Рубрика: Омнибус
Фијаско на МАКИНОВА 2016
Автор: Владимир Филевски
Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во

Емитер 9-10/2016.

Нарачајте го овој број или најавете се за да ја прочитате целата статија.


Во рамките на саемот ТЕХНОМА 2016, по 37. пат се одржа МАКИНОВА – годишна изложба на пронајдоци, иновации, нови производи, индустриски дизајн и младинско творештво. Придружна изложба е ЕКОНОВА, 14. по ред годишна изложба на иновации и пронајдоци насочени кон подобрување на животната средина. МАКИНОВА и ЕКОНОВА секоја година ги организира СПАТУМ – Сојузот на пронаоѓачи и автори на технички унапредувања на Македонија, во соработка со Народна техника на Македонија. На СПАТУМ мора да му се оддаде признание што 37 години по ред успева да организира ваква манифестација, навистина долга традиција што е реткост дури и во светски рамки. Но, за жал, веќе подолго време, а особено во последниве години, СПАТУМ е во голема криза – по сопствена вина! Тоа очебијно се рефлектира врз изложбата МАКИНОВА, но и врз останатите важни настани коишто не се видливи за пошироката публика. Но, да одиме по ред.

Скандал на МАКИНОВА 2015

Минатата година, во време на одржување на саемот, ЕМИТЕР не из­ле­гу­ваше, па јавноста не дозна за скандалот што се случи на МА­КИНО­ВА 2015. Име­но, во февруари 2015 година се фор­мира­ше ново здружение на пронаоѓачи, наречено “Пронаоѓач Михајло Пупин” (интересна е врската на Пупин со Маке­донија, но за тоа – во друга пригода). Јас сум еден од члено­вите на Основачкиот одбор на ова здруже­ние. Една од првите наши активности беше пилот-проектот насловен “Од идеја до па­тент”: на група млади заинтересирани за иноваторство­то, со серија предавања орга­низи­рани како работилница, да им “извле­чеме” идеја за пронајдок – буквално од ништо! Во гимназијата “Јосип Броз – Тито” ор­гани­зиравме предавања на група од некол­ку нивни ученици. Резултот на пилот-проект­от беше една одлична идеја на трој­ца учени­ци: уред за сушење и дезинфекција на обувки (знаете веќе, после спортување – влажни и засмрдени патики...). Помогнав­ме идејата на учени­ците да се пријави како патент во Др­жав­ниот завод за патенти и потоа трој­цата малолетни ученици ги при­ја­вив­ме во главна­та категорија на награди на МАКИНОВА 2015! Потенцирам – не во категоријата “Мла­динско творештво”, туку во категоријата “Пријавени па­тен­ти”, неш­то што вообичаено е “резер­вирано” само за возрасни.

Претходните две години, јас, како прет­с­тавник на ЕМИТЕР бев во жирито на МАКИНОВА за доделување на награ­дите. Овојпат, секретарот на Народна техника ме извести дека не можам да бидам член во жирито, заради “конфликт на интереси” – јас и тројцата пријавени ученици члену­ваме во исто здружение на пронаоѓачи. Нема проблем, јас иста­пив, па го замолив колегата од ЕМИТЕР, Емилијан Иљоски да биде член во жи­рито. Морам да нагласам дека овој “кон­фликт на интереси” со годи­ни наназад не се применуваше во случајот на истиот овој секретар на Народна тех­ника на Македонија (сега секретар на СПА­ТУМ), кој редовно седеше на истата маса со жирито кога се одлучуваше за награди­те и редовно си добиваше по некој медал, сам или заедно со неговата ќерка (вклу­чу­вајќи ги и двете златни медали на оваа МАКИНОВА 2016)! Двојни стан­дарди!

И покрај усилбите и рационалните об­јасну­вања на колегата Иљоски кој и зошто треба, а кој не треба да добие награда, тој беше надгласан од оста­натите членови на жирито, па тројцата ученици не добија ништо, а медал (!) доби една несериозна “иновација”: филтер за воздух во својата најрудимен­тарна форма – преку мирна водена повр­шина (во еден сад) струи воз­духот при­движен од вентилатор!? Па тој филтер е многу полошо решение од сегде­при­сутните правосмукалки со водена фил­трација, кои барем ја буричкаат водата и со тоа успешно ја зголемуваат повр­шината на контакт на водата со воз­духот, обез­беду­вајќи добра филтрација на воздухот. А оваа наградена “инова­ција” има мирна површина на водата, која после 5 секунди работа ќе се засити со нечистотиите од воздухот и ќе престане да филтрира. Скан­далоз­на одлука на останатите членови на жи­рито! А зошто сериозниот и добар про­најдок на тројцата ученици не доби ни­каква награда? Затоа што...

 

Катастрофа – катаклизма – СПАТУМ!

Мал вовед: СПАТУМ е сојуз на про­наоѓачи... или барем треба да биде. По дефиниција, секој сојуз е составен од здру­же­нија, па според тоа, секој сојуз треба да се “отепа” од активности и желба да ги привлече кај себе сите оние здруженија кои сè уште не се нејзини членови. Но сојузот СПАТУМ не се одне­сува така. Нашето ново здружение “Про­нао­ѓач Михајло Пупин” вед­наш по своето формирање, како што е ред, поднесе писмени барања за прием во СПА­ТУМ и во Народна техника на Македонија (ба­ра­њата се заверени со нивни архивски печати). До ден денешен не добивме ни­какво писмено известување од нив! А из­минаа 18 месеци! Во меѓувреме, на наше инсистирање имавме три соста­нока со врвот на СПАТУМ, на кои пов­торно барав­ме прием или барем некакво писмено из­вестување, па нека биде и одбивање. Но, наидовме на крајно игно­рантски однос. На едниот од соста­но­ците побарав да ни ка­жат кои се крите­риумите за прием во СПА­ТУМ, бидејќи никаде не се запишани. Нив­ниот одговор беше: “Прво да видиме каде сте смес­тени”!? На моето прашање да преци­зираат колкава површина е неоп­ходна за седиштето на едно здружение за да мо­же да претендира за прием во СПА­ТУМ, колку соби мора да има, на кој кат смее да биде или мора да е на приземје, дали мора да има два тоалета или може само еден, дали мора да има тросед или може да има само фотелји, дали прашина­та мора да биде избришана, нивниот од­говор беше само посрамено молчење. Фа­те­ни во небрано, ни ветија (усно) дека до крај­от на месецот ќе ни испратат пис­мо со напишани критериуми за прием во СПА­ТУМ. Се разбира, тоа писмо нико­гаш не беше испратено. По некој месец, во усна комуникација, престедателот на СПА­ТУМ ми кажа дека кај повеќето нив­ни членови од Собранието на СПАТУМ не постоело расположение да нè при­мат!? Сојуз што не сака да си го зголеми член­ството?! Неве­ро­јатно! А ако сте по­мислиле дека грешка­та нека­ко мора да е кај нас а не во СПА­ТУМ, еве уште еден пример што го докажу­ва спро­тивното:

Пред три години во Прилеп е форми­рано здружение на пронаоѓачи кое, како што е редот, исто така веднаш дос­та­вило писмено барање до СПАТУМ за зачлену­вање. Повторно, до ден денешен тие нема­ат добиено никаков одговор написмено! Фрустрирачки, усно секогаш им било вету­вано дека: “ќе ве примиме на следното Собрание... еве до крајот на следниот ме­сец... ќе биде пред летните одмори... во септември веднаш по одмо­рите, кога ќе се вратат луѓето... сигурно пред Нова годи­на...” и така три години по ред!

Очигледно, тројца-четворица луѓе во СПАТУМ ја злоупотребуваат својата по­зи­ција и го туркаат СПАТУМ во изо­лација и пропаст. Велам тројца-четво­ри­ца, бидејќи не видовме некој друг нивни член. На на­шето прашање да ка­жат кои се тие здру­женија што се чле­нови на СПАТУМ, добив­ме смешен од­го­вор: “Многу се”!? Членс­твото на СПАТУМ пос­тои само на хартија... а веројатно ни таму.

 

Фијаско на МАКИНОВА 2016

Катастрофалното (не)работење на СПАТУМ се одрази и на оваа МАКИНОВА – бројот на македонски учес­ници беше рекордно мал, со општо земено многу слаб квалитет на пону­деното. Во официјалната конкуренција беше ставено дури и едно перпетуум мобиле (поточно – over unity generator)!? Жално и бедно!

Честа ја спасија три нови производи: сликата-греалка од Драгољуб Шешум (наг­ра­дена со златна плакета) – познато реше­ние во светот, но барем самостојно сра­ботено како комерцијален производ што веќе успешно се продава; потоа деветсте­пениот заштитник од пренапони од фир­мата АЦ/ДЦ (награден со златна плакета) – производ што сериски се произведува и се продава; и граничната пловка од ком­пози­тен материјал од Жив­ко Ширкоски (наградена со златен медал). Вреди да се спомене уште и постапката за добивање зеолит, од д-р Благица Цекова (наградена со златна плакета) – но тоа е само на ниво на лабораториска постапка со неизвесна иднина како индустриска технологија, а тука некаде се и ЛЕД-очилата од Петар Гелев (наградени со бронзен медал) – веќе одамна видено решение, но барем срабо­тено самостојно. Појаснување: пла­ке­тите се утешна награда, а медалите се главна награда.

Останатото беше очајно слабо, а во не­достаток на доволен број македонски учес­ници, СПАТУМ го извади од пра­шина стариот патент од 2009 година за авто­матизирани оранжерии на доајенот на ма­ке­донското пронаоѓаштво, д-р Тр­пе Груев­ски – награ­дено со златен ме­дал. Но, тука многу посоод­ветно ќе беше да му се доде­леше (заслу­жена) награда за животно дело, а не за некој негов стар патент. Патем, д-р Трпе Груевски и Дра­го­љуб Шешум се членови на нашето здружение “Пронаоѓач Михајло Пупин” – она исто здружение што СПАТУМ не сака да го прими во своите редови. Слич­но, награде­ниот Живко Шир­коски е претседател на здружението на про­наоѓачи од Прилеп – она исто здруже­ние што СПАТУМ три години не сака да го прими во своите редови. Дегу­тантна “поли­тика” на СПАТУМ!

Но затоа сегашниот секретар на СПА­ТУМ (поранешниот на Народна тех­ни­ка) си ги издејствува највисоките наг­ради: златен медал МАКИНОВА 2016 за себе и уште еден златен медал ЕКО­НОВА 2016 за себе и за својата ќерка! Не само тоа, истиот тој се­кретар на СПАТУМ претходно однесе на Саемот на пронајдоци во Белград (Србија) како претставник на СПАТУМ постери со 4 иновации, од кои дури 3 од членовите на здруженијата на пронаоѓачи од Прилеп и од “Пронаоѓач Михајло Пупин” (оние исти здру­женија што СПАТУМ не сака да го прими во своите редови) и, пазете сега, една своја “иновација”!? Значи, секретарот на СПАТУМ не се труди да презентира во странство иновации од членството на СПАТУМ, туку се натура сам себеси, а во недостаток на ква­литетни иновации од членството на СПАТУМ (или недостаток на членови во СПАТУМ!), посегнува по туѓи оства­ру­ва­ња – оние на членовите од здруженија­та што одбива да ги прими во СПАТУМ!?

На МАКИНОВА 2016 учествуваа и 10 странски учесници од Босна и Херце­гови­на, претставени со 10 постери. Кога тој број од 10 странски учесници ќе се спореди со мизерната малубројност на 11-те македон­ски учесници на МАКИНОВА 2016, станува јасно до кое дереџе го донесе СПАТУМ иноваторс­твото во Македонија.

Датотеки за преземање:
* најавете се за да можете да ги преземете датотеките
 
Клучни зборови:

Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во Емитер 9-10/2016. Нарачајте го овој број за да ја прочитате целата статија, а ако веќе го имате купено електронското издание најавете се за да го прочитате.