Научниците направија меури од лебдечки капки течност што се одржуваат во воздух со помош на звучни бранови. Со манипулација на звучните бранови капката почнува да формира меур.
Да, научниците се занимаваат и со ова. Иако на прва на ум не ни доаѓа некоја особена практична примена за ова откритие, сепак, како што подоцна дознав, се работи за истражување коешто има сосема сериозна практична примена во повеќе индустриски гранки.
Тимот формирал меури од повеќе различни течности, вклучувајќи и вода. Со зголемување на интензитетот на звукот, течноста почнала да зазема конкавен облик. Потоа, звучните бранови почнале да резонираат во внатрешноста на новоформираната дупка, предизвикувајќи брзо ширење на филмот од течност сè дури тој не пропаднал сам во себе и се затворил формирајќи шуплив меур. Истражувањето е објавено на 11 септември, во списанието Nature Communications.
Како што напоменав, оваа навидум детска играчка има сериозна примена. Меурите се користат при производствените процеси во прехранбената индустрија, фармацевтската индустрија, козметиката, како и при производството на ултралесни материјали. Па, новата техника на формирање меури секако дека ќе најде практична примена.
Лебдењето на капката течност во воздух научниците го постигнале со веќе познатата техника на акустичка левитација (за неа известивме во ЕМИТЕР 7-8/2013 “Левитација и придвижување предмети со звук”). При овој метод, притисокот што се формира од интензитетот на звучните бранови го издига објектот и може и да го движи наоколу.
Лебдечките меури траат зачудувачки долго, по десетина минути. Ова се должи на тоа што лебдењето го забавува собирањето на течноста на дното од меурот и со тоа го одложува моментот на прскање.