Здраво,
Можете ли некако да ми помогнете во врска со еден проблем? Го имам изработено 8-каналното компјутерски управувано лајтшоу од ЕМИТЕР бр. 12/2008 (ППК349). Бидејќи на компјутерот не ми работеше LPT-портата, купив нова LPT-порта, но сега не можам да ги пренасочам сигналите на таа порта. Ги местам контролите во програмата Disco Litez, пуштам песна, а LED-диодите на уредот нон-стоп си светат.
Прашањето ми е дали постои некоја друга програма за да ги пренасочи сигналите кон новата LPT порта?
Марјан Ѓаковски

Програмата не ми е позната, но очигледно е, доколку е ставена нова картичка за LPT-порта, нејзината адреса не е истата како онаа во програмата. Адресата може да се нагоди во Control Panel-System-Devices. Таму се покажува LPT-портата и нејзината адреса. Адресата на картичката и програмата за контрола на лајтшоу-уредот, мора да се исти.
Добре Блажевски

USB to LPT емулаторот е скап и ретко се наоѓа. Најчесто во продажба има евтини USB to LPT конвертори, кои служат на USB-портот да се приклучи LPT-печатач, но начинот на пристап и принципот на работа е сосема различен. Кај стандардниот LPT-порт, DOS и Windows 98 пристапот е директен (преку адресата на LPT портот), додека кај Windows NT и кај поновите верзии, пристапот е преку системски драјвер. Кај USB to LPT конверторот, принципот на пристап е сосема друг, и сите програми кои користат директен пристап или пристап преку системски драјвер (вклучувајќи и DiscoLitez) не работат со овој тип конвертор. За да може да се употреби овој тип конвертор, потребен е софтвер (драјвер) кој ќе има улога на посредник меѓу програмата (во случајот DiscoLitez) и драјверот од USB to LPT конверторот.
За среќа, многумина се соочиле со овој проблем и решиле да ги преземат работите во свои раце, па така, на интернет можат да се пронајдат неколку драјвери за оваа намена (секој со свои предности и ограничувања). Но тоа не е сè – за да може лајтшоуто правилно да функционира, потребно е да се изработи и мал интерфејс меѓу лајтшоуто и USB to LPT конверторот.
Ќе се обидеме во некој од следните броеви да претставиме оптимално решение (ниска цена, лесно достапни компоненти, едноставна изработка и нагодување) за овој проблем, кое ќе овозможи приклучување на лајтшоуто од Емитер 12/2008 на компјутери без LPT-порта.
А ако имате десктоп компјутер и слободен PCI слот, можете да купите PCI to LPT картичка и мануелно да ја смените адресата на LPT на картичката. На овој начин, лајтшоуто би требало да работи без проблем.
Денис Галовски


Здраво Емитер,
Можеби сте заборавиле за што се работеше, па да ве потсетам – мојот проблем беше во 6-те интегралци LM338, за кои заклучивме дека се фалсификат и требаше јас да ги измерам. Ги испитав и заклучив дека всушност пиновите внатре се само кусо врзани, без никаква контрола на напон. Ако може да ми дадете стручен совет како да ја докажам измамата што ми е направена од страна на продавачот?
Со почит,
Столе Јовановски

Електронските компоненти, како и повеќето други резервни делови за апликации во други дејности, НЕ се предмет на гаранција, не само во Македонија туку и во цел свет. Продавачот не е должен да Ви ја замени робата или Ви ги врати парите. Впрочем, никој не може да потврди дали компонентите биле во таа состојба кога тој Ви ги продал или сегашната нивна состојба е резултат на нестручно ракување. Само доколку некои резервни делови се вградени од страна на стручно лице (сервис), можеме да зборуваме за некаква гаранција! Секоја чест на исклучоците, но во Македонија сè е можно, па ни овластените сервиси кои се должни да дадат гаранција за извршената работа и вградените компоненти, тоа ретко го прават!
Кога се работи за совест, односно за запазување на некои етички принципи, чесно е продавачот да ја испита состојбата, и, доколку се воспостави дека компонентите биле неисправни кога Ви ги продал, да Ве обештети материјално или финансиски, како и да Ве награди за посочената аномалија! Но и етичките принципи се ограничени со еден ноторен факт: рекламацијата би имала некаква логика доколку не сте ги употребиле компонентите! И тоа мислам дека е неспорно! Сепак, позитивна логика е да се испита секоја компонента пред вградување, и тоа на таков начин да не може да дојде до нејзино оштетување, па многу електроничари тоа го прават!
Во мојата долгогодишна практика секогаш сум примал рекламации за компоненти што очигледно не биле употребени и за кои купувачот ја има соодветната фискална сметка и доколку трансакцијата е извршена во иста фискална година. Дотолку повеќе, сум ги наградувал оние кои посочувале на можен фалсификат или неисправност на целата серија, што впрочем е многу лесно проверливо од резервите во продавницата – за што продавачот не е должен да дава отчет до купувачите, но како позитивен став секогаш сум го дозволувал тоа. Уште повеќе, сум дозволувал купувачите да дојдат со свои мерни инструменти и да си направат избор (и спарување) на компонетите што сакат да ги купат. И тоа кај многу од продавачите не е дозволено! Тоа е слично како да одите на зелен пазар и барате да си ги бирате јаболката – некои ќе ви го дозволат тоа, а некои не! Ама никој нема да ви ги врати парите доколку сте го гризнале јаболкото, а било црвјосано!
Емилијан Иљоски


Почитувани,
Ме интересира дали може да се најде некаде литература за инсталација на водовод и парно греење?
Даниел Дичоски

Кога се работи за литература за изведба на водовод и парно греење, морам да признаам дека таа е оскудна и ќе се сведе на некои книги од техничка термодинамика во која повеќе е насочено кон објаснувањето на законите од термодинамиката отколку на изведба на водоводни системи и топловодно греење. Во областа на изведбата на водоводни системи постојано излегува нешто ново, т.е. нови материјали што се употребуваат во изведбата на овие системи. Порано имаше само поцинкувани цевки и црни цевки за изведба на овие системи, а сега имаме ППР-цевки (полипропиленски цевки – пластика), потоа тотра пластично црево, алупласт, бакарни цевки и за сите нив најразлични фитинзи (Т-врски, колена, спојки и др.). Доколку сакате да се занимавате со изведба на овие системи, побитно е да знаете што има на располагање на пазарот, т.е. со кои делови можат да се изведат овие системи. Впрочем, доколку сте почетник моја препорака е да се прошетате низ техничките маркети во Скопје, како што се Бриколаж, Хубо маркет, Меркур, Електроелемент, и да ги разгледате елементите што се нудат за водовод и парно грење. Земете ги деловите и подрасклопете ги малку, и ќе ви стане јасно како се поврзуваат заеднички. Читајте ги декларациите и описот на производот па ќе им ги научите имињата и нивната големина и примена. Одредени информации можете да користите и од интернет. Изведбата на водовод не е ништо сложено, само треба да направите сложувалка на елементи кои ќе спроведуваат вода, а во однос на парното греење проблемот е малку посложен, но сепак не е некоја научна фантастика. На крај само да напоменам дека изведбата на водовод и парно е мајсторска работа, најверојатно и затоа нема толку литература – тие љубоморно го кријат своето знаење.
Во некои наредни написи ќе пишуваме повеќе за овие теми, кои би претставувале некој почетен курс за самоградба на водовод и парно греење.
Поздрав,
Мики Крстевски

Почитуван господине Мики, Ви благодарам за исцрпниот одговор и за времето што го одвоивте. Јас сум аматер во таа област, но начинот на спојување на елементите и изборот на материјал ми се познати. Сакам да наведам неколку работи што не ми се јасни и сакам да ги знам, а Вие доколку сте во можност, да ми помогнете. На пример на колкава квадратура треба да се инсталира радијатор и колкава е неговата големина за да ја постигне потребната топлина? Потоа, со колкав пречник на цевки се оди од котелот па до крајната цел (ако имаме неколку катови), како се поврзува котелот и др?
Ви благодарам и ако имате можност, некако да ми одговорите.
Со почит
Даниел Дичоски

Водоводните системи и парното греење се предмет на постојани иновации, и за да останете во тек со настаните, треба редовно да ги следите новините затоа што конкуренцијата во оваа област е безмилосна (од Кина до САД речиси секоја земја по нешто произведува и иновира). Порано за оние стари гусани радијатори, ако сте имале можност да ги видите, важеше пресметката (според мајсторите): едно ребро по квадрат за дефинирање на должината на радијаторот. Но овие радијатори веќе не се употребуваат, туку сега се употребуваат алуминиумски и панелни радијатори, а воедно за пресметка на должината на радијаторот треба да се вкалкулираат и други параметри – не е исто дали водата што ќе кружи во радијаторот е 40 степени или е 80 степени. Во однос на големината на цевките, се пресметуваат струјни загуби и поединечни протоци, т.е. да не се случи пумпата да не може да избутка вода до крајниот радијатор, па тој воопшто да не грее. Во однос на потребните пресметки и поврзувањето на котелот и инсталацијата на парното, рубриката "Писма" е премала за да го објасниме тоа, па затоа ветуваме дека во наредните пролетни и летни броеви ќе објавиме написи за монтажа на водоводни системи и монтажа на парно греење. Со тоа, вие и сите заинтересирани читатели ќе добиете опширен преглед на овие теми со многу трикови на мајсторите кои ги изведуваат овие системи.
За крај доколку сте аматер би ви препорачал со водоводот да правите експерименти, но со парното греење сè додека не ви стане јасно како функционира немојте да експериментирате, во најмала рака може да завршите со поплава по дома, а може и со изгореници и експлозија на целокупниот систем.
Поздрав
Мики Крстевски

П.С. Написите на овие теми веќе се подготвуваат па серијалот написи за инсталација на водовод ќе го започнеме од следниот број, а по него ќе следи и серијалот за инсталација на топловоден систем за парно греење.
Слободан Таневски