Рубрика: Биологија
Аповите за намалување апетит делуваат и на комарците
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 19.02.2019 - 12:15

Знаеме дека сè уште не е сезоната на овие здодевни “напасти”, но подобро да ја дочекаме новата сезона подготвени и вооружени со колку што е можно повеќе нови сознанија, бидејќи следејќи ги ланските искуства, не знаеме кога (и дали) оваа година би проработел градскиот сервис за справување со комарците.

А во светот се прават повеќе истражувања на ова поле, бидејќи во голем број региони убодот на комарецот може да донесе низа сериозни болести, па дури и смрт. Најновото истражување се фокусира на можноста комарците да го изгубат интересот за човечка крв. На почетокот од овој месец, во секцијата за наука на реномираниот The Atlantic беше објавено дека истражувачите откриле оти апчињата наменети за слабеење коишто го намалуваат апетитот кај луѓето, имаат ист ефект и кај комарците.

Научниците малку ја измениле активната супстанција за таа да функционира само кај комарците, а потоа го тестирале добиениот “лек”. Комарците коишто биле третирани со супстанцијата изгубиле интерес за “боцкање”, односно за храна, иако биле внесени во лабораториски простор со неколку заспани глувчиња. Но, како што пишува во трудот објавен во научното списание Cell, оваа техника за справување со комарците има свои ограничувања. Ефектите на лекот од едно дозирање се губеле по неколку дена, а за соединението вистински да делува, би требало да се употреби на милиони комарци одеднаш. Сепак, кога еднаш овие пречки ќе се надминат, би добиле ново оружје во борбата против болестите како маларијата, вирусот Зика, западнонилската треска, денгата.

Клучни зборови: