Само неколку дена по пристигнување на целта, мисијата OSIRIS-REx на НАСА откри вода на површината на Бену. Поточно, соединение коешто содржи вода.
Како што веќе пишавме (тука), на 3 декември, по изминати 2,2 милиони километри долг пат, мисијата OSIRIS-REx го стаса астероидот Бену. Сондата треба да собере и малку реголитска прав од површината на астероидот, којашто е планирано да ја донесе на Земјата за понатамошни анализи. Но, засега, леталото на лице место ќе направи серија набљудувања.
Собирањето на првите податоци за Бену е направено со употреба на двата спектрометри коишто се наоѓаат на леталото OSIRIS-REx – спектрометарот за видлива и инфрацрвена светлинска емисија и спектрометарот за топлински емисии.
Од НАСА јавуваат дека информациите добиени од овие инструменти откриваат присуство на хидроксилни молекули, кои вклучуваат врзан кислород и водород, а кои се наоѓаат во глинените минерали во реголитот.
Астероидот Бену е премал за да има течна вода, но истражувачите сметаат дека хидроксилите, за коишто се претпоставува дека се распослани по целата површина, претставуваат јасен доказ дека телото од коешто овој астероид се откинал, веројатно далеку поголем астероид, е сосема можно во себе да содржел и вода.
Кога леталото ќе се врати на Земјата во 2023 година, научниците ќе имаат мноштво нови информации за минатото и еволуцијата на нашиот Сончев систем.