Во моментов во тек е спуштањето на роботизраниот модул од сондата Розета врз површината на кометата 67P. За сите заинтересирани, ЕСА врши директен пренос од овој историски настан на страницата new.livestream.com/accounts/362/events/3544091
Вселенското летало наречено “Розета” (“Rosetta") беше лансирано на 2 март 2004 год., во рамките на многу амбициозната мисија на Европската вселенска агенција (ESA), со задача тоа да се сретне со кометата 67P/Churyumov-Gerasimenko (пократко 67P/C-G), да ја придружува при нејзината обиколка околу Сонцето, орбитирајќи околу неа, и притоа да го студира процесот којшто ги трансформира кометите под дејство на Сончевата топлина. Розета е опремена со 11 вградени различни научни инструменти, а мисијата вклучува и истоварување, на површината на кометата, роботизиран модул (robotic lander), наречен “Philae", со вградени додатни 9 инструменти, од што научниците очекуваат подетални податоци за структурата на кометите.
Досегашниот тек на мисијата се одвиваше точно според планот. Имено, леталото Розета се сретна со кометата на 6 август 2014 год., и влезе во орбитата околу неа на 10 септември 2014 год. За време на долгото патување до својата цел, Розета имаше блиски средби со два астероида - првата средба беше со астероидот Steins, во септември 2008 год., и притоа таа испрати 3Д-фотографија на астероидот (види кај “фотографија на астероид во 3Д” на онлајн-вестите на нашата интернет-страница emiter.com.mk/poveke_web.php?napis_id=317), а втората средба беше со астероидот Lutetia во јули 2010 год.