За да се разбере сегашноста и за да може да се прогнозира иднината, мора да се познава минатото. Во следните редови ги одбележуваме настаните од науката и техниката што се случиле на денешен ден. Изборот на настаните и коментарите се на нашите стручни соработници.
11.3.1811 – Роден е Ирбен Леврие, француски математичар
Ирбен Леврие (Urbain Jean Joseph Le Verrier) бил француски астроном и математичар кој се специјализирал за вселенска механика и најпознат станал по предвидувањето за постоењето и положбата на Нептун користејќи само математички пресметки. Пресметките се направени за да се објасни отстапувањето со Урановата орбита и законите на Њутн и Кеплер. Откривањето на Нептун важи како голема потврда на вселенската механика и еден од најзначајните моменти воопшто на науката во 19 век.
Роден е во скромно француско буржоаско семејство. Студирал на прочуената Политехничка школа во Париз. Кратко студирал хемија кај прочуениот Жозеф Ге-Лисак. Потоа се префрлил на студии по астрономија, а особено го интересирала небесната механика којашто го проучува движењето на вселенските (небесни) тела. Набрзо почнал да работи во Париската опсерваторија, каде ќе го помине поголемиот дел од својот професионален живот, а во периодот од 1854 до 1870 година бил и нејзин директор.
Во 1846 година станал член на Француската академија на науките, а во 1855 бил избран и за член на Кралската шведска академија на науките. Неговото име е едно од 72-те имиња впишани на Ајфеловата кула. (Т. С.)
11.3.1890 – Роден е Ваневар Буш, зачетник на идејата за хипертекст
Пионерот за компјутерски хипертекст, Ваневар Буш (Vannevar Bush) е американски инженер и пронаоѓач, но и државен администатор од областа на науката. Роден во Еверт, Масачусетс. За време на втората светска Војна тој раководел со Бирото за научни истражувања и развој на САД, преку коешто се одвивале речиси сите воени истражувања и развој, вклучително и развојот на радарскиот систем и раните фази проектот Менхетн. Тој постојано ја нагласувал улогата што научните истражувања ја имаат за националната безбедност и за развојот на стабилна економија, а бил главен одговорен за движењето коешто донело до формирање на Американската национална научна фондација.
Како пронаоѓач и иноватор Буш има неколку клучни изуми иновации – во 1924 во соработка со физичарот Чарлс Смит (Charles G. Smith) пронаоѓа начин како радиоприемниците, коишто дотогаш работеле исклучиво на батерии, да можат да се приклучат на стандардно наизменично напојување од штекер, во 1927 година почнал со конструкцијата на аналоген компјутер, електромеханички диференцијален анализатор кој користел механички интегратори за решавање на диференцијални равенки. Ваневар Буш почнал да се интересира за изнаоѓање поефикасен начин за пребарување на информации. Во триесеттите години од минатиот век, тој го претставува концептот “мемекс“, којшто го замислува како продолжение на меморијата преку “уред со помош на којшто поединецот ќе може да ги складира сите книги, аудиозаписи и комуникации, механизиран уред којшто ќе овозможи брзо и флексибилно пребарување.” Тој посакувал мемексот да го имитира начинот на којшто функционира човечкиот мозок, поврзувајќи ги податоците со асоцијации. Мемексот истовремено би служел и како средство за проучување на човечкиот мозок. По неколку години тој негоците замисли за продолжена меморија ги излага во книгата “Начинот на којшто би размислувале” (As We May Think). Хипотетичката машона мемексот Буш ја замислувал да функционира со статички страници на микрофилм и без вистински хипертекст систем, каде делови од страниците би инкорпорирале и внатрешна структура којашто е различна од обичниот текстуален формат. Раните хипертекст системи се инспирирани од овој опис на мемексот, но не биле директно моделирани според него. (И. З./ Н. С.)
11.3.1952 – Роден е Даглас Адамс, познат автор од научната фантастика
Познатиот британски писател, сатиричар Даглас Адамс (Douglas Adams) е роден во Кембриџ Англија. Во 1974 година дипломира на Универзитетот Кембриџ, на отсекот за Англиска литература. Од 1978 до 1980 работел како писател, сценарист и уредник во ББЦ, каде, меѓу другото, бил вклучен и во изработката на култната научно-фантастична ТВ-серија “Д-р Ху”, а се појавува и во еден од серијалите на “Летечкиот циркус на Монти Пајтон”. Неговите дела честопати се сатира на современиот живот прикажан преку главниот лик – “несреќник” којшто се обидува да се справи со општествените предизвици раководени од сили коишто се надвор од негова контрола.
Даглас Адамс е веројатно најпознат по неговото култно научно-фантастично дело “Автостоперски водич низ галаксијата”. Првата книга од “трилогијата од пет книги”, којашто претставува адаптација на првите четири дела од истоимената радиодрама емитувана на BBC, излегува од печат во 1979 година. Само во првите три месеца се продадени 250 000 примероци. Дејството во книгата ги следи доживувањата на Артур Дент, обичен човек којшто по игра на случајот го преживува “инцидентот” на уништување на Земјата којашто се наоѓа на местото каде треба да се гради хипер-брзиот интергалактички автопат. Самиот наслов на книгата е директно преземен од името на фиктивниот водич за автостопери низ галаксијата којшто го користат протагонистите на книгата а кој е во форма на енциклопедија. Даглас креира и директна пародија на “Галактичката енциклопедија”, од делото Задужбина на Исак Асимов, споменувајќи го истовремено ова дело во повеќе референци како помалку употребувано, но не заради неточноста на податоците што ги содржи, напротив. Имено, како што е објаснето во книгата во повеќе наврати Автостоперскиот водич низ галаксијата, и покрај неговата непрецизност, е далеку позабавен за користење од Галактичката енциколопедија и има една клучна предност којашто се состои во тоа што на насловната страница со големи букби стои напишано “БЕЗ ПАНИКА”. Книгата “Автостоперски водич низ галаксијата” од Даглас Адамс има доживеано неколку филмски адаптации, а според неа е снимен и ТВ-серијал.
Даглас Адамс починал на 11 мај во Санта Барбара (САД). (Н. С.)