Редовните читатели знаат дека јас редовно, секоја година, на страниците на ЕМИТЕР давам анализа по секоја одржана изложба МАКИНОВА. За оние што не знаат – МАКИНОВА е изложба на пронајдоци, иновации и нови производи, која е придружена со изложба на младинско-истражувачко и креативно творештво од ученици од основните и средните училишта. МАКИНОВА ја организираат СЗТКМ Народна техника (Сојуз на здруженија за техничка култура на Македонија) и нејзиниот член СПАТУМ (Сојуз на пронаоѓачи и автори на технички унапредувања на Македонија), поддржани од значајни државни институции. За жал, последниве години МАКИНОВА падна на дното од дупката што сами му ја ископаа СПАТУМ и Народна техника, а за што детално пишував во ЕМИТЕР: „Фијаско на МАКИНОВА 2016” и „МАКИНОВА 2018 – самоубиство на МАКИНОВА и на СПАТУМ!”. Накусо, неколкумина луѓе од Народната техника и СПАТУМ работат само за своја лична корист, а на штета на пронаоѓаштвото во Македонија. Последниве случувања откриваат дека „конците ги влечат” тие неколкумина луѓе од Народната техника на Македонија, влечејќи ги МАКИНОВА и СПАТУМ во пропаст.
Во петок, на 8 ноември, на денот на отворањето на изложбата МАКИНОВА 2019, како новинар на ЕМИТЕР, отидов во Музејот на град Скопје (каде се одржува изложбата) со задача да известувам за МАКИНОВА 2019. Почнав да ги фотографирам изложените иновации, но веднаш ми пријде еден човек (кој ми се виде нешто познат) и ме праша:
И си излегов, како persona non grata за Народна техника, МАКИНОВА и СПАТУМ. Неверојатно! Јавна изложба, овозможена од државните институции – забранета за новинар!!!
Но тоа не е сè (што би рекле некои ТВ реклами), на излегување се сретнав и се поздравив со еден млад иноватор (кој инаку нема никаква врска со списанието ЕМИТЕР). После само 1 минута тој ми се јави по телефон:
Скандалозно! Народна Техника си дава за право на ЈАВНА ИЗЛОЖБА да не му дозволи влез на едно момче (возраст од 21 година), само затоа што на својот личен фејсбук профил напишал нешто што не им се бендисало на некои луѓе од Народна техника!
За овие мизерни и недозволени постапки на Народната техника ќе ги известам: Здружението на новинари на Македонија, Македонската асоцијација на новинари на Македонија, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, како и Министерството за економија и Министерството за образование и наука (кои се наведени како поддржувачи на МАКИНОВА).
Да се вратам на мојата основна задача, анализа на изложените иновации на МАКИНОВА 2019. Иако имав многу кусо време пред да ме исфрлат од таму, сепак видов сè – затоа што имаше само 5 изложени иновации од 4 домашни (возрасни) иноватори!!! И ниту еден учесник од странство (исто беше и мината година на МАКИНОВА 2018), дури ни од Србија и Босна и Херцеговина, кои порано, пред повеќе години редовно изложуваа на МАКИНОВА. Ова е навистина поразувачки, неславен рекорд во историјата на МАКИНОВА! Па после ќе се жалат овие од Народна техника (и од СПАТУМ) дека некој напишал нешто лошо за нив. Не кривете други, до вас и вашата неспособност е, “драги мои” Народна техника и СПАТУМ! За споредба – на меѓународната изложба на пронајдоци ИНОВАМАК 2019, која се одржа пред неполни два месеца, од 24 до 26 септември во Домот на АРМ, учествуваа 20 држави (!), а свои пронајдоци изложија 11 (и со зборови: единаесет!) домашни пронаоѓачи. Чисто да се знае кој е кој! За овој саем, организиран од “конкурентската” Национална асоцијација на пронаоѓачи на Македонија (NAIM), известивме во написите објавени во ЕМИТЕР овде и овде
Од изложените 5 иновации на МАКИНОВА 2019, само два заслужуваат да се наградат. Првата, одлична иновација е “Паметна канта”, патентиран пронајдок од проф. д-р Димитрија Ангелков од Квадарци, која пред 2 месеци на “конкурентската” ИНОВАМАК 2019 заслужено беше наградена со Златен медал. Станува збор за „интелигентна” канта за отпадоци која во својот отвор (за уфрлување отпадоци) има сензор кој препознава за каков отпад станува збор, па не дозволува да се стави отпад во канта која не е наменета за тоа – на пример, ако пробате да уфрлите стаклено шише во канта за хартија, или обратно. “Паметната канта” може да има и едукативна функција, ако се постави во градинките, основните и средните школи (за секој правилно уфрлен отпад генерира позитивни бодови, итн.). Оваа “Паметна канта” веќе се произведува и сигурен сум дека ќе придонесе за поздрава урбана средина. Му пожелувам многу успех на авторот!
Втората добра иновација е “Искористување на лебдечката пепел од термоелектраните за синтеза на нанопорест материјал зеолит 4А” од д-р Благица Цекова. Ова всушност е научен труд во кој е опишана постапката на синтеза на зеолит од отпадната пепел од согорување. Зеолитот е материјал што се користи во индустријата за апсорпција и прочистување на загадени течности и гасови.
Од останатите три “иновации”, две се од ист автор и се патентирани (!?), но за жал се на многу ниско, детско ниво. Едниот “пронајдок” е полуцилиндричен рефлектор кој ја фокусира “сончевата и радијационата енергија” (sic) во една цевка, од која на некаков таинствен и нејасен начин се генерира електрична енергија преку “фотоефект” (sic), што потоа се складира во “специјален електричен кондензатор” (sic), што е заземјен! Одамна познатото решение на полуцилиндричен сончев рефлектор овде е вметнато во некој чуден и нејасен начин на генерирање и практично невозможен начин за складирање на електрична енергија – сето ова ни открива тотално непознавање на електротехниката од страна на авторот на оваа “иновација”. Вториот патентиран “пронајдок” од истиот автор е насловен како “Батериски систем со подвижен електролит”, еден непотребно комплициран и скап систем за циркулација на електролитот – овде авторот повторно го демонстрира своето тотално непознавање на функционирањето, предностите и недостатоците на основните видови на стандардните батерии. Би му препорачал на авторот да се врати на областа што добро ја познава и во која претходно има направено добри и вредни пронајдоци.
Третата “иновација” е од автор кој очигледно добро владее со компјутерските вештини, но за жал овде претставил нешто што нема иновативна вредност. Имено, станува збор за замена на англиската со македонска синтакса во програмскиот јазик JavaScript, со што се овозможува програмирање директно на македонски јазик. Убаво, но тоа не е иновација. А не е ни корисна, со оглед на сеприсутноста (и неопходноста) на англискиот јазик во информатичката сфера, а и во школството од мали нозе.
Како заклучок, можам да кажам дека оваа МАКИНОВА беше убедливо најслаба досега, со само две добри иновации, од кои едната беше претставена и наградена два месеци претходно на “конкурентската” изложба ИНОВАМАК 2019. Овој катастрофален резултат не е неочекуван, со оглед на неработењето на СПАТУМ и на Народна техника. Сè додека истите тие луѓе се во Народна техника и СПАТУМ, нема да има корисни резултати за македонските иноватори, возрасни и млади.
На крај, ќе апелирам до надлежните државни институции (меѓу кои Министерството за економија и Министерството за образование и наука) да размислат дали во иднина ќе продолжат да поддржуваат ваква Народна техника, да истражат како се трошат нивните пари и, особено важно, како дозволуват луѓето од Народна техника сами, приватно да си одлучуваат кому да му забранат да влезе на ЈАВНА ИЗЛОЖБА!