Еве еден спектакуларен настан што ќе се случи во оваа недела – Земјата ќе има блиска средба со една од најсјајните познати комети, кометата 46/Wirtanen. Според пресметките на нејзината траекторија, таа ќе го заобиколи Сонцето на 12 декември оваа година и ќе се насочи кон нашата Земја. Покрај неа ќе помине на 16 декември оваа година. Притоа, најблиското растојание помеѓу кометата и нашата Земја ќе изнесува 11 580 000 km, односно 0,0774 АЕ (астрономски единици). Да потсетиме 1 АЕ = растојанието помеѓу Сонцето и Земјата. Кометата има мал пречник, само 1 km, па на оваа оддалеченост таа ќе биде едвај видлива со голо око, во временскиот период од приближно една недела. Но, ако се набљудува низ некој помал телескоп, или макар низ најобичен двоглед, кометата ќе биде добра цел за гледање.
Да се потсетиме, кометите се мали небески тела во Сончевиот систем. Тие имаат јадро со пречник помеѓу 1 и 20 km, составено од скаменет лед. Јадрото е обвиткано со смрзнати гасови што ја сочинуваат т.н. кома. Кога кометата поминува блиску до Сонцето, таа се загрева, се топи и, ако е поголема, под дејството на Сончевиот ветар добива опашка насочена во спротивната насока од насоката кон Сонцето. Оттука потекнува и популарниот прекар на кометите, коишто се познати и како “опашести ѕвезди”. “Татковината” на кометите е најдалечниот и најстуден регион во Сончевиот систем, зад сите планети, наречен Оортов облак.
Претстојната блиска средба на нашата Земја со кометата 46/Wirtanen, Американската вселенска агенција НАСА ќе ја искористи за подетално проучување на природата на кометите. Ова е особено актуелно од аспект на планирање на идните мисии со упатување роботи до некоја од кометите. Со свое соопштение се јави и одделот за астрономија на Универзитетот во Мичиген, истакнувајќи дека нема апсолутно никакви шанси кометата да ја погоди Земјата. Воедно, за научниците ова ќе претставува добра можност за проучување на природата на кометите.
За крај, ќе напоменеме дека оваа комета првобитно беше цел на познатата мисија Розета (Rosetta) на Европската вселенска агенција (ЕСА). Меѓутоа, лансирањето на мисијата беше неколкупати одложувано и кометата излезе од досегот на мисијата, па таа беше пренаменета за средба со друга комета – 67P/Churyumov-Gerasimenko. За оваа мисија, ЕМИТЕР повеќепати опширно известуваше. Па, повеќе детали за оваа мисија можете да најдете тука, тука и тука, но и во секцијата Омнибус, наменета за кратки информации од науката и техниката во печатените изданија на списанието ЕМИТЕР.