Инсталација на водовод и парно греење

Почитувани,
Ме интересира дали може да се најде некаде литература за инсталација на водовод и парно греење?
Даниел Дичоски

Кога се работи за литература за изведба на водовод и парно греење, морам да признаам дека таа е оскудна и ќе се сведе на некои книги од техничка термодинамика во која повеќе е насочено кон објаснувањето на законите од термодинамиката отколку на изведба на водоводни системи и топловодно греење. Во областа на изведбата на водоводни системи постојано излегува нешто ново, т.е. нови материјали што се употребуваат во изведбата на овие системи. Порано имаше само поцинкувани цевки и црни цевки за изведба на овие системи, а сега имаме ППР-цевки (полипропиленски цевки – пластика), потоа тотра пластично црево, алупласт, бакарни цевки и за сите нив најразлични фитинзи (Т-врски, колена, спојки и др.). Доколку сакате да се занимавате со изведба на овие системи, побитно е да знаете што има на располагање на пазарот, т.е. со кои делови можат да се изведат овие системи. Впрочем, доколку сте почетник моја препорака е да се прошетате низ техничките маркети во Скопје, како што се Бриколаж, Хубо маркет, Меркур, Електроелемент, и да ги разгледате елементите што се нудат за водовод и парно грење. Земете ги деловите и подрасклопете ги малку, и ќе ви стане јасно како се поврзуваат заеднички. Читајте ги декларациите и описот на производот па ќе им ги научите имињата и нивната големина и примена. Одредени информации можете да користите и од интернет. Изведбата на водовод не е ништо сложено, само треба да направите сложувалка на елементи кои ќе спроведуваат вода, а во однос на парното греење проблемот е малку посложен, но сепак не е некоја научна фантастика. На крај само да напоменам дека изведбата на водовод и парно е мајсторска работа, најверојатно и затоа нема толку литература – тие љубоморно го кријат своето знаење.
Во некои наредни написи ќе пишуваме повеќе за овие теми, кои би претставувале некој почетен курс за самоградба на водовод и парно греење.
Поздрав,
Мики Крстевски

Почитуван господине Мики, Ви благодарам за исцрпниот одговор и за времето што го одвоивте. Јас сум аматер во таа област, но начинот на спојување на елементите и изборот на материјал ми се познати. Сакам да наведам неколку работи што не ми се јасни и сакам да ги знам, а Вие доколку сте во можност, да ми помогнете. На пример на колкава квадратура треба да се инсталира радијатор и колкава е неговата големина за да ја постигне потребната топлина? Потоа, со колкав пречник на цевки се оди од котелот па до крајната цел (ако имаме неколку катови), како се поврзува котелот и др?
Ви благодарам и ако имате можност, некако да ми одговорите.
Со почит
Даниел Дичоски

Водоводните системи и парното греење се предмет на постојани иновации, и за да останете во тек со настаните, треба редовно да ги следите новините затоа што конкуренцијата во оваа област е безмилосна (од Кина до САД речиси секоја земја по нешто произведува и иновира). Порано за оние стари гусани радијатори, ако сте имале можност да ги видите, важеше пресметката (според мајсторите): едно ребро по квадрат за дефинирање на должината на радијаторот. Но овие радијатори веќе не се употребуваат, туку сега се употребуваат алуминиумски и панелни радијатори, а воедно за пресметка на должината на радијаторот треба да се вкалкулираат и други параметри – не е исто дали водата што ќе кружи во радијаторот е 40 степени или е 80 степени. Во однос на големината на цевките, се пресметуваат струјни загуби и поединечни протоци, т.е. да не се случи пумпата да не може да избутка вода до крајниот радијатор, па тој воопшто да не грее. Во однос на потребните пресметки и поврзувањето на котелот и инсталацијата на парното, рубриката "Писма" е премала за да го објасниме тоа, па затоа ветуваме дека во наредните пролетни и летни броеви ќе објавиме написи за монтажа на водоводни системи и монтажа на парно греење. Со тоа, вие и сите заинтересирани читатели ќе добиете опширен преглед на овие теми со многу трикови на мајсторите кои ги изведуваат овие системи.
За крај доколку сте аматер би ви препорачал со водоводот да правите експерименти, но со парното греење сè додека не ви стане јасно како функционира немојте да експериментирате, во најмала рака може да завршите со поплава по дома, а може и со изгореници и експлозија на целокупниот систем.
Поздрав
Мики Крстевски

П.С. Написите на овие теми веќе се подготвуваат па серијалот написи за инсталација на водовод ќе го започнеме од следниот број, а по него ќе следи и серијалот за инсталација на топловоден систем за парно греење.
Слободан Таневски