Полнач за акумулатор од мотоцикл

Пред сè, поздрав до редакцијата, среќни празници и многу успех и во оваа година.
Со намалување на температурата, се наголемуваат проблемите при старување на моторите со внатрешно согорување, а како последица од тоа, прв на удар најчесто е акумулаторот. Во Емитер се објавени неколку проекти за полнач на автомобилски акумулатор, но дали "филозофијата" на полнење акумулатор од мотоцикл е иста како кај акумулаторите за автомобил? Претежно, акумулаторот се полни со струја која е 1/10 од капацитетот на акумулаторот. Бидејќи мотоциклите се понекомфорни кога станува збор за сместување на акумулатор, тие користат акумулатори со помал капацитет и со поголема максимална струја. Доколку се водиме според тоа правило, во конкретниот случај, за моите потреби е потребна струја од 1,4 ампери бидејќи станува збор за акумулатор со напон од 12 волти, капацитет од 14 амперчаса и максимална струја од 230 ампери.
Во претходните броеви, главно, полначите ја надминуваат неколкукратно оваа струја на полнење, па би сакал во наредните броеви да објавите проект во кој ќе биде опишан полнач наменет за ваков тип акумулатори, кој се надевам дека ќе биде од корист не само за мене, туку и за повеќето читатели што поседуваат ваков вид моторно возило.
Ви благодарам за вниманието,
Горан Илиевски

Според некогашниот руски стандард ГОСТ, а веројатно и според други, има два типа полнење на оловни батерии (акумулатори). Првиот е со константна струја – кога напонот на полначот се нагодува така што низ батеријата ќе тече струја со вредност (капацитет во Ah)/10, како што велите вие, и вториот е со постојан напон – кога полначот генерира напон од 13,8V, а струјата е определена со самата батерија. Ако батеријата е исправна, тогаш на почетокот струјата е нешто поголема, а како одминува времето, таа опаѓа до нула. Од лично искуство знам дека овој, вториов начин е подобар, во смисла на тоа дека батеријата полнета на овој начин е подолготрајна. Впрочем, и алтернаторот на возилото (или мотоциклот) ја дополнува батеријата на овој, вториов начин.
Затоа, слободно изработете го проектот објавен во ЕМИТЕР 9 и 10 од 2006, каде што е опишана самоградба на ваков полнач:
https://emiter.com.mk/poveke.php?napis_id=1002
https://emiter.com.mk/poveke.php?napis_id=930
Сигурно ќе Ве чини помалку од еден стандарден полнач кој може да се најде по големите маркети кај нас, а ќе добиете неспоредливо подобар полнач, кој подеднакво ќе биде добар и за автомобил и за мопед/мотоцикл. Дури може, ако планирате да го користите полначот само за мопедот, да употребите трансформатор со двојно помала моќност од таа што е наведена во проектот, со што ќе заштедите на најскапиот дел од уредот. Значи, номиналната струја кај овој полнач е онаа максималната што може да ја даде полначот, а тоа не значи дека низ мала батерија тој ќе форсира толкава струја. Ограничување на струјата на максималната настанува само кога приклучуваме батерија со голем капацитет која би "повлекла" многу голема струја од максималната, но и таа батерија на крај ќе биде наполнета. Втор случај кога ограничувањето на струјата дејствува е во случај на приклучување неисправна батерија, а таква батерија никогаш нема да биде наполнета со каков било полнач. За мала батерија нема никаков проблем.
Кирил Крстевски