Додека Земјата го одбележуваше почетокот на Новата 2019 година, во раните утрински часови на 1 јануари малечкото летало Нови Хоризонти, направи прелет покрај објектот Ултима Туле. Со ова започна ерата на истражување на мистериозниот Кајперов појас, регион од Сончевиот систем исполнет со премордијални објекти. Научниците се надеваат дека преку истражување на овој регион ќе дознаеме повеќе за потеклото на целиот Сончевиот систем.
Сигналите коишто потврдија дека леталото е исправно и дека веќе има подготвен пакет научни податоци добиени од скеновите направени при прелетот крај Ултима Туле, пристигнаа во центарот за следење и управување со мисијата лоциран во Лабораторијата за применета физика Џон Хопкинс, речиси 10 часа по најблискиот приод до објектот.
Фотографиите направени при приодот, откриваат дека овој објект од Кајперовиот појас со димензии од 32 x 16 km има облик на кегла и ротира попречно. Научниците не ја исклучија можноста дека Ултима Туле всушност не е еден туку два објекта коишто орбитираат еден околу друг. Првиот прелет веќе реши една од мистериите, покажувајќи дека објектот се врти налик на пропелер, при што оската на ротација се пружа точно во правецот на патеката на Нови Хоризонти. Ова даде објаснување зошто на претходно направените фотографии Ултима Туле не покажа варијации во сјајот. Она што сè уште се утврдува е периодот на ротација на објектот.
Вчерашната анализа на новите слики направени од помала оддалеченост (од околу 27 000 km) потврди дека Ултима Туле е контактен бинар, односно дека објектот се состои од две споени сфери. Тимот веќе неофицијално ги именуваше поголемата сфера како Ултима, а помалата како Туле. Се претпоставува дека сферите се споиле при судир, уште некаде при почетокот на формирањето на Сончевиот систем.
Во наредните дваесетина месеци Нови хоризонти ќе ја продолжи неговата мисија на истражување. Леталото беше лансирано 2006 година, а за целите на мисијата веќе имавме поопширни написи во ЕМИТЕР (види тука и тука). По речиси деветгодишното патувње леталото го започна истражувањето на Кајперовиот појас со прелет крај Плутон и неговите месечини. За ова исто така ве информиравме преку серија на кратки информации во списанието и на нашиот веб-сајт (за дел од вестите види тука).
Како куриозитет, ве информираме и дека Брајан Меј, гитаристот на Квин и доктор по астрофизика, објави нов сингл со којшто го одбележи значајниот момент од оваа мисија.
Сега, речиси 13 месеци по неговото лансирање, леталото ќе ја продолжи неговата истражувачка мисија најмалку до 2021 година. Тимот на мисијата веќе има повеќе предлози за објекти од Кајперовиот појас што би сакале да бидат истражени од Нови хоризонти.