Рубрика: Еурека
ИНОВАМАК 2018
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 25.09.2018 - 10:15

Во Домот на АРМ, од 21 до 23 септември 2018 година се одржа Вториот меѓународен саем на иновации, патенти и нови технологии ИНОВАМАК 2018, во организација на Националната Асоцијација на Пронаоѓачи на Македонијa (NAIM).

Свеченото отворање започна со воведен збор на претседателот на NAIM, Мирко Узелац, по што беа одржани поздравни говори од овластениот претставник на IFIA, г-дин Борко Бабаљ,  проф. Д-р Драги Рашковски - генерален секретар на Владата на Р. Македонија, Невена Икономова - претставник на Фондот за иновации и технолошки развој на Р. Македонија и Слободанка Трајковска - претставник на Државниот завод за индустријска сопственост на Р. Македонија. По обраќањето до гостите саемот го прогласи за отворен претседателот на NAIM Мирко Узелац.

На ИНОВАМАК 2018 учествo земаа 20 држави – двојно повеќе споредено со претходната година на ИНОВАМАК 2017. Со зголемување на бројот на држави учеснички двојно е зголемен и бројот на изложени трудови прикажани во форма на експонати, прототипови и постери – вкупно 102. Во домот на АРМ беа присутни изложувачи од Кина, Руската Федерација, Соединетите Американски Држави, Индија, Тајван, Сирија, Мароко, Канада, Полска, Чешка, Бугарија, Романија, Кореја, Србија, Босна и Херцеговина со Република Српска, Хрватска, Словенија, Црна Гора и, секако, од Македонија.

Изложени беа иновации, патенти и нови технологии од повеќе области: авионски млазни мотори, патентиран нов вид на стоматолошки инпланти и алати за нивно вградување, камп-куќа со систем за природна климатизација наменета за највисок облик на туризам, импланти за колено, лакт и шака, апарат што преку издишаниот воздух го прикажува нивото на шеќер во крвта, истражувачка подморница, машина што самата се качува на канделабри за улично осветлување и самата ги чисти и фарба, како и многу други.

Во ваква силна конкуренција комисијата за оценување под водство на м-р Али Асани од Државниот завод за индустриска сопственост, имаше исклучително тешка работа. Другите членови на комисијата беа: Светлана Дашиќ - потпретседател на Сојузот на пронаоѓачи на Београд, Слободанка Трајковска - Државен завод за индустриска сопственост, Ирена Данева - Државен завод за индустриска сопственост, Борко Бабаљ - овластен претставник на IFIA, Мирко Митиќ - регионален претставник на АРХИМЕД КЛУБ од Москва и на Сојузот на пронаоѓачи на Руската федерација.

На крајот, од комисијата беа доделени вкупно 65 Златни медали, 13 Сребрени медали и 11 Бронзени медали.  Државниот завод за индустриска сопственост на двајца учесници им додели и Специјална  Плакета и 5 000 денари за пријавен патент на Марјан Ненов и на Даниела Ризова за жена - иноватор.

Сојузот на пронаоѓачи на Белград им врачи на членовите на NAIM специјално признание: Голем златен медал со ликот на Никола Тесла и Златни медали со ликот на Никола Тесла. Златни медали и дипломи на членови на NAIM им беа врачени и од Сирија. Од Сојузот на иноватори на Руската Федерација и од Архимед Клуб беше доделен Орден за Мирко Узелац, за заслуги во унапредување на иноваторството, потоа Златен Пехар за Златко Панков, за Марјан Ненов и за Владимир Филевски, за заслуги во унапредување на иноваторството. Златни медали на членовите на NAIM врачија и Сојузот на пронаоѓачи на Романија и Сојузот на пронаоѓачи  на Р. Српска.

На дел од гостите од странство и на дел од домашните иноватори кои учествуваа во организацијата на саемот, им беше подарена по една оригинална графика од страна на академскиот сликар Дени Тасиќ. За нивната работа на полето на унапредување на пронаоѓаштвото НАИМ им додели Златни Плакети на: Светлана Дашиќ (Сојуз на пронаоѓачи на Београд), Слободанка Трајковска (ДЗИС), Ирена Данева ( ДЗИС) и на Али Асани ( ДЗИС). За посебен ангажман во реализацијата на ИНОВАМАК 2018, Сребрени плакети им беа врачени на Леонина Пекевска Корнети, Марко Шипка, Михаил Арсовски и Дени Тасиќ.

Дополнително очекуваме објавување на каталогот на експонати и учесници на ИНОВАМАК 2018.

Клучни зборови: