Значи, како што веќе претходно кажавме, знаеме дека сè уште не е сезоната на претставниците на оваа здодевна “напаст”, но подобро да ја дочекаме новата сезона подготвени и вооружени со колку што е можно повеќе нови сознанија. А еве уште една корисна вест од светот на науката што можеби ќе ви помогне во маневарот за избегнување на малите ‘крвопијци’, барем додека не проработи редовниот сервис за сузбивање на комарците (некаде во ноември )
Вестите доаѓаат од САД. Невробиолозите од Интернационалниот универзитет на Флорида во Мајами, под водство на Метју Деџенаро ја открија протеинската молекула за миризба во антените на комарецот, којашто и помага на оваа напаст да ве идентификува како ‘добра закуска’.
Комарците од видот Aedes aegypti, коишто ги пренесуваат и ги шират болестите зика и денга, повеќе претпочитаат да ‘мацнат’ човечка крв отколку крв од други топлокрвни животни. Преку низа експерименти се покажало дека протеинот со ознака IR8a, кој се наоѓа во антената на инсектите, е една од молекулите неопходни за откривање на мирисот на млечната киселина, којашто е составен дел од човечката пот.
Како што вели Деџенаро, за разлика од другите ‘рбетници, кожата и микробиомот на човекот овозможуваат излачување на поголемо количество млечна киселина.
Уште од ‘60 години на минатиот век, научниците се сомневаа дека комарците од видот Ae. aegypti го лоцираат човекот токму преку млечната киселина. Улогата на IR8a во откривањето на траги од киселини во воздухот беше делумно откриена преку докази за однесувањето на мутираните комарци. Кај мутантите, протеинот IR8a бил нефункционален, додека другите способности им биле непроменети. Само околу половина од овие единки слетувале врз човечка рака или потколеница, за разлика од нормалните комарци.
Инсектите ја развиле способноста за откривање преку мирис различно од 'рбетниците, а како што истакнува Деџенаро, "верзијата на ова сетило кај ‘шестоногите’ е мошне сложена".
Комарците се потпираат врз три групи на протеини кои им овозможуваат распознавање на мирисите. Овие три вида на протеини имаат преклопувачки способности при идентификацијата на повеќе различни групи на хемиски соединенија во воздухот. Протеините познати како јонотропски рецептори, коишто го вклучуваат и протеинот IR8a, се насочени кон идентификација на киселините меѓу другите соединенија. При ‘ловот’, комарецот ги комбинира овие информации со оние добиени преку другите сетила – топлината на атмосферата, влагата, присуството на јаглероден диоксид и глетката на нешто што личи на ‘добар залак’.
Трудот за овие нови сознанија беше објавен во Current Biology.
За одблиску да го проучите вашиот ‘непријател’ во летните месеци, ви го препорачуваме и написот “Дисекција на комарец”.