Здраво емитерџии!
Речиси редовно да го читам ЕМИТЕР од 2002 год. Имам некои пофалби и по некоја забелешка. Во броевите од 2002 и 2003 година повеќе ми се допаѓаше уредувањето на страниците, убави написи и почитливи, повпечатливи, сега како сè да е збиено. Инаку, цената е во ред, а и темите. Некои ми се допаѓаат повеќе, некои помалку, но вкупно земено е добро.
Инаку, јас сум аматер во електрониката, таа ми е како хоби. Најмногу теми ме интересираат од аудиообласта, како на пример, звучници, а од електрониката – електронски кола поврзани со оваа тема. Имам изработено неколку проекти од ЕМИТЕР и задоволен сум од нив. Еве, да кажам дека го изработив проектот High end предзасилувач со ECC83, но некако не бев задоволен од звукот и преправив некои работи. Го сменив отпорникот во катодата од првата триода од 2,87 kΩ на 1 kΩ и сега сум повеќе задоволен од звукот. Читателите што го изработиле нека се обидат, па ќе се уверат во оваа моја забелешка. И друго во врска со овој предзасилувач: каде најдовте ECC83 за предзасилувач? Таа е за гитарски предзасилувачи бидејки има засилување од 90 до 100. Еве, на пример, ECC82 има засилување околу 30 и е погодна за вакви работи.
Инаку, имам неколку предлози, но за почеток еве еден: Направете проект за предзасилувач со ламби 6DJ8 (6922) или некоја друга, а потоа и некој добар засилувач што ќе одговара. Филевски нека проектира звучник за оваа комбинација, а ние ќе бидиме многу задоволни од овој вака замислен проект. Инаку, на времето имаше рубрика "Операциона сала" за звучници од Филевски, која беше интересна тема за многу читатели, а и за мене. Препорачувам да ја обновите таа рубрика.
Да додадам и ова – по една бурна дискусија, и некои мои пријатели се заинтересираа за ЕМИТЕР и гледам и тие почнале да прават некои проектчиња од ЕМИТЕР.
Продолжете само така иако се тешки времињава, а ние – верните читатели ќе продолжиме со купување на Емитер. Поздрав и продолжете така понатаму, земајќи ги предвид овие мои сугестии за во иднина.
Вашиот читател Гоце,
со пријателите.

Ви благодариме за пофалбите, забелешките и сугестиите. Секогаш ни претставува големо задоволство кога ќе добиеме вакво писмо со конструктивни забелешки (и со пофалби, се разбира!).
Се сложуваме дека дизајнот на страниците на ЕМИТЕР изгледа збиено и стегнато, но тоа е одлика не само на поновите, туку и на старите броеви. Причина за ова е што имаме премалку страници за сите текстови и содржини што сакаме да им ги презентираме на читателите. Пораскошниот дизајн би барал поголем празен простор на страниците и поголеми фотографии и илустрации, поради што во списанието ќе има помалку написи или, пак, ќе треба да го зголемиме бројот на страници, а со тоа и цената на списанието. Сметаме дека за читателите е подобро ЕМИТЕР да има позбиен дизајн, и со тоа повеќе написи, отколку да има пораширен дизајн и помалку написи или повисока цена. Верувам дека поголемиот дел од читателите се согласуваат со овој наш избор.
Што се однесува до проектот за предзасилувачот со ламбата ECC83, тоа е само една варијанта од многуте – во ЕМИТЕР 11/2010 беше објавен проект за предзасилувач токму со ECC82. Инаку, ламбата ECC83 може да се искористи за најразлични намени, па дури и како излезна триода во засилувач на моќност – што на прв поглед изгледа невозможно! Но, токму таков засилувач направи познатиот конструктор на high-end засилувачи со ламби, Tim de Paravicini. Неговиот засилувач на моќност EAR V20 користи 20 ламби ECC83 во излезниот дел, а информација за тој засилувач објавив во еден постар број на ЕМИТЕР.
Двојната триода 6922 има одлични карактеристики и се користи во многу ценети предзасилувачи, но проблем е нејзината достапност во Македонија. Во план ни се лампашки предзасилувачи и излезен засилувач на моќност, а и нови проекти за звучници. Мене особено ми е мило што Ви се допаднала рубриката "Операциона сала". Интересно е тоа што уште пред да го добиеме Вашето писмо, одлучивме повторно да ја активираме рубриката "Операциона сала"!
Се надеваме дека Вие и Вашите пријатели и понатаму ќе наоѓате задоволство во проектите и текстовите од ЕМИТЕР.
Владимир Филевски


Пред сè, поздрав до редакцијата, среќни празници и многу успех и во оваа година.
Со намалување на температурата, се наголемуваат проблемите при старување на моторите со внатрешно согорување, а како последица од тоа, прв на удар најчесто е акумулаторот. Во Емитер се објавени неколку проекти за полнач на автомобилски акумулатор, но дали "филозофијата" на полнење акумулатор од мотоцикл е иста како кај акумулаторите за автомобил? Претежно, акумулаторот се полни со струја која е 1/10 од капацитетот на акумулаторот. Бидејќи мотоциклите се понекомфорни кога станува збор за сместување на акумулатор, тие користат акумулатори со помал капацитет и со поголема максимална струја. Доколку се водиме според тоа правило, во конкретниот случај, за моите потреби е потребна струја од 1,4 ампери бидејќи станува збор за акумулатор со напон од 12 волти, капацитет од 14 амперчаса и максимална струја од 230 ампери.
Во претходните броеви, главно, полначите ја надминуваат неколкукратно оваа струја на полнење, па би сакал во наредните броеви да објавите проект во кој ќе биде опишан полнач наменет за ваков тип акумулатори, кој се надевам дека ќе биде од корист не само за мене, туку и за повеќето читатели што поседуваат ваков вид моторно возило.
Ви благодарам за вниманието,
Горан Илиевски

Според некогашниот руски стандард ГОСТ, а веројатно и според други, има два типа полнење на оловни батерии (акумулатори). Првиот е со константна струја – кога напонот на полначот се нагодува така што низ батеријата ќе тече струја со вредност (капацитет во Ah)/10, како што велите вие, и вториот е со постојан напон – кога полначот генерира напон од 13,8V, а струјата е определена со самата батерија. Ако батеријата е исправна, тогаш на почетокот струјата е нешто поголема, а како одминува времето, таа опаѓа до нула. Од лично искуство знам дека овој, вториов начин е подобар, во смисла на тоа дека батеријата полнета на овој начин е подолготрајна. Впрочем, и алтернаторот на возилото (или мотоциклот) ја дополнува батеријата на овој, вториов начин.
Затоа, слободно изработете го проектот објавен во ЕМИТЕР 9 и 10 од 2006, каде што е опишана самоградба на ваков полнач:
https://emiter.com.mk/poveke.php?napis_id=1002
https://emiter.com.mk/poveke.php?napis_id=930
Сигурно ќе Ве чини помалку од еден стандарден полнач кој може да се најде по големите маркети кај нас, а ќе добиете неспоредливо подобар полнач, кој подеднакво ќе биде добар и за автомобил и за мопед/мотоцикл. Дури може, ако планирате да го користите полначот само за мопедот, да употребите трансформатор со двојно помала моќност од таа што е наведена во проектот, со што ќе заштедите на најскапиот дел од уредот. Значи, номиналната струја кај овој полнач е онаа максималната што може да ја даде полначот, а тоа не значи дека низ мала батерија тој ќе форсира толкава струја. Ограничување на струјата на максималната настанува само кога приклучуваме батерија со голем капацитет која би "повлекла" многу голема струја од максималната, но и таа батерија на крај ќе биде наполнета. Втор случај кога ограничувањето на струјата дејствува е во случај на приклучување неисправна батерија, а таква батерија никогаш нема да биде наполнета со каков било полнач. За мала батерија нема никаков проблем.
Кирил Крстевски


Здраво,
Го направив засилувачот со LM3886 (од Емитер 7-8/2004), но предзасилувачот со NE5532 го исеков од плочката зошто не ми се допаѓаше звукот. Сега имам функционален засилувач, но немам предзасилувач. Најмногу го употребувам како гитарски засилувач, со тоа што сигналот оди преку процесор во засилувачот, па во 6-инчни звучници Јамо. Во вашето списание имате објавено 2 шеми од 2010 и 2011 со ECC83, но не можам да се одлучам кој проект да го правам, поточно кој би одговарал повеќе за оваа конфигурација со LM3886 за засилување на гитарски сигнал и поретко за слушање музика на Panasonic ресивер од 80W. Воглавно ми треба за соодветно засилување на сигналот зашто некои уреди, како процесорот за гитара, на излез даваат многу слаб сигнал. А за предзасилувач со ECC83 се одлучив бидејќи никогаш немам направено нешто со ламби, а имам голема желба да слушнам како би звучеле звучниците Јамо на таков засилувач.
Во суштина, сакам да ве прашам дали да го правам проектот од 7-8/2010 или значително подобар е проектот од 4-5-6/2011?
Со почит,
Бранислав преку е-маил

На основа на Вашите потреби, моја препорака е да го изработите конверторот за лампашки звук со ECC82, објавен во бројот 11/2010: https://emiter.com.mk/poveke.php?napis_id=3228
Тој е прилично едноставен, а лампашката боја на звукот може да се регулира со влезниот потенциометар. Може да се употребува за лампашко обојување на звукот од кој било аудиоизвор, при што се поставува помеѓу аудиоизворот (CD-плеер, тјунер, MP3-плеер, излез од гитарски предзасилувач/процесор...) и влезот од засилувачот на моќност.
Сепак, за да добиете најгитарски звук од Вашата електрична гитара најдобро е да изработите соодветен гитарски предзасилувач (со полуспроводници или ламби) и соодветна звучна кутија за гитара. За ова погледнете ги проектите објавени во броевите 3-4/96, 4/2000, 1, 2, 3 и 4/2007.
Ќе се потрудиме во некој од следните броеви да објавиме проект за гитарски предзасилувач со ламби и звучна кутија за гитарски засилувач.
Слободан Таневски

Ви честитаме за успешно изработениот проект за засилувачот со LM3886. Што се однесува до предзасилувачот, воопшто не е чудно што не Ви се допаднал звукот на предзасилувачкиот дел со NE5532. Имено, тој предзасилувач е наменет за засилување на сигналот од hi-fi уреди, како на пример CD-плеер, тјунер и слично. Предзасилувач за гитара е сосема поинаков, со поголемо засилување и со поголема влезна отпорност. Штета што сте го исекле предзасилувачкиот дел од плочката, бидејќи со мала модификација (само три отпорника!) ќе добиевте пристоен гитарски предзасилувач. Не напишавте кој процесор за гитара го користите? Можеби тука исто така има некој проблем со компатибилноста на нивоата на сигналите? По правило, процесорот се става меѓу предзасилувачот и засилувачот.
Мислам дека најдобра варијанта е да направите предзасилувач за гитара со ламбата ECC83. Таков проект досега немаме објавено во ЕМИТЕР, но се надевам дека наскоро ќе објавиме и таков проект.
Но, убеден сум дека главниот проблем кај Вас е што користите апсолутно неадекватен звучник! Jamo е hi-fi звучник и воопшто не може да го даде оној вистински гитарски саунд. Задолжително мора да користите вистински гитарски звучник, а препрорачувам поголем – најмалку од 8 инчи, а најдобро би било да е 12 инчи, задолжително во соодветна гитарска звучна кутија. Јас можам да Ви понудам 12-инчен гитарски звучник P.Audio (копија на Celestion) по цена од само 3000 денари, или широкопојасен 8-инчен звучник (кој добро се покажа за таа намена) по цена од само 950 денари. Ако сте заинтересирани за купување на овие звучници, пишете порака на contact@audioexpert.com.mk.
Владимир Филевски


Почитувани,
Сакам да го изработам функцискиот генератор објавен во броевите 11/02, 12/02 и 1/03, па затоа ги нарачувам тие броеви и печатените плочки за овој проект. Воедно имам и прашање: На каков засилувач да го приклучам генераторот со цел да добијам систем за чистење со помош на ултразвук? Можете ли да ми предложите некој од проектите во Емитер, кој би бил соодветен за оваа намена? Јас го имам изработено засилувачот од 500 вати од Емитер 3/98, па дали би можел да го искористам него без или со одредени модификации?
Однапред ви благодарам,
Блашко Крстев

Во основа, кај системите за чистење што користат ултразвук, имаме моќен пиезоелектричен претворувач и тоа е најскапата компонента во целиот систем (повеќе од 75% од вкупната вредност на електрониката). Кога ќе го имаме него, како и кога ќе го имаме изработено системот за прицврстување на истиот на садот предвиден за намената, ќе мораат да се направат одреден број мерења за да се утврди потребниот тип и моќноста на засилувачот, како и најпогодните бранови облици за да се добие максимален ефект со дотичниот механички систем.
Поради гореискажаното, доколку се користи соодветно готово решение за електрониката, мораме да бидеме свесни дека тоа решение е направено исклучиво само за употребениот ултразвучен претворувач и за применетото механичко прицврстување и затоа неговата примена во други "услови" во просек би дала поразителни резултати.
Од друга страна, општо земено, функциски генератори и аудиозасилувачи од АБ-класа нема да задоволат поради гореискажаното, а и поради ред други причини. Во постарите генерации комерцијални уреди за оваа намена, често се изработува засилувач во Ц-класа за линеарни апликаци (за синусни, триаглести или пилести напони) или решение на осцилатор на сложен бранов облик со интегриран засилувач на моќност – овие решенија редовно бараат изработка на специфичен трансформатор на моќност со повратна врска, што не е толку лесно изводливо во самоградба.
Поновите системи редовно користат разни импулси и сложени бранови облици. Тука многу добри се покажуваат засилувачите на моќност на дигитални сигнали, а во поново време и засилувачи во Д-класа. Тука често се изработува и соодветна повратна врска која ги "оптимизира" обликот и амплитудата на импулсите. Постојат и уреди кои користат повеќе претходно поставени бранови облици за да се добијат оптимални реултати при разни апликации, но тие се навистина скапи.
Како што гледате, оваа област е мошне комплексна, и потребни ми се повеќе информации за да можам да ви предложам некое конзистентно решение. Затоа мораме да одиме постапно, а првата (и основната) стапка е да добијам информација за моделот на претворачот што имате намера да го користите, како и за предвидената механичка монтажа на истиот.
Емилијан Иљоски