Рубрика: Физика
Ултразвучен зрак за поместување на објектите
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 28.12.2018 - 11:30

Ви текнува на сцените од научно-фантастичните филмови кога едниот вселенски брод го заробува другиот во енергетски зрак со којшто подоцна ќе го привлече кон него? Епа, научната фантастика наскоро може да стане реалност. Не, не зборам за напредните вселенски бродови, туку за енергетскиот зрак за манипулација на објектите. :)

ЕМИТЕР во неколу наврати пишуваше за можноста за левитација и поместување на објектите со помош на звучни бранови (види тука и тука). Во последниве неколку години на ова поле се постигна поголем напредок, не толку во поглед на големината на објектите со коишто се оперира во експериментите, но повеќе во начините и можностите за фина манипулација со нив. Видеото во прилог ќе ви даде подобра слика за ова.

Тимот којшто успеа истовремено да одржи, ротира и да поместува повеќе предмети одеднаш во воздухот, веќе подолго време работи на оваа проблематика. Користејќи две мрежи составени од 256 звучници и нов компјутерски алгоритам тие успеале самостојно да манипулираат до 25 топчиња од стиропор со дијаметар од 1 до 3 милиметри. Притоа топчињата истовремено биле прецизно поместувани за да формираат геометриски форми како коцки и пирамиди. За поефективна демонстрација на прецизноста, научниците закачиле и парче конец на две од топчињата, а потоа со употреба на акустичниот уред тие ги поместувале топчињата се дури тие не се пробиле низ дупката од парче ткаенина, коешто исто така лебдело во воздухот.

Техниката, којашто навидум наликува на магионичарски трик, има низа потенцијални примени – од прецизна манипулација на примероците во биолошките експерименти па сè до управување со хируршки алатки и поместување на лекови или на бубрежни камења низ човечкото тело. Овие медицински примени би можеле да се случат релативно брзо, бидејќи ултразвукот којшто го емитуваат звучниците безбедно  навлегува во биолошкото ткиво. Впрочем истиот, веќе подолго време рутински се користи во гинекологијата, на пример, при прегледи во бременоста.

 

Извор: ScienceMagazine

Клучни зборови: