки, првенствено дизајниран како симулатор за летање за морнарицата на САД. На вториот ден од овој симпозиум, беше представен програмот DIRECTOR, кој се смета како прва, основна верзија на опративен систем бидејќи автоматски ги расподелуваше и контролираше системските ресурси (меморија, простор за складирање податоци, печатење) при извршувањето на програмите. (З. И.)
8.3.1979 – Филипс го претставува CD аудио плеерот
Демонстрацијата направена пред претставниците новинарите покажа дека е возможно да се репродуцираат аудиосигналите снимени врз дигитален оптички носач и притоа да се добие супериорен квалитет на звукот во споредба со дотогашните медиуми за снимање. Истражувањата направени од Филипс ги поставија техничките стандарди за дигиталните оптички системи за снимање.
Настанот го означува почетокот на развојот на комерцијалната дигитална опрема за снимање и репродукција којашто ќе стане достапна за сите по ниска цена. Оригинално дизајниран за аудиоснимки и репродукција на аудиосодржини, CD медиумот ќе ја прошири употребата во доменот на компјутерската и видеотехниката, за снимање, зачувување и споделување како на аудио, така и на компјутерски податоци и видеосодржини. (Н. С.)
8.3.1839 – Пожар во студиото на Луј Дагер
Луј-Жак-Манде Дагер (1787-1851), попознат едноставно како Луј Дагер, е француски уметник и е еден од пионерите на фотографијата. Изумител е на процесот дагеротип, односно дагеротипија во фотографијата, првиот фотографски процес којшто имал комерцијален успех.
Кај дагеротипијата не постои негатив, сликата се прави директно на посребрена бакарна плоча (дагеротипија) кога таа во мрак ќе се изложи на јодна пареа. Тогаш на нејзината површина се добива фин слој од сребро-јодид којшто е чувствителен на светлина. Плочата се осветлува во камерата т.н. камера опскура, при што се добива латентна слика којашто е сè уште невидлива. Потоа плочата се изложува на пареа од жива за да се развие, а се фиксира во заситен раствор од готварска сол. Добиената слика била мошне чувствителна, па се потопувала во раствор од злато хлорид за да зацврсне. Заради отровноста на живините пареи, подоцна Бекерел направил поздрава варијанта на развивање со помош на црвена светлина и фиксирање со раствор од натриум тиосулфат. Поради природата на сликата, не била возможна нејзина репродукција, па така секој дагеротип претставува оригинал. Интересно е што секоја од фотографиите добиени при овој процес претставува истовремено и позитив и негатив, зависно од аголот под којшто таа се гледа.
Дагер бил фасциниран и дагеротипијата ја применувал како за уметнички така и за научни фотографии со помош на микроскоп и телескоп. За жал, ниту една од овие микроскопски и телескопски дагеротипии не го преживеле пожарот од 8 март 1839 година во неговото студио. (Н. С.)
8.3.1978 – Емитувана првата епизода од радиодрамата “Автостоперски водич низ галаксијата”
На 4 февруари 1977 година Даглас Адамс се среќава со продуцентот на ББЦ Сајмон Брет. По средбата Брет се согласува за поставуавање на радиодрама којашто ќе биде научнофантастична комедија. Така настанува култното дело Автостоперски водич низ галаксијата.
Првата епизода е емитувана на BBC Radio 4 на 8 март 1978 година во 22 часот и 30 минути. Првиот серијал се состоел од 6 епизоди. Аудиоверзија од Автостоперскиот водич низ галаксијата подоцна е снимена и на винил, во 1979 година, но ова остварување, поради авторските права, значително се разликува од епизодите првично емитувани на ББЦ.
Радиосеријалот му донесе на Адамс доста признанија и награди, меѓу кои и номинација за Хјуго наградата, како единствена радиоемисија којашто била номинирана за оваа Награда за достигнување во научната фантастика. (Н. С.)