Рубрика: Биологија
Дисекција на комарец
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 09.07.2012 - 14:00

Борбата против комарците се одвива со децении, но сè уште не успеавме да се "куртулиме" од овие крвопии. А како што изгледаат работите состојбата може и да се влоши, бидејќи комарците ја зголемуваат отпорноста на сè повеќе инсектициди. На рака на оваа напаст и оди и глобалното затоплување, кое сега им овозможува преживување на зимата на места каде претходно тоа не било можно. Овие појави длабоко ги загрижуваат светските здравствени работници кои работат на сузбивање на повеќе видови болести, чиишто главни преносители се токму комарците. Вакви болести се маларијата, енцефалитисот, денгата и жолтата треска.

Сепак, научниците денес знаат многу за психологијата на инсектите, вклучувајќи ги и комарците. Во оваа насока тие работат врз манипулација на протеините, блокада на сетилните органи, па дури и на нарушување на нивниот метаболизам, а сè со цел да се стави крај на оваа сосега летна напаст - комарците. Во продолжение ви ги даваме главните орудија на двете "завојувани" страни: 1. Антените кај комарците имаат функција во пронаоѓање храна. Притоа тие преку нив ја намирисуваат потта и јаглеродниот диоксид кој го испушта животното.

Неодамна е претставена состојката наречена ДЕЕТ која директно влијае врз способноста на инсектот да ја намириса потта на луѓето. 2. Кутикулите на надворешниот слој од телото на инсектот го штитат од надворешните отрови. Пиретроидите, една од вообичаените класи на инсектициди, можат да ја пробијат оваа обвивка и со голема брзина да го убијат комарецот. 3. Очната структура на овие инсекти им овозможува максимално искористување на расположливата светлина, што им помага во снаоѓањето во услови (на послабо светло). Ова објаснува зошто комарците добро се снаоѓаат приквечер и в зори.

Некои од стапиците за комарци работат на тој принцип што емитуваат ултравиолетова или инфрацрвена светлина со што ги привлекуваат комарците. Сепак, научно сè уште не е докажано дека токму овие бранови должини на светлина го имаат ефектот кој им се припишува. 4. Женките-комарци поседуваат трн (proboscis) со кој ја пробиваат кожата на жртвите, инјектираат плунка (која има состојка што дејствува како антикоагулант) и потоа ја цицаат крвта. Научниците работат на откривање на молекула која ќе ја поремети можноста на инсектот по оброкот да ја исчисти крвта од азот. На овој начин не само што женките би умирале, туку и не би биле во можност да несат јајца. 5. Стомакот на комарецот е место каде што се сместени повеќе важни органи, меѓу кои и репродуктивниот систем. По парењето, женките од видот Aedes aegypti покажуваат зголемена потреба за јадење и наоѓање нов партнер.

Истражувачите од Универзитетот Корнел досега успеале да идентификуваат дури 63 протеини во репродуктивните жлезди на комарецот мажјак кои можеби се виновни за овие промени. Со манипулација на овие молекули можеби ќе може да се контролира женката комарец на тој начин што би се смениле нејзините навики при исхраната и парењето.