За првпат, во лабораториските експрименти каде што биле симулирани студенилото и радијацијата на ѕвездените јасли, била создадена 2-дезоксирибоза, шеќер којшто е основен градбен елемент на ДНК.
Резултатот објавен оваа недела во Nature Communications укажува на тоа дека постојат повеќе начини за да се случи пробиотичка хемиска реакција и во вселената. Истовремено, резултатот оди во прилог и на идејата дека основните материјали за создавање на животот можеби “допатувале” на Земјата од друго место во космосот.
Според астрохемичарот Мишел Нуево од истражувачкиот центар Ејмс на НАСА, експериментите јасно покажуваат дека “овој процес се случува насекаде, барем во нашата галаксија".
Со цел да ги имитираат условите коишто владеат во меѓуѕвездените облаци, Нуево и неговите колеги во вакуумска комора изладиле смрзната мешавина од вода и од метанол до температура од -260°C, а потоа мразот го изложиле на ултравиолетова светлина. Стоплувањето на парчињата мраз ги симулирало процесите што се одвиваат при раѓањето на млада ѕвезда. Подоцна, при анализа на содржината на мразот, тимот наишол на 2-дезоксирибоза, но и на неколку други видови шеќери коишто биле пронајдени и при други слични експерименти во минатото.
Експериментите при коишто била создадена рибоза, шеќерот во РНК, укажуваат дека шеќерите можат да се синтетизираат при реакции што вклучуваат прости молекули на формалдехид, какви што се пронајдени во составот на кометите. Но, при овие реакции се добивале шеќери во чијшто состав имало повеќе кислородни молекули одошто во дезоксирибозата. Како што истакнува Нуево: "Фактот што успеавме да направиме деоксирибоза укажува на друг вид механизам".
Нуево и неговите колеги претходно веќе наидоа на прости дезокси шеќери во составот на примероците од метеорит, но притоа не била пронајдена и дезоксирибоза. Ова можеби укажува дека иако дезоксирибозата може да се формира во ледените парчиња што се постари од ѕвездите, сепак самиот шеќер, присутен во карпите од коишто на крајот се создаваат планети, не е стабилен.
Во моментов, во тек се две вселенски мисии што го испитуваат составот на метеорите, а коишто можат да понудат одговори зошто ова се случува. Имено, од мисиите Хајабуса 2 (види тука) на јапонската вселенска агенција JAXA и OSIRIS-REx на НАСА (види тука) се очекува да донесат примероци од метеори назад на Земјата. Меѓу другите истражувања, научниците секако ќе бараат и знаци за постоење на дезоксирибоза, но и на други биолошки важни молекули во составот на примероците.