На денешен ден, пред точно 49 години, во 20 часот и 17 минути (UTC), вселенската мисија Аполо 11 успешно стигна на целта – на Месечината. Веднаш потоа, во командниот центар на НАСА одекнаа зборовите на Нил Армстронг: “Орелот слета”. По успешното слетување на месечевиот модул наречен “Орел”, двајцата астронаути го изедоа и првиот “месечев” оброк, a нестрпливата светска публика која го следеше директниот пренос од слетувањето на Месечината мораше да почека уште неколку часа за првиот чекор на човекот на Месечината. На 21 јули, во точно 2 часот и 56 минути UTC, или речиси 4 часот утрината по македонско време, Нил Армстронг ја изговори сега познатата изјава: “Ова е мал чекор за човекот, но огромен скок за човештвото”, и стапна на тлото. По него, на месечевото тло стапна и вториот астронаут, Баз Олдрин. Двајцата чекорeа по тлото на Месечината цели 2 часа и 30 минути, при што собираа примероци, поставуваа научна опрема, правеа низа експерименти. По ова следуваше полетувањето, спојувањето со бродот кој беше во орбита околу Месечината и успешното враќање дома.
Почетокот на програмата "Аполо" беше најавен во говорот на тогашниот претседател Џон Кенеди, пред американскиот Конгрес, на 25 мај 1961 година. Намерата беше испраќање луѓе на Месечината и нивно безбедно враќање на Земјата до крајот на деценијата. Говорот беше одржан само неколку недели по првиот американски лет во Земјината орбита, а неговата цел беше остварена по цели осум години.
Од 1969 до 1972 година, на Месечината слетале вкупно шест мисии Аполо: 11, 12, 14, 15, 16 и 17 со дванаесет астронаути. Аполо 7 и 9 биле летови во Земјината орбита, Аполо 8 бил лет до Месечевата орбита, Аполо 10 бил проба за спуштање на Месечината, без слетување, а спуштањето на Аполо 13 било откажано поради експлозија на резервоарот со кислород, но астронаутите преживеале и затоа оваа мисија е наречена "упешен неуспех".
Многу кратко по слетувањето, се јавија и низа теории на заговор кои тврдеа дека се работи за филмска сцена снимена во студио, којашто ја режирал легендарниот Стенли Кјубрик
Скептицизмот е убава работа, всушност тој се наоѓа и во основата на науката. Но, како што вели латинската поговорка: Пред фактите и боговите молчат, а фактите се следни – снимки од местото на првото слетување се направени, за што пишувавме тука и тука. На нив јасно се гледаат стојниот трап на лунарниот модул и делови од опремата којашто астронаутите ја оставиле за научни експерименти, како и трагата од издувните гасови направена и останата при полетувањето назад кон Земјата. За сите останати тези и факти, може да се информирате во написот “Луѓе на месечината - лага или подвиг?” објавен во ЕМИТЕР 9/2004.