Рубрика: Еурека
МАКИНОВА 2018 – самоубиство на МАКИНОВА и на СПАТУМ!
Автор: Владимир Филевски
Објавено на 01.11.2018 - 16:00

Војо Ушевски со своето перпетуум мобиле

Во рамките на саемот Технома од 24-ти до 28-ми октомври по 39-ти пат се одржа изложбата МАКИНОВА 2018 и придружната изложба ЕКОНОВА по 16-ти пат. На МАКИНОВА 2018 имаше само 11 учесници од Македонија и ниту еден од странство. Од вкупно 12 иновации (и „иновации“) беа изложени две, неколку години стари иновации, а како капак на сè беа изложени два уреда перпетуум мобиле!! Уште пострашно е тоа што од вкупно 3 наградени учесници, два медала добија токму тие два перпетуум мобиле уреди!!! Тоа е резултат на „работата“ на СПАТУМ и на Народна Техника! Стариот сојуз на пронаоѓачи СПАТУМ после долгогодишни напори најпосле успеа во својата намера да се самоубие и да ја погреба МАКИНОВА. И подобро така, отколку гангрената на СПАТУМ да се прошири на македонските пронаоѓачи.

МАКИНОВА е годишна изложба на пронајдоци, иновации, нови производи и технички унапредувања, што го организира СПАТУМ – Сојуз на пронаоѓачи и автори на технички унапредувања на Македонија, финансиран од Народната Техника на Македонија. Според секоја логика и здрав разум, СПАТУМ би требало да работи во корист на пронаоѓачите на Македонија. Но, за жал, со своите постапки СПАТУМ, сесрдно потпомогнат од некои индивидуи од Народната Техника на Македонија, во последниве неколку години очигледно со сите сили се труди да го уништи пронаоѓаштвото во Македонија. И успеа во тоа! МАКИНОВА 2018 е доказ на катастрофалната „политика“ на СПАТУМ – и според бројот на учесниците (само 11), и според квантитетот (само 12) и квалитетот на изложените иновации (и „иновации“), и според доделените награди за некои „иновации“ (од вкупно три, два медала беа за перпетуум мобиле!?). А сето тоа е само продолжение на агонијата на СПАТУМ и на МАКИНОВА уште од пред неколку години, за што веќе пишував во ЕМИТЕР 9-10/2016 – прочитајте го текстот “Фијаско на МАКИНОВА 2016“, многу е поучен!

За споредба, пред само месец дена на меѓународниот саем на пронајдоци ИНОВАМАК 2018, организиран од Националната асоцијација на пронаоѓачи на Македонија (NAIM), беа изложени преку 100 патентирани иновации од 20 земји! Се разбира, меѓу наградените немаше ниту еден перпетуум мобиле. Новиот сојуз на пронаоѓачи NAIM, формиран пред само 2 години, покажа како треба да се работи во служба на пронаоѓачите!

Извештајот за МАКИНОВА 2018 ќе го започнам со неколку суви факти: на МАКИНОВА 2018 имаше само 11 учесници (не ги бројам децата од училиштата во категоријата Младинско творештво), сите од Македонија. Порано барем имаше плус неколку постери со иновации од Босна и Херцеговина и од Србија, но овојпат ништо од тоа – без сериозна соработка со странските сојузи на пронаоѓачи, нема ни постери со патенти од странство. Ете го неработењето на СПАТУМ на дело!

За (не)потребноста на категоријата „Младинско творештво“ (ваква каква што е) во рамките на МАКИНОВА претходно пишував повеќе пати, но очигледно без некаков ефект. Затоа тука, за последен пат ќе го кажам моето мислење за досегашното „Младинското творештво“ на МАКИНОВА. Точно е тоа дека на големите саеми на иновации во странство постои категорија „Младинско творештво“, но квалитетот на тие иновации се на нивото на сериозни иновации, често и како патентирани пронајдоци, па дури и на ниво на сериозни научни трудови. Сè додека прикажаните уреди од учениците во категоријата „Младинското творештво“ на МАКИНОВА се на ниво на домашна задачка (секоја чест на малубројните исклучоци!), нема абер од напредок на пронаоѓаштвото во Македонија. Не може со склопен кит-комплет од некој уред (или самоделска верзија на истиот) да се промовира пронаоѓаштвото кај младите. Вака, „Младинското творештво“ на МАКИНОВА се сведува на клон на натпреварите на учениците што и онака ги организира Народната Техника на Македонија. Чуму дуплирање?

Фондот за иновации и технолошки развој во рамките на МАКИНОВА 2018 организираше креативна работилница за младинското творештво. Убаво, но Фондот воопшто не ги помага финансиски патентите на (возрасните) поединци – пронаоѓачи, туку само претпријатијата и старт-ап компаниите (настрана тоа што во Европската унија воопшто нема пример на таква финансиска државна помош кон приватните компании!). Дали со тоа Фондот уште од почеток ги насочува младите во неизвесна бизнис авантура, наместо да ги помага веќе докажаните патентирани пронајдоци на возразните поединци-пронаоѓачи?

 

На МАКИНОВА 2018 во категоријата на возрасни имаше 11 учесници со вкупно 12 изложени иновации (и „иновации“) – еден од учесниците изложи две иновации. Но, од тие 12, две иновации беа стари неколку години, веќе претходно изложувани. Очигледно, во паника од малиот број пристигнати иновации, наместо претходно да работи на поттикнување на пронаоѓачите да продуцират нови иновации, СПАТУМ успеал само да намоли еден-двајца иноватори-ветерани да ги изложат своите стари иновации. Од изложените 12, две „иновации“ беа чист перпетуум мобиле! И згора на тоа, наградени!!! Скандалозно! Сума сумарум, настапија само 9 учесници со 10, да кажеме, вистински иновации. Мизерно малку!

Да ги проанализираме малку подетално наградените уреди на МАКИНОВА 2018 и на ЕКОНОВА 2018. На почетокот, да ги опишеме наградените иновации во придружната манифестација ЕКОНОВА 2018.

Златен медал од ЕКОНОВА добија Проф. Д-р Гоце Стефанов и дипл. инж. Елена Стефанова Зафирова, за иновацијата „Микрокомпјутерско управувано магнетно коло за магнетен третман на флуиди“. Поедноставно кажано, тоа е третман на доводниот бензин во автомобилски мотор со помош на импулсно магнетно поле, со цел да се намали потрошувачката на гориво. На постерот беа презентирани мерења на потрошувачката на едноцилиндричен бензиски мотор со магнетен третман на горивото, при различни брзини, но без оптоварување (во „лер“), а исто така и мерења на потрошувачката на автомобил во градско возење. За жал, мерење без оптоварување во првиот случај воопшто не одговара на некакви реални услови, а мерењето на потрошувачка на гориво во автомобил во услови на градско возење никогаш не може да биде прецизно, повторливо и сигурно. Единствен правилен и сигурен начин на мерење на потрошувачка на гориво на бензиски мотор е на испитна маса, кога моторот ќе се поврзе со хидрауличен товар – со ова се сложи и д-р Стефанов, но проблем бил недостатокот на пари потребни за вакво испитување. Со оглед на бројните неуспешни резулати од останатите вакви слични испитувања во светот, јас сум многу скептичен (најблаго речено!) во успешноста на ваквите магнетни третмани на горивото за намалување на потрошувачката. Имено, според дејството на магнетното поле врз материјалите, тие се делат на феромагнетни, парамагнетни и дијамагнетни. За разлика од феромагнените материјали, парамагнетните и дијамагнетните материјали во најголем број на случаи многу слабо реагираат на магнентното поле. Бензинот и нафтата се дијамагнетски материјали што екстремно слабо реагираат на магнетното поле.

Сребрен медал од ЕКОНОВА доби Проф. Д-р Благица Цекова за „Апсорпциона способност на зеолит 4А на тешки метали од почва“ – вреден научен труд во служба на прочистување на земјоделските површини од тешки метали.

Бронзен медал од ЕКОНОВА доби Васил Аргировски за „Дигалка за бочно превртување на возила“ – едноставна и евтина дигалка што е од голема корист за автомеханичарите кои треба да работат на долната површина од автомобилите (премачкување на заштитен слој, на пример).

 

На главната изложба МАКИНОВА 2018 овојпат беа доделени само три медали, но од тоа сребрениот и бронзениот медал потполно погрешно и незаслужено – за перпетуум мобиле!!! Имаше и други изложени иновации и нови производи кои сигурно беа подобри од кое било перпетуум мобиле – зошто тие не добија награди?!

Златен медал од МАКИНОВА заслужено доби Иван Поповиќ за „SunSmart соларен систем“ – целосен систем за трофазно напојување со електрична енергија на куќи и згради со помош на фотонапонски панели. Иновацијата е во доменот на микрокомпјутерското интелигентно менаџирање на потрошувачката со растоварување на фазите.

Сребрен медал од МАКИНОВА незаслужено доби стоматологот Д-р Владимир Илиев за својот перпетуум мобиле или поточно кажано over-unity generator, насловен како „Полнач на акумулатори со и без соларни панели“!? Срамота! Станува збор за класичен, детски наивен обид за перпетуум мобиле: наполнети акумулатори придвижуваат електричен мотор кој е поврзан со трофазен електричен генератор, кој произведува три фази наизменичен напон од 230 волти, а едната фаза се враќа назад, преку исправувач, да ги надополнува акумулаторите. Идејата на Д-р Владимир Илиев е така да добие вишок енергија?! Не знам како СПАТУМ и жирито на МАКИНОВА мислат да ги привлечат вистинските иноватори следната година на МАКИНОВА да ги изложат своите функционални уреди, кога наградуваат еден ваков трагикомичен обид за перпетуум мобиле – уред што не може да функционира, по дефиниција?

На крај, бронзен медал од МАКИНОВА незаслужено доби пензионерот Војо Ушевски за своето најново перпетуум мобиле! Каков резил за СПАТУМ и за жирито на МАКИНОВА! Навистина не разбирам како тие не сфаќаат дека така му прават лоша услуга на Војо Ушевски. Наместо веднаш да го одбијат со објаснување дека никогаш нема да дозволат перпетуум мобиле да се појави на МАКИНОВА, жирито на МАКИНОВА заедно со СПАТУМ со години наназад редовно го охрабруваат овој очигледно многу вреден, но неедуциран човек, да продолжи непотребно да ја троши својата пензија за правење огромни и скапи уреди што никогаш нема да профункционираат. Па уште му доделија и бронзен медал, дополнително да го охрабрат за некој следен перпетуум мобиле!? Тоа директно води во неизбежен финансиски колапс на кутриов човек! Имаат ли душа и срце (и мозок) овие од СПАТУМ?!

Заклучок и наравоучение: Од вкупно три медали на главната изложба МАКИНОВА 2018, да се доделат две медали на перпетуум мобиле (!!!), е надвор од умот и претставува најбрутално самоубиство на МАКИНОВА и на СПАТУМ! Во СПАТУМ и во Народната Техника на Македонија сигурно има и вредни и чесни луѓе. Но за жал, меѓу нив, како рак во здравото ткиво, заседнале неколку индивидуи кои со сите сили се трудат да работат само во своја корист а на штета на пронаоѓаштвото во Македонија – тие неколку индивидуи од СПАТУМ и од Народна Техника на клоци да се избркаат, веднаш!

 

П.С. Списокот со наградените ученици од категоријата „Младинско творештво“ ќе биде дополнително објавен.

Клучни зборови:
Војо Ушевски со своето перпетуум мобиле

Војо Ушевски со своето перпетуум мобиле

Микрокомпјутерско менаџирање со производството на електрична енергија од фотонапонски панели од Иван Поповиќ

Микрокомпјутерско менаџирање со производството на електрична енергија од фотонапонски панели од Иван Поповиќ

Пепетуум мобилето на д-р Владимир Илиев

Пепетуум мобилето на д-р Владимир Илиев

Васил Аргировски со Дигалката за бочно превртување возила

Васил Аргировски со Дигалката за бочно превртување возила

Наградените на МАКИНОВА 2018 и ЕКОНОВА 2018

Наградените на МАКИНОВА 2018 и ЕКОНОВА 2018